Лаже Арбер Адеми, а кој лаже…

Не му замерувам што ме нарекува јастреб, само жалам што во овој момент јас него не можам да го наречам орел, бидејќи се однесува како – кокошка на буниште.

13,395

Во синоќешната изјава пред полициската станица Карпош во Скопје, додека на распит беше поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, Арбер Адеми, потпретседател и портпарол на ДУИ, даде изјава, во која, меѓу „медиумските јастреби на владејачките партии“, го спомна и порталот Плусинфо.

Еве што рече Адеми за нашиот портал:






„Уште во 9 часот порталот Плусинфо ја развива теоријата дека позади овој настан (трагедијата во Кочани – м.з.) стои некој Албанец од ДУИ, за да потоа, откако други провладини портали ја објавуваат истечената лиценца од 2023 година, ја бришат веста, за да после неколку часа ја побјавуваат веста за некоја фалсификувана лиценца, како главен столб на владиниот спин наратив“.

Безмалку се што е кажано во оваа изјава е лага.

Но, да почнеме со ред.

Во 8.52 часот во неделата, на порталот Плусинфо јас лично ја објавив следната вест:

ОБЈЕКТОТ НЕКОГАШ БИЛ МАГАЦИН ЗА ТЕПИСОНИ Лиценцата за кабаре му била до 24 март

Во овој текст пишува дословно: „Во времето кога градоначалник на Кочани бил Ратко Димитровски, објектот од државата не добил дозвола да биде дискотека. Но, подоцна добил, а менаџерите се фалеле дека ‘заслугите’ за тоа се на еден поранешен министер“.

Вистина е дека пред едитирањето, во веста пишуваше „еден поранешен министер од ДУИ“.

Секој може да кликне на линкот (насловот во црвени букви) и да се увери дека никаде во оваа вест, ниту во било која друга вест поврзана со овој настан, не се спомнуваат зборвите „Албанец од ДУИ“.

Арбер Адеми безочно лаже!

Зошто ја едитирав оваа вест?

Неколку часа по објавувањето на веста, ми стаса порака од Бујар Османи. Со неговите политички погледи многу сериозно се разидувам, но секогаш сум го почитувал и како човек и како соговорник. Бујар Османи во пораката протестираше против „тенденциозното спомнување на ДУИ“ во мојата вест.

Иако во текот на целото владеење министрите од ДУИ го признаваа само авторитетот на партискиот лидер Али Ахмети, во име на мојата почит кон Османи и кон приврзаниците на неговата партија, ја прифатив неговата критика и му ја напишав следнава порака:

„Веднаш ќе направиме исправка. Кога ќе дознаеме официјално кој ја потпишал лиценцата, тогаш ќе објавиме од кој ресор излегла и кој бил министер. Но, во право сте, во овој момент ирелевантно е од која партија е. Исправката следи брзо“.

Така и би. Од фразата „поранешен министер од ДУИ“, ги избришав зборовите „од ДУИ“. Ништо повеќе и ништо помалку.

Апсолутна лага е тврдењето на Арбер Адеми дека веста била избришана. Секој може да кликне на посочениот линк и да се уверите дека веста не е избришана.

Збор-два и за прашањето за лиценцата на дискотеката на смртта.

Точно е дека во првичната стои дека дискотеката имала лиценца до 24 март. Тоа не е сосема неточно. Лиценца имало, но во неделата во 8.52 часот не беше познато дека таа лиценца била – фалсификувана.

Во 15.02 часот ја објавив следната вест:

ДИСКОТЕКАТА РАБОТЕЛА СО ФАЛСИФИКУВАНА ЛИЦЕНЦА?! Била издадена во времето кога министер бил Крешник Бектеши

Во овој текст пишува: „На фалсификуваната лиценца била потпишана Размена Чекиќ Дуровиќ, бивш државен секретар на Министерството за економија во времето на Бектеши“.

Крешник Бектеши не е спомнат како потписник на лиценцата, или како виновник, ниту како Албанец, туку како министер за чие министерување биле издадени и легалната лиценца за дискотеката (според ТВ21, на 13 март 2023 година – наведено во текстот) и фалсификуваната лиценца.

Впрочем, овие податоци ги потврдија и министерот за внатрешни работи и премиерот. И Размена Чекиќ Дуровиќ и Крешник Бектеши биле на распит. Додека го пишувам овој текст, Бектеши се уште е на распит.

За Арбер Адеми, прашањето кој ја издал лиценцата за работа на импровизираната дискотека и во какви околности, е неважно. За мене, а верувам и за голем дел од читателите, тоа е многу важно прашање.

Потписничката на лиценцата треба да каже зошто ја потпишала лиценцата во 2023 година и како се убедила дека дискотеката на смртта ги исполнувала безбедносните и сите други потребни стандарди.

Од извори во Кочани (не од спомнатиот Ратко Димитровски), дознав дека по долгото одбивање на Министертвото на економија да им издаде лиценца за овој објект, сопствениците на дискотеката успеале и потоа се фалеле во чаршијата дека „подмачкале“ каде што треба.

Не тврдам дека тоа е точно, не ги обвинувам ни Чекиќ Дуровиќ ни Крешник Бектеши за било што, но од нив барам одговорност за она што се неспорни факти.

Реков веќе, државната секретарка во ова Министерство мора да го објасни својот потпис, а Крешник Бектеши мора да ја преземе одговорноста за состојбите во својот ресор, без оглед дали знаел или не знаел за конкретната лиценца.

Тоа е моето разбирање на нештата. Арбер Адеми има поинакво мислење, тој е убеден дека актуелната власт требало да утврди дека објектот бил со спорна лиценца и дека затоа Бектеши не е одговорен за ништо.

Не е страшно да имаме различни мислења. Мислам дека не е страшно ни кога во написите и исказите има непрецизности кои суштински не влијаат на фактите. Но, страшно е кога се лаже. А уште пострашно е кога се лаже со јасна цел некој да се обвини дека некој имал намера за трагедијата во Кочани да обвини – Албанец.

Посебно е страшно, а и прилично глупаво, некој за тоа да ме обвини мене, новинар од чие перо и уста никогаш не излегло нешто што може да се толкува како антиалбанство. А тоа важи и за известувањето на Плусинфо.

Арбер Адеми не сака да види, но факт е дека Крешник Бектеши не е спомнат и титулиран како Албанец, туку како министер со објективна одговорност за состојбите во неговиот ресор.

Ете затоа, не е убаво што Арбер Адеми се служи со лаги, во својот обид да го дискредитира и да го демонизира порталот Плусинфо.

Јас лично не му замерувам што мене ме нарекува јастреб, само жалам што во овој момент јас него не можам да го наречам орел, бидејќи се однесува како – кокошка на буниште.

Поврзани содржини