КРВОДАРИТЕЛИТЕ НА МАКА Некои фирми им ги кратат двата слободни дена и ги водат како на боледување

Од здружението Крводарител од каде што често се реагира на злоупотребите на правата на крводарителите велат дека работодавачите се повикуваат на законот за здравствена заштита кога сакаат да им го скратат правото на 2 слободни дена на работниците крводарители.

641

Работници крводарители се жалат дека неместо законски платени 2 слободни дена добиваат денови во кои им се исплаќа дневница како да се на боледување. Од Црвениот крст велат дека правото што е дадено со Законот за работни односи треба да се почитува, но има работодавачи и работници кои се обидуваат да ја изиграат примената. Синдикатите, пак, со став дека на секое изигрување на Законот за работни односи и колективните договори треба да се реагира и да се спречат злоупотреби. Советуваат за ваквите постапки да се информираат синдикатите и инспекторатот за труд.

Долгогодишен крводарител кој сакаше да остане анонимен вели дека во фирмата од приватен сектор наместо 2 платени слободни дена и целосна дневница, добил денови, но му бил намален износ на дневница за тие денови.






– Редовно дарувам крв, по најмалку два пати годишно, но додека не се вработив во приватна фирма сѐ беше во ред и користев 2 слободни дена. Сега иако ми дадоа слободни денови, ми пресметаа пониска дневница, како да сум бил на боледување, односно 70 отсто од основната дневница. Не сум слушнал дека законот е сменет, но ми објаснија дека сега е така – вели тој.

Деновиве на социјалните мрежи може да се забележи пост со слична содржина:

„Дарување на крв веќе не е два дена 100% платено отсуство на работно место. Се води како боледување, со 70% платени дневници“.

Од здружението Крводарител од каде што често се реагира на злоупотребите на правата на крводарителите велат дека ваквата практика работодавачите ја почнале оваа година.

– Оваа појава ја регистрираме годинава. Работодавачите, според пријавите од нашите членови, најчесто се повикуваат на Законот за здравствена заштита (член 76 од 1993 година) во кој во бенефициите дадени на крводарителите не се споменуваат 2 платени слободни дена за дарување крв, но има други бенефиции кои се однесуваат за здравствената заштита на крводарителите. Законот за работни односи е тој кој во членот 150 определува дека се даваат 2 последователни платени слободни дена за дарување на крв. Но тоа, како и голем број други бенефиции или не се гледаат од тие што треба да ги спроведат или се скратуваат од институциите – велат од Крводарител.

Од одделот за крводарителство на Црвениот крст велат дека нема измени на Законот за работни односи кои се однесуваат на промена на користењето на 2 платени дена за давање крв и работодавачите треба да го применуваат ова право.

– Не, нема измени на законот, но има проблеми во неговата имплементација кај одделни приватни компании. Најверојатно таков е и овој случај – вели Глигор Новачевски од овој оддел.

Тој посочува дека во јавниот сектор нема проблеми при давањето на слободните денови, но во приватните фирми примената на законот оди потешко.

– Имаме регистрирано непочитување на законот од работодавачи, но и работници крводарители во приватните фирми. Овие проблеми многу ретко се јавуваат кај акциите за дарување на крв оти се однапред планирани, но се чести кај самоиницијативното доброволно дарување крв по што работникот бара законски 2 слободни дена. Во такви услови реакцијата на работодавачот е дека крводарувањето не било најавено, дека имаат непланирано отсуство и дека им трпи работниот процес. Има и такви кои не им даваат слободни денови. Но, имаме и работници крводарители кои го злоупотребуваат правото со тоа што бараат денови кога ќе посакаат тие, со приложување на потврда која е издадена многу порано и со тоа прават проблем. Со законот е утврдено денот во кој е дарувано крв и следниот ден да бидат слободни за крводарителот. Тоа е направено со цел да се стимулира крводарителството кое кај нас е на доброволна основа. И би требало да се почитува како од работодавачот така и од крводарителот, не да се злоупотребува од која и да е страна – вели тој.

Новачевски додава дека најчесто им се советува на работниците и работодавачите да се договорат кога можат да се користат деновите за да нема застој во производниот процес иако законот не пропишува така.

– Ние не можеме да одлучуваме, само советуваме да се договорат двете страни за користење на деновите за да нема проблеми во фирмите и кај крводарителите – додава тој.

Тој потсетува дека во голем број земји се дава 1 ден за крводарување, но тоа е законски поинаку решено и се почитува без проблеми од двете страни.

И Синдикатите се на став дека одредбата од Законот за работни односи треба да се почитува од двете страни, но доколку има злоупотреби навреме треба да реагираат државните институции.

– Ние како Синдикат на индустрија енергетика и рударство (СИЕР) правото на 2 платени последователни слободни дена за дарување крв, предвидени во Законот за работни односи го вметнавме и во колективниот договор и досега не сме имале проблем во однос на примената. Работодавачите само сакаат да бидат информирани за крводарителските акции, ако тие се организираат во компанијата што е нормално за да можат да го планираат процесот на работа и слободните денови – вели Маре Анчева, генерална секретарка на СИЕР.

Таа додава дека работниците крводарителители треба да добијат два последователни дена за кои ќе добијат и полна дневница.

– Доколку крводарителот добие помал износ на дневница или неговите слободни денови се третираат како боледување, што е незаконски, тој треба да се обрати до синдикатот, ако го има во компанијата или до Инспекторатот за труд и да бара правото да го добие – вели Анчева.

Поткрепа на ова има и во Законот за работни односи кој во членот 150 во ставот 2 предвидува „Работникот кој доброволно дава крв има право на отсуство од работа на два последователни работни дена за секое давање крв“.

Во земјава според податоците на Црвениот крст, има 30.000 крводарители кои годишно даруваат по 55.000 единици на крв.

Поврзани содржини