ЛАПСУС НА КОВАЧЕВСКИ ИЛИ ПОЛИТИЧКИ ТРИК ЗА СПАС НА „ТЕ-ТО“? Нема причина струјата да поскапи 20% поради бугарската такса

Според енергетски експерти, цената на гасот не треба да влијае на цената на струјата произведена од домашните државни компании бидејќи природниот гас има незначително учество во производството на струја. Само 35 мегавати се произведуваат од гас, а когенеративната централа „Те-То“ која користи природен гас во производството е приватна компанија која струјата ја нуди на слободен пазар и ја продава на земјава по берзанска цена.

1,181

Нема причина за зголемување на цената на струјата од 20% поради бугарската такса на природен гас од Русија, велат експерти, енергетичари и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека треба да очекуваме вакво зголемување на цените на струјата и парното, ако Бугарија не ги ослободи потребните количини на природен гас.

Според енергетски експерти, цената на гасот не треба да влијае на цената на струјата произведена од домашните државни компании бидејќи природниот гас има незначително учество во производството на струја. Само 35 мегавати се произведуваат од гас, а когенеративната централа „Те-То“ која користи природен гас во производството е приватна компанија која струјата ја нуди на слободен пазар и ако ја продава на земјава ја продава по берзанска цена.






Најголемиот производител на струја во земјава РЕК „Битола“ и ТЕД „Осломеј“ во производството користат јаглен и мазут, ТЕЦ Неготино користи мазут, а дел од енергијата се произведува од вода, ветер, сонце и биогас. Природен гас во производството користи само „Когел“ и когенеративната централа „Те-То“ која произведува една третина од вкупното производство на струја во земјава.

Професорот Константин Димитров вели дека природниот гас во процесот на производство на струја во земјава речиси и да нема никакво учество и затоа нема потреба од зголемување на цената на струјата.

– Нема причина за зголемување на цената на струјата за 20% бидејќи природен гас за производство на струја во земјава не се користи, освен во производството на централата „Когел“ која произведува само 35 мегавати, количина на струја која е занемарлива во однос на останатото производство и потребите од струја во земјата. Когенеративната централа „Те-То“ користи природен гас, но таа е приватна компанија која продава струја на слободниот пазар по берзански цени, односно продава струја кому сака и колку сака, а цената ја формира самата според конкуренцијата и движењето на берзите – вели Димитров.

Единствена причина за зголемување на цената на струјата, вели тој, е ако земјава не произведува струја и ја увезува по актуелни цени на пазарот. Но тој смета дека процентот и во тој случај нема да биде 20.

– Доколку не произведуваме струја и процентот на увоз на овој енергенс е висок, тогаш цената ќе зависи од берзанските цени на струјата. Но и тогаш државата и компаниите кои се обезбедуваат со струја од слободниот пазар, можат да бираат да ја набават струјата од производители кои не користат природен гас во производството кој е оптоварен со бугарската такса, односно имаат пониска цена на струјата од произведената во „Те-То“. Тоа ќе значи дека тие нема да купуваат струја по цена зголемена за 20%, туку за процент на зголемување постигнат на берзите – вели Димитров.

И професорот Ристо Цицонков вели дека нема логична причина цената на струјата да се зголеми за 20% поради бугарската такса за гас.

– Најверојатно е лапсус на премиерот во однос на цената на струјата или политички трик според кој прво ќе му се каже на народот дека струјата ќе поскапи, а потоа да се донесе одлука цената да се субвенционира и да  се покаже дека се мисли на граѓаните, но нелогично е да се зголемува цената на струјата поради оваа такса бидејќи земјава не произведува струја од гас. Она што се произведува е од страна на приватна фирма која продава струја на слободен пазар, па може да ѝ продаде и на државата. Но за разлика од струјата кај цената на гасот и цената на парното, бугарската такса ќе има влијание и процентот на зголемување на цената ќе биде оној за кој е таа такса – вели Цицонков.

Енергетичарот и основач на невладината „Но пасаран“, Маријан Ненов вели дека е нелогично да се зголеми цената на струјата за 20%, освен ако владата сака да се спасува приватната компанија „Те-То“ од проблемите што ќе ги има поради неконкурентната цена и да го спасува парното во Скопје во кое „Те-То“ учествува со 50%.

– Со цената на природниот гас зголемена за бугарската такса когенеративната централа „Те-То“ станува неконкурентна на пазарот бидејќи нејзината цена ќе биде повисока од другите производители и со тоа ќе ги намали приходите што е нејзин проблем, а не е државен. Но, и зголемувањето на цената на струјата на овој производител во случајов е пренапумпано бидејќи фактички тоа ќе изнесува пораст од 3 до 4%. Зголемување од 20% е превисоко и само наведува на заклучок дека политичарите сакаат да му наметнат на народот да финансира приватна фирма од што интерес ќе имаат само политичарите и бизнис олигарсите кои се поврзани со оваа компанија. Ако владата сака да ја спасува оваа централа од проблемот со високата цена на гасот поради парното тогаш може да се каже дека и цената на топлинската енергија произведена како нуспроизвод од работата на централата непотребно се трупа. За нуспроизвод кој може да заврши неискористен не се плаќа олку висока цена или пак да се пресметува зголемување на цената за 20% – вели Ненов.

Тој предлага државата да не се откажува од топлинската енергија произведена во „Когел“ и да врати дел од потрошувачите на неговата мрежа наместо 50% од снабдувањето со парно да се потпира на „Те-То“.

И опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираше на најавата за зголемување на цената на струјата од 20%. Партијата прашува како може да има толку големо поскапување на струјата кога цената на гасот на берзите е 3 пати пониска од лани ова време.

– Нешто очигледно не штима на релација СДС – ДУИ или пак апетитите за нечии профити се огромни, а граѓаните треба истото да го покријат. Чист факт е дека лани ова време цената на гасот на берзата во Холандија беше над 110 евра за мегават час, за сега мегават час се продава под 50 евра, што е повеќе од двојно пониско. Фјучерсите кои се продаваат за цела грејна сезона 2023/2024 според европските берзи не надминуваат 50 евра за мегават, но сепак Ковачевски се заканува со покачување на цената на струјата и парното. Второто веќе е поскапено за 5% – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Плусинфо ја праша и Владата врз основа на што се најавува олку високо зголемување на цената на струјата и на парното, но не доби одговор.

И покрај двата конфликта меѓу Украина и Русија и актуелниот конфликт меѓу Израел и Хамас годинава нема големи осцилации на цената на струјата на берзите како што тоа се случи лани во екот на енергетската криза. Просечната цена на струјата не надмина 110 евра за мегаватчас, што е далеку од ланските просеци кога струјата на берзите достигнуваше цена од 600 до 1.000 евра за мегаватчас.

Експертите не очекуваат драстичен пораст на цената на струјата и во наредниот период како што беше лани.

– Лани растот на цената на струјата беше предизвикан од неочекуваната состојба. Неколку европски земји не беа подготвени за таквата ситуација и мораа интервентно да набавуваат струја што влијаеше на пазарот на струја и на цените. Но, годинава ќе има вообичаено зимско зголемување на струјата, без такви ланските ефекти, бидејќи државите веќе се снабдија со потребните количини струја и гас и не се очекуваат поголеми осцилации на цената – вели Цицонков.

 

Поврзани содржини