Кујунџиќ му пиша на Пленковиќ: Зошто не реагирате на простачките навреди од македонскиот службеник Горјан Тозија?
Тој во писмото му предочува на хрватскиот премиер дека директорот на македонската Агенција за филм вели дека Владата на Хрватска, ХДЗ и премиерот на Хрватска, се фашисти, усташи и членови на клубот на криминалците.
Хрватскиот скулптор Иван Кујуниџиќ испрати отворено писмо до хрватскиот премиер и лидер на партијата ХДЗ, Андреј Пленковиќ, поради, како што вели, простачките и антихрватски навреди што на социјалните мрежи ги упатува директорот на македонската Агенција за филм, Горјан Тозија. Тој бара од хрватската Влада веднаш да реагира и да го заштити дигнитетот и угледот на Хрватска, како и на партијата ХДЗ.
Кујунџиќ посочува дека станува збор за вулгарни антихрватски навреди од најдолен вид.
„Во духот на ковид-19 и пролетното топло време, во оваа доцна пролет ни дојде чуден ветер од Вардар, односно од ноторниот Горјан Тозија. Во изминатиов период изложени сме на изливи на горчина од лажни антифашти, на нивните непримерни навреди и политички подметнувања, а сето тоа од страна на службеник на една држава која се вика Македонија, или сега службено: Северна Македонија. Токму од држава на која Хрватска многу ѝ помага. Долго време добивав пораки кои јасно покажуваат дека се одвива вулгарно навредување на Хрватска, на партијата ХДЗ, а сега и лично тебе, премиере и претседател на ХДЗ. Верував дека на ова веќе реагирале нашите служби, но тоа уште не го видов. Затоа морам лично да реагирам на овие навреди“, пишува Кујунџиќ во отвореното писмо до Пленковиќ, пренесува „narod.hr“.
Тој во писмото му предочува на хрватскиот премиер дека директорот на македонската Агенција за филм вели дека Владата на Хрватска, ХДЗ и премиерот на Хрватска, се фашисти, усташи и членови на клубот на криминалците.
„Тозија пишува дека сме фашисти, смрдливи усташи и дека си ти во клубот на криминалците заедно со Виктор Орбан. Исто така, тој пишува дека како државен службеник има право и смее ова да го прави, бидејќи според него ова е критички став кон сè што е аномалија во која било земја и дека тоа право никој не може да му го одземе. Тој пишува и дека има право да зборува против сите диктатури. И никој од наша страна не реагираше на ова“, пишува Кујунџиќ во писмото.
По објавувањето на писмото се јави и хрватскиот новинар Иван Бродиќ, кој истакна дека со Тозија ќе се пресмета по институционален пат, откако на судот ќе му ги предаде сите принтскринови од неговите објави на социјалните мрежи.
Тој вели дека сè започнало откако Македонски пошти издадоа поштенска марка на која беше прикажана мапата на „Голема Хрватска“, а подоцна оваа марка беше повлечена од оптек.
„Тозија напиша дека сум усташки смрдливец. Тој рече дека Анте Павелиќ бил претседател на ХДЗ и дека Андреј Пленковиќ е фашист и криминалец, а ХДЗ е фашистичка партија. За ова го известив кабинетот на македонскиот претседател Стево Пендаровски, хрватската Влада, македонската техничка Влада, Министерството за внатрешни и европски работи на Хрватска, ХДЗ, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, го информирав и Светскиот еврејски конгрес“, напиша Бродиќ.
Тозија, во колумна за порталот МКД.МК, пак, ги демантира пишувањата на хрватскиот портал „ХрСвијет“ и вели дека тоа е медиум со сомнителен рејтинг во Хрватска и дека ги спинува толкувањата, ги вади надвор од контекстот на вистината, само со една и единствена цел јавноста да добие впечаток дека еден владин функционер шири антихрватска кампања во Македонија.
„Во текстот нема ниту еден факт со кој може да се потврди горе наведеното тврдење. Надвор од памет е да се поистоветува став на поединец кон извесна идеологија со намера или атак врз држава или народ. Голем дел од мојот професионален живот го поминав и во Хрватска, така што длабоко ме вознемирува идејата некој мојата почит кон оваа држава и нејзиниот народ да ја искриви, изопачи и пренесе како сосема друг став. Мојот добронамерен однос кон Хрватска најдобро може да се илустрира со фактот дека секогаш сум се борел за нејзината афирмација преку пласирање на вистината“, пишува, меѓу другото, Горјан Тозија во колумната.