ЛАБУДОВИЌ ВЕТИ СУБВЕНЦИИ ЗА ГОДИШЕН СЕРВИС НА ЛИФТОВИ И ХИДРАНТИ Ќе се покрива до 70 отсто од сумата за сервисирањето

85

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, ја најави новата мерка за субвенционирање на најголемиот дел од трошоците за годишниот сервис на лифтови и хидранти во сите станбени згради – чекор што има за цел да ја зголеми безбедноста на граѓаните и да ја поттикне одговорноста кон редовното одржување на зградите.

– Општината има обврска да се грижи за своите граѓани – не само со големи и долгорочни проекти, туку и со конкретни, секојдневни мерки кои го олеснуваат животот и го прават побезбеден. Затоа ја воведуваме мерката за субвенционирање на 70 отсто од редовниот годишен сервис на лифтови и хидранти – изјави Лабудовиќ.






Оваа мерка е од особено значење за старите згради и за станбените заедници кои со години се соочуваат со високи трошоци и застарени системи. Често лифтовите не се сервисираат редовно, а противпожарните системи остануваат нефункционални – што го загрозува животот на станарите и нивната безбедност.

Со субвенционирањето, Општината ќе преземе дел од финансиската обврска, со што ќе им помогне на граѓаните навреме да ги направат задолжителните технички прегледи, да избегнат ризици, и да се чувствуваат сигурно во сопствените домови.

Според планираниот модел, Општината ќе ги покрива дел од трошоците за редовен годишен сервис на лифтовите и хидрантите, а средствата ќе се обезбедат преку јавен повик на кој ќе можат да аплицираат сите станбени заедници на територијата на општината. Субвенциите ќе бидат достапни под еднакви услови за сите жители, со приоритет на зградите со повисока фреквенција на користење на лифтови и оние што немаат редовен сервис повеќе години.

Мерката за субвенционирање на лифтови и хидранти е дел од поширокиот план за безбедна, уредна и функционална општина – Центар што се грижи за своите жители, од најмладите до најстарите, во секој сегмент од секојдневието.

Поврзани содржини