ООУ ,,Лазо Ангеловски“ во општина Аеродром, ќе биде домаќин на првиот настан „Ласер ран“ во Македонија, кој ќе се одржи во петок на 02.12.2022 година, со почеток во 10 часот во Спортскиот центар „Марко Божиновски“. На настанот ќе учествуваат 150 ученици од училиштето, на возраст од 9 до 14 години, кои ќе се натпреваруваат во трчање и во ласерско пукање.
Ова е прв настан во нашата земја што вклучува ваква комбинација на спортови, кои се дел од модерниот пентатлон. Оваа атлетска дисциплина која постои уште од античко време и е основа на Олимписките игри, денес опфаќа пет спорта – трчање, пукање, пливање, мечување и јавање.
„Ласер Ран Скопје 2022“ е во организација на „Модерен пентатлон, асоцијација на РСМ“, заедно со Македонскиот олимписки комитет. Асоцијацијата на Модерен пентатлон е регистрирана во 2019 година, но поради пандемијата со корона, активно почна да работи оваа година, токму со организација на настанот „Ласер ран Скопје 2022“.