КСС: Недела да биде ден за одмор, а оние кои ќе работат да земаат за 50% поголема дневница

синдикатот смета дека треба да се направи дополнување на еден член од Законот за работни односи и да се реши проблемот со иницијативата за недела како неработен ден за сите.

529

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) смета дека дебатата за прогласување на недела за неработен ден за сите се води повеќе популистички отколку суштински. Оттаму додаваат дека  нивниот предлог кој бранеа пред Економско – социјалниот совет е моментално најприфатлив и се однесува на дополнување на одделни членови од Законот за работни односи.

– Во членот 134 став 2 од Законот за работни односи треба да стои: Ден за неделен одмор е недела. Секоја работа во недела се пресметува како прекувремена работа и се исплаќа дневница зголемена за 50%. Во членот 134 да се додаде став 3: Неделното работно време не смее да се продолжува во недела и важи од понеделник до сабота.Со ваква измена сметаме дека се задоволуваат потребите на работниците, но и на бизнис секторот – велат од КСС.






Од КСС се повикуваат на членот 117 став 5 од Законот за работни односи кој одредува дека прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно.

– Со ваква измена во членот 134 и имајќи го предвид членот 117 каде што кажува колку најмногу може прекувремено да работи еден работник, се заштитува работникот од една страна, да не може да работи секоја недела, а од друга страна исплатата на дополнителна зголемена дневница го задоволува трудот кој сега би имал додадена вредност и капиталот се распределува порамноправно.Сето друго сметаме дека е чист популизам. Од една страна трговците лицитираат и лобираат, од друга страна ќе се направи хаос во Законот за работни односи, доколку се опишува кои дејности треба да работат, а кои не. Во време на економска криза многу лесно може да се случи заради неработење во недела да се намалат платите и да се кратат работни места – велат од КСС.

Синдикатот смета дека неговиот предлог моментално е најприфатлив за сите засегнати страни.

– КСС со ваков предлог, кој ќе го брани со силата на аргументите излезе и пред надлежните, за што веруваме и дека се сложуваат сите останати преставници на работниците, но и дека се дава можност на бизнисот да продолжи во овие тешки времиња да ја преживее оваа економска криза. Во спротивно сите други предлози, се чини дека би биле неприфатливи од причина што ќе се направи дискриминација со селектирање кој може, а кој не може да работи во недела – додаваат од КСС.

Поврзани содржини