ГИ ЗАБАВУВАА СКОПЈАНИ НА ПЛОШТАД, НО ПАРИ НЕ ВИДОА Музичарите си ги бараат ланските хонорари – на Данела не ѝ се слуша
Комората за музичка индустрија поднела тужба поради тоа што над 50 уметници не добиле никаква исплата. Според нивните тврдења, договорените исплати требало да се реализираат во рок од три месеци, но сè уште нема пари на нивните сметки.
Музичките уметници кои минатата година настапија на Плоштад Македонија во Скопје за време на новогодишните празници, останале без хонорарите што им биле ветени од страна на Град Скопје. Тие, како дел од програмата за новогодишни и божиќни празници, потпишале договори за исплата на хонорари, но после цела година, тие сѐ уште ги чекаат своите пари.
Комората за музичка индустрија поднела тужба поради тоа што над 50 уметници не добиле никаква исплата. Според нивните тврдења, договорените исплати требало да се реализираат во рок од три месеци, но сè уште нема пари на нивните сметки. Овие уметници велат дека биле поттикнати да снимаат видеа во кои го фалат Град Скопје и неговата организација, но, на крајот, не добиле ништо во замена, објави Сител.
Град Скопје се оградува од обвиненијата на Комората за музичка индустрија. Според изјавите на градските власти, тие немаат договор за ангажирање уметници за 2024 година, иако претставниците на Комората учествувале во јавен повик и презеле обврски за организирање на настанот. Во меѓувреме, Градот наводно нема никаква вината за ситуацијата, бидејќи обврската за финансирање и реализација на настанот била во рацете на Комората. Оваа организација, според тврдењата на градските власти, не доставила соодветна документација за реализација на настанот.
Како последица на овие настани, Град Скопје најави дека ќе поднесе тужба против одговорното лице во Комората на музичка индустрија и ќе бара одговорност за начинот на кој се финансирале активностите преку надлежните институции.
Град Скопје ги упатува уметниците кои се чувствуваат изиграни од Комората да покренат постапки за наплата на хонорарите преку правни средства, согласно договорените услови. Исто така, властите апелираат да се избегнуваат политички манипулации и да не се подлегнува на невистински тврдења, кои наводно се изнесени од страна на претставниците на Комората.
За да се избегнат слични ситуациите во иднина, важно е сите страни да бидат одговорни и да се придржуваат до утврдените договори и правила.
Инаку минатата година под мотото „Градот убав ве кани сите“, на 25 декември 2023 година на плоштадот „Македонија“ во Скопје почнаа предновогодишните настани насловени „Празнична приказна“, во организација на Град Скопје и Комората на музичката индустрија.
Од Град Скопје за најлудата ноќ ги повикаа скопјани да дојдат на целодневна забава за сите генерации.
„Градот Скопје заедно со Комората на музичката индустрија за пречекот на Новата 2024 година организира целодневна забава за сите герерации на градскиот плоштад во Скопје со исклучиво домашни изведувачи меѓу кои Тин Камп, Скопје Лејдис Оркестра, Пауза за ракија, Тринити Стрингс, Слаткар, Дарио, Мерак Меана со Сузана Гавазова, Влатко Миладиновски, Стојне Николова, Душко Георгиевски и Блага Петреска“, информираа тогаш од Град Скопје.