ЛАБУДОВИЌ НА КАФЕ-ДРУЖБА СО МИЦКОСКИ И СО ЃОРЃИЕВСКИ Максимална поддршка за вториот круг
Премиерот Мицкоски ги повика членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, како и сите граѓани на Центар в недела да им дадат максимална поддршка на Мирослав Лабудовиќ и Орце Ѓорѓиевски - кои треба да ги донесат неопходните промени, се наведува во соопштението на ЗНАМ.
Кандидатот за градоначалник на општина Центар Мирослав Лабудовиќ доби јавна и целосна поддршка од коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ за гласањето в недела во вториот круг на изборите, соопшти Движењето ЗНАМ, За наша Македонија.
„Лабудовиќ денеска на неформална кафе-средба со премиерот Христијан Мицкоски и кандидатот за градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски во населбата Капиштец заеднички констатираа дека на Центар и на Скопје им е потребна промена – нов ветар во грб, со нова визија, кои ќе ги променат работите од темел и ќе ја водат општината и градот напред.
Премиерот Мицкоски ги повика членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, како и сите граѓани на Центар в недела да им дадат максимална поддршка на Мирослав Лабудовиќ и Орце Ѓорѓиевски – кои треба да ги донесат неопходните промени. А, тоа првенствено значи запирање на бруталната бетонизација во Центар, која е отидена предалеку и на штета на сите жители во централната градска општина.
Мицкоски потенцираше дека мора да се подвлече линија која ќе прави јасна разлика меѓу криминалот што сега се случува и домаќинското и одговорно однесување и работење што ќе донесат со себе Ѓорѓиевски и Лабудовиќ по стапувањето на функциите.
Мирослав Лабудовиќ пак на премиерот Мицкоски и на Орце Ѓорѓиевски им посочил дека во првиот круг над 2/3 од излезените гласачи сакале промена и верува дека на крајот таа ќе се случи. Едноставно речено, 68 отсто од гласовите во првиот круг во Центар што не го поддржаа актуелниот градоначалник, се потенцијал кој би бил пресуден за победа во Центар, но и за уште поубедлив резултат во Скопје“ – се вели во информацијата на ЗНАМ.