📽️ КУЧЕТО ПРОНАЈДЕНО, НЕА ЈА НЕМА Драматична потрага по девојче во поплавите во Малага

Разорни поплави во Шпанија и Португалија однесоа еден живот, додека спасувачите трагаат по исчезнато девојче. Властите предупредуваат на ново невреме.

126

Едно лице загина во Португалија, а во Шпанија сè уште се трага по исчезнато девојче, откако силните дождови и ненадејните поплави предизвикани од бурата Леонардо го погодија Иберискиот Полуостров, јавува Скај њуз.

Во јужниот португалски регион Алентежо, маж на возраст од околу 70 години починал откако неговиот автомобил бил однесен од надојдена вода. Обилните врнежи и силниот ветер предизвикаа поплави на патишта и во населени места, при што беа оштетени куќи и евакуирани жители.






Во меѓувреме, во јужната шпанска покраина Малага, спасувачките служби трагаат по девојче кое исчезнало откако реката Турвиља ненадејно надојде додека таа се обидувала да го спаси своето куче.

– Целото попладне и ноќ ја пребарувавме реката од местото каде што девојчето падна. Го пронајдовме кучето, но не и неа – изјави за шпанските медиуми шефот на противпожарната служба во Малага, Мануел Мармолехо.

Шпанија оваа зима е погодена од, како што ги нарекуваат властите, „серија бури“, а шпанската метеоролошка агенција АЕМЕТ предупреди дека нова бура, со името Марта, се очекува да го погоди регионот за време на викендот.

Во Андалузија, најпогоден регион, поплавени беа улици во градот Уетор Тахар во покраината Гранада, како и околните полиња, откако реките се излеаа од коритата, покажуваат снимки направени од шпанската Цивилна гарда. Под вода се најде и градот Сан Роке во покраината Кадиз.

Службите за итни случаи во Андалузија до полноќ во среда одговориле на повеќе од еден милион повици, а регионалниот министер за внатрешни работи Антонио Санц предупреди дека најмалку 14 реки и 10 брани се изложени на „екстремен“ ризик од излевање.

Поради невремето, училиштата во Андалузија, освен во покраината Алмерија, беа затворени, а дел од брзите железнички линии беа привремено суспендирани, соопшти шпанскиот железнички оператор Ренфе.

И во Португалија ситуацијата е сериозна. Во градот Алкасер до Сал, жителите газеа низ вода до половината од телото откако реката Садо се излеа од коритото. Терасите на рестораните беа целосно поплавени, а пред домовите и продавниците беа поставени вреќи со песок.

– Никогаш не сум видела нешто вакво, сè изгледа надреално – изјави локалната жителка Марија Кадача.

Португалската служба за цивилна заштита соопшти дека до четврток наутро регистрирала најмалку 70 инциденти. Само трошоците за санација од штетите предизвикани од минатонеделната бура Кристин би можеле да надминат четири милијарди евра, изјави португалскиот министер за економија Мануел Кастро Алмеида. Таа бура однесе шест животи и остави илјадници луѓе без електрична енергија.

Поврзани содржини