📷 КУПУВАМЕ ВОДА, НО ПРИКАЗНАТА Е МНОГУ ПОВЕЌЕ Три децении Кожувчанка, успешна приказна од срцето на Кавадарци

Градоначалникот Јанчев ја претстави „Aqua Mila“, нова вода со емотивна приказна.

140

Компанијата Кожувчанка го одбележа својот голем јубилеј – 30 години постоење со ПР настан на кој присуствуваа партнери, пријатели, новинари, претставници од институции и деловни соработници од земјата и странство.

Настанот се одржа по повод три децении успешна работа на Кожувчанка – компанија која од 1995 година израсна од локален производител во бренд со национално и меѓународно признание. Присутните имаа можност да слушнат инспиративни обраќања од водечките луѓе од компанијата, нејзини долгогодишни партнери, како и претставници од институциите.






Фото: Кожувчанка

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, ја имаше честа прв да се обрати. Тој ја потенцираше улогата на компанијата Кожувчанка како пример за успешно македонско претпријатие. Осврнувајќи се на одличната соработка помеѓу Комората и Кожувчанка низ годините, тој ја истакна нивната заедничка заложба за подобрување на деловната клима и охрабрување на другите домашни брендови.

Во своето обраќање, генералната менаџерка на компанијата, г-ѓа Јанинка Чупаркоска, ја истакна благодарноста кон сите кои се дел од 30-годишната приказна на Кожувчанка – вработените, потрошувачите и партнерите.

– Тоа што не’ прави посебни и истрајни сето ова време пред сè се луѓето – нашите верни потрошувачи, посветеноста на нашите вработени, како и поддршката од нашите партнери и соработници – рече Чупаркоска.

Таа се наврати на почетоците во 1995 година, кога Кожувчанка започнала со неколку вработени и еден производ, а денес брои преку 70 производи, присутни во секојдневието на македонските семејства и пошироко.

Дополнително, зборуваше и за постојаните инвестиции во производство, квалитет и одржливост, како и за извозните успеси на компанијата.

Фото: Кожувчанка

На говорницата се обрати и г-дин Марио Маис, маркетинг менаџер на „Sinalco International Brands“, долгогодишен стратешки партнер на компанијата преку брендот „Sinalco“.

Тој зборуваше за исклучителната доверба и професионалната соработка која трае веќе две децении.

– Соработката со Кожувчанка не е само деловен однос – тоа е долгорочно партнерство засновано на доверба, визија и заеднички успеси. Вашата истрајност и интегритет се инспирација – изјави Маис.

На крајот од неговото обраќање, ја нагласи важноста на синергијата помеѓу локалните производители и глобалните брендови и најави нови заеднички проекти со компанијата Кожувчанка.

Особено емотивно обраќање имаше и градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев кој говореше за почетоците на компанијата, визијата на неговите татко и чичко и патот до денешниот успех.

– Со голема чест и особена гордост ви се обраќам денес, на денот кој е од голема важност за мене и мојата фамилија – 30 години од постоењето на Кожувчанка – истакна Јанчев.

Фото: Кожувчанка

Тој го најави и новиот бренд – „Aqua Mila“, природна изворска вода која го носи името на неговата ќерка:

– Со ова претставување на нашиот нов производ пред вас, сакам да ѝ го честитам роденденот и на мојата ќерка Мила по која е крстен овој бренд – рече Јанчев.

Тој објави и планирана соработка со СОС Детското село, со цел поддршка на децата и вложување во нивната иднина.

– Тоа е она на кое сум најмногу горд на моето семејство, на компанијата и на луѓето-партнери со кои секојдневно учествуваме во градење на подобро општество за сите. Се гордеам и сум благодарен на сите вас, наши пријатели и соработници, на нашите верни потрошувачи и на сите што веруваат во оваа наша приказна – изјави Јанчев.

Основана во 1995 година, Кожувчанка денес е еден од лидерите во македонската индустрија за производство на вода, алкохолни и безалкохолни пијалаци, со портфолио од над 70 производи и присуство на повеќе странски пазари. Компанијата е позната по квалитет, иновации и општествена одговорност, како и по своите долгорочни партнерства – како со „Sinalco“, така и со многу локални дистрибутери и институции.

Поврзани содржини