Курц под истрага за аферата „Ибица“
Јас сакам да продолжам со мојата работа, а истото важи и за мојот шеф на кабинет - изјави Курц.
Австриското државно обвинителство за економски криминал покрена истрага против австрискиот канцелар Себастијан Курц и шефот на неговиот кабинет Бернхард Бонели поради наводно давање лажни изјави пред истражните органи околу аферата „Ибица“, вели самиот канцелар.
Зборувајќи пред членовите на кабинетот, Курц во исто време ја отфрли можноста за негова оставка.
– Јас сакам да продолжам со мојата работа, а истото важи и за мојот шеф на кабинет – изјави Курц.
На прашање дали во случај да биде осуден ќе поднесе оставка, Курц рече дека малку е веројатно да дојде до обвинувачка пресуда.
– Тоа ни со најдобра волја не можам да го замислам – рече Курц. Тој вели дека во секој момент очекува и подигнување обвинение против него.
Австриското државно обвинителство за економски криминал ги сомничи Курц и Бонели за давање лажни изјави во врска со партиските донации.
Истрагата се темели на пријава која ја поднесоа неколку партии, меѓу кои и либералната партија – „НЕОС“.
Иако пријавата се однесува на наводни лажни изјави на Курц и Бонели за аферата „Ибица“, сепак тие не се однесуваат директно на аферата, туку на расветлување на сомнителните канали на партиско финансирање во време на владеењето на коалициската влада на Народната партија на Австрија и Либерално-демократската партија.
Државното обвинителство ги има протоколите на допишување
Конкретно, се работи за тоа дека Курц и Бонели ги премолчиле политичките договори околу поставувањето на пријателот на Курц, Томас Шмит на чело на државниот холдинг „ÖBAG“, кој е сосопственик на компании, како „OMV“ или „Телеком Австрија“.
Државното обвинителство, како што тврди партијата „НЕОС“, ги поседува протоколите на допишување преку платформи за комуникација кои го докажуваат спротивното.
Курц во средата уште еднаш нагласи како постојано се трудел пред истражните органи да ја зборува вистината, иако се работело за настани кои се стари неколку години.
Тој рече и дека во истражното обвинителство секогаш одново има обиди да се искриват зборовите и да се натера испитаникот да даде лажни изјави.
Коалициската влада, на чело со Себастијан Курц, пред две години е раскината откако челните политичари на десно-популистичката „ФПА“, пред се претседателот на партијата и тогашен вицеканцелар Кристијан Страче, се фатени при обид за продажба на политичко влијание на странски инвеститори во замена за партиски донации.
Обидите за подмитување се снимени тајно во текот на еден состанок на Ибица, поради што и целиот комплекс прашања покренати во врска со тоа се наречени афера „Ибица“.