Премиерот на Косово Албин Курти во петок ќе им биде гостин на градоначалниците на Тетово и на Чаир, Биљал Касами и Висар Ганиу.
Курти ќе ја почне посетата од општина Тетово, по што заедно со тетовскиот градоначалник ќе го посетат селото Вејце, каде според најавите ќе ја промовираат идејата за поврзување на Тетово и Призрен со регионален пат. Потоа, на централниот плоштад Илирија ќе се одржи културно забавна манифестација посветена на доаѓањето на косовскиот премиер во Тетово.
Како што информираат од Кабинетот на Курти, на настанот ќе учествуваат повеќе актери и музичари, а свој настап ќе има и познатиот бенд „Елита-5“.
Во Чаир, премиерот на Косово, Албин Курти е предвидено да се сретне со градоначалникот Висар Ганиу, но и со „огнениот“ Изет Меџити, основач на новата политичка партија Демократско движење.
Со Ганиу ќе ја „пуштат“ улицата која го носи името на албански патриот и деец Адем Демачи, додека со Меџити ќе разговараат за политичките случувања во земјава, со акцент на активностите кои ги предвидува политичката партија која по заминувањето од ДУИ ја формира нивниот поранешен потпретседател.