Лагата преоблечена во дезинформација
А кога и еден таков мега-скандал како „аферата usaid“ се замотува наместо да се одмотува низ барање на вистината, не е чудно што и онаква доза лаги – или, ајде нека се само дезинформации! – на опозицијата поминуваат низ македонскиот етер. Или сето она што (повторно) намерно се „замотува“ околу трагедијата во Кочани и нејзината политикантска злоупотреба? Што е само уште еден доказ за лажниот морал и етика, за непрофесионалноста и отсуство на чувството за вистина кај оние кои ни продаваат „вистини“.
Некои велат дека лагата е еден од неизбежните делови на човековата природа. Што сака да рече дека сите, еднаш или постојано, лажеме? Можеби, особено политичарите (не само) во Македонија, речиси без исклучок. А сепак, никој, никогаш, не им вели дека лажат, туку нагалено ги етикетираат дека – шират дезинформации. Па врз основа на тој современ милозвучен синоним за лагата, се родија спин-доктори, вистиномери, трагачи по дезинформации, фактчекери и слични надрилекари на „вистината“, кај кои – безмалку веднаш – ја препознавате политикантската ориентација, „идеолошката“ боја, скриената агенда итн.
Што за македонската политика е (повторно) можеби „нормално“, но дали и за сите други „фактори“ – особено за „интелигенцијата“, медиумите, новинарите и др. – што „се лепат“ на политиката? И главно добро живуркаат, а некои богами и сосема солидно живеат од неа?
А бидејќи минатиот пат спомнав дека уште малку ќе се занимавам со „вдахновениот“ патриотски говор на „претседателот“ на куќниот совет што ја глуми некогашната политичка партија сдсм (малите букви се…) во Струмица, некако наивно помислив дека тоа ќе биде предмет и на некои „вистиномерни“ и „аналитички“ проверки со познатиот интелектуален шмек. Но залудно, се разбира, тие таму не смеат да чепкаат. А би требало. Зашто, само во една реченица „претседателот“ на куќниот совет истрескал едно чудо измислици, дезинформации, невистини…, или посеал семе на безочни лаги, како сакате.
На пример: „Бенефитот од влезот во Европа е многустран. Тоа е признание за нашиот идентитет, тоа е економски напредок, тоа е фер судство, тоа се повисоки плати, подобри услови за живот. Но најважно – тоа е начин за обединување на сите Македонци. Во и надвор од земјата“ (sic!).
Ако добро се сеќавам, пред една година (март 2024), ЗНМ во соопштение тврдеше дека „политичарите треба да се одговорни во своите јавни настапи бидејќи тие се јавни личности кои придонесуваат во креирањето на јавно мислење, а со своите постапки можат да влијаат негативно врз граѓаните кои ги следат“! Но денес, овде, не гледаат намерно погрешно „креирањето на јавно мислење“, не читаат неодговорно јавно настапување, па и ширење лаги или – ајде ако баш сакате – дезинформации? Или оние кои уживаат да препознаваат „лажен патриотизам“, не го гледаат тоа овде? Или токму таквиот „патриотски“ говор го сметаат за „зрел однос кон заедничкото, еден зрел емоционален и рационален однос кон заедничкиот простор, институциите, ресурсите и луѓето“?
Но, ако ја оставиме онаа епохална глупост за „признание на нашиот идентитет“ (за што веќе пишував), изгледа некој од оние спин-доктори и фактечекери, но и ЗНМ, сериозно мисли – или сака ние да мислиме! – дека „влезот во Европа“ значи и фер судство? Како? Таа Европа ќе поставува нови (фер) судии кај нас а сегашниве ќе ги разреши, да не речам – избрка? Па нели тоа го ветуваше и оној Заев и оваа сдсм? И? Или: Европа ќе донесе поголеми плати? Зарем навистина некој мисли – или сака ние да мислиме! – дека таа Европа, па дури и онаа еу, ги димензионира платите во Македонија? А ако тоа не е така, а не е бидејќи власта го прави тоа (а кога оваа сдсм беше власт само себеси си ги покачи платите за 75%!), тогаш како ќе имаме – подобар живот? Со самиот факт што ќе влеземе во Европа? Па може ли некој да е толку наивен, па и глупав, или го мисли народот – уште поглупав?
И на крај, најважното: нашиот влез во Европа ќе бил „начин за обединување на сите Македонци. Во и надвор од земјата“! Извинете, зарем сите вие верувате во ова само поради фактот што тоа ви го ветува Заев, (оној истиот кој не знаеше на кој јазик говори), но сега преку – Филипче? Се разбира, секој има право да верува во што сака, па дури и во Заев и во Филипче, но ова сепак е премногу. И не е дезинформација туку е – чиста лага. Или барем некој да прашаше како „лидеро“ замислува тоа да го изведе? Поточно, како ќе ги обедини „сегашниве“ Македонци, оние кои чекаат еу да им го признае идентитетот, со оние кои не се гледаат како „сегашни“ или „утрешни“ туку сепак ги почитуваат своите претци и историјата? Па дури и оние кои себеси сакаат да се видат како потомци на оној Александар, или Македонците од дијаспората кои се прилично чувствителни по националното македонско прашање?
Или ние, сепак, треба безрезервно да му веруваме на збор на „претседателот“ на куќниот совет?!
Ако пак сите зборови и постапки на луѓето од врвовите на новата власт беа/се под дурбинот на оние надрилекари на вистината и македонската „пајтон интелигенција“, ако секоја нивна точка и запирка се „темелно“ спинувани и контраспинувани само за да изгледаат како невистини особено кога станува збор за процесот на македонските евроинтеграции, како целата таа чета „вљубеници во вистината“ ги заобиколува ваквите искази – или лаги, како сакате – на „лидеро“ на опозицијата? Или му отпишуваат на глупоста, на неговите не баш сериозни познавања не само на политиката туку и на суштинските нешта токму за процесот на евроинтеграциите? Но, не им простуваат на другите, нели?
Или, се сеќавате каква разврска имаше „аферата usaid“ (малите букви се…) во медиумите? Никаква. Дури една почитувана новинарка велеше да бевме толку загрижени за тоа како се трошат нашите буџетски пари, а не парите на usaid немаше да бидеме на ова дереџе. И заборава – не знам дали случајно или намерно, би сакал да е првото – дека во изминативе седум години истите луѓе, оние пулени на usaid, ги трошеа и „нашите буџетски пари“. За сѐ и сешто, и тоа не мали пари, зашто тие беа главните корисници и на буџетските средства, распределувани од нивните истомисленици од „Шарената“, од партијата сега спадната на куќен совет и др. Само повторно нека ги погледнат износите од онаа – се надевам веќе затворена! – агенција за иновации (малите букви се…), од конкурсите во Министерството за култура итн. Така што, да не се лажаме или залажуваме, овде стануваше збор за страотни лаги и пљачкосувања, за премолчување на вистини односно нереагирање на злото итн.!
А кога и еден таков мега-скандал како „аферата usaid“ се замотува наместо да се одмотува низ барање на вистината, не е чудно што и онаква доза лаги – или, ајде нека се само дезинформации! – на опозицијата поминуваат низ македонскиот етер. Или сето она што (повторно) намерно се „замотува“ околу трагедијата во Кочани и нејзината политикантска злоупотреба? Што е само уште еден доказ за лажниот морал и етика, за непрофесионалноста и отсуство на чувството за вистина кај оние кои ни продаваат „вистини“.
И токму за тоа, за моралната страна на лагата, говори и Сисела Бок (1934), шведско-американска филозофка, во нејзиното ремек-дело „Лажење: морален избор во јавниот и приватниот живот“ (Lying: Moral choice in public and private life, 1978), која, како што е редот, тврди дека лагата е морален избор што го правиме речиси секој ден. Ако не и секој час, секоја минута од нашето живеење! И Бок е сосема јасна и децидна во дефинирањето на лагата како „намерно лажовита порака во форма на изјава“. Што е и најпрецизно дефинирање на сето она што го изрече водачот на опозицијата во Струмица. И што, во голем дел, е сржта, или суштината, на бројни „истражувања“ на онаа чета надрилекари кои се занимаваат само со одредени „вистини“, на онаа веќе жална македонска „пајтон интелигенција“ која токму некрофилски се храни од туѓите трагедии итн.
И кај нив актот на лагата е енциклопедиски едноставен: сите „туѓи“ лажат, само нашите – не. И тука нема пардон, нема извинувања, нема задршка, без оглед што станува збор за очигледни лаги! Како оние од Струмица, оние за Кочани… Зашто лагата „врие“ полека, работи долгорочно, се преоблекува како невина дезинформација, дури како опозициски „став“… чиишто ефекти не се веднаш јасно видливи. Но консеквенците ќе се препознаат кога луѓето ќе почнат да ја прифаќаат лагата како вистина, ќе очекуваат евроинтеграциите да им ги донесат тие посакувани состојби, ќе се чудат зошто некој е против таквите благосостојби…
Тогаш и ординарната лага преоблечена како „случајна“ дезинформација ја исполнила својата цел, намерно ширела лажни пораки за да ги измами граѓаните, да произведе јавна штета, да обезбеди некаква политичка добивка.
Извор: Теодосиевски уметност