„КУЗМАН“ И „СТИВ“ ЌЕ ГИ ПРЕЧЕКААТ СТУДЕНТИТЕ ВО ВТОРИОТ СЕМЕСТАР Се прави план кои домови ќе бидат следни за реконструкција

Реконструкциите на „Кузман“ и „Стив Наумов“ се прва од предвидените три фази од проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на државните студентски домови.

244

Студентските домови „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје, кои се реконструираат од минатата година, се очекува да бидат повторно отворени за сместување студенти од вториот семестар на учебната 2025/2026 година.

– Ќе треба да се почека до вториот семестар затоа што „Кузман“ се очекува да се заврши некаде во ноември. За жал, реконструкцијата на „Стив“ почна со задоцнување, но ние таа состојба ја затекнавме и моравме да ја решаваме. Откако ја решивме, повторно имаше технички работи, градот, општината, дозволи, маркица…, и откако го решивме тоа, веднаш почнаа со работа. Но, очекувам и „Стив“ до крајот на годината да биде готов па во вториот семестар студентите веќе ќе можат да влезат во домовите – рече министерката за образование Весна Јаневска на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.






Таа додаде и дека деновиве ќе биде донесена одлука кои студентски домови ќе бидат следни за реконструкција во планот за етапно реновирање на сите студентски домови во земјава, со цел да станат енергетски ефикасни со подобрена одржливост, што ќе придонесе за почиста животна средина и ќе обезбеди финансиски заштеди.

Проектот се реализира со заем од 20 милиони евра од Германската развојна банка и грант од 4,8 милиони евра од Европската Унија преку Регионалната програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан.

Реконструкциите на „Кузман“ и „Стив Наумов“ се прва од предвидените три фази од проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на државните студентски домови. Во следните две фази ќе се реконструираат уште седум други студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и во Охрид. 

Поврзани содржини