КРИЗА НЕ СЕ РЕШАВА СО ОПТИМИЗАМ Инфлацијата нѐ осиромашува, а економијата е во проблеми
Експерти велат дека владата треба да запре со ширење на оптимизам, да признае дека и таа придонела за влошување на состојбата исто колку и надворешните фактори и да преземе мерки кои ќе ја подобрат состојбата, но нема да бидат пријатни за нејзината популарност.
Цените растат, трошоците на живот исто така. Индустријата отпушта работници, а под притисок на синдикатите се најавува ново зголемување на платите. Инфлацијата во април се искачи на 10,5 отсто па ја става земјава во групата со умерена инфлација. Народната банка предупреди на трендот и најави корекција на предвидената стапка на инфлацијата во мајскиот извештај. Во април банката ги презеде и првите чекори за нејзино смирување со зголемување на основната каматна стапка на 1,5 отсто. Владата од своја страна се обиде на два пати да го запре растот на цените со нивно замрзнување за одредени прехранбени продукти и со замрзнување на маржите, но тоа не даде посакувани резултати. Во практика цените и натаму растат, а граѓаните и синдикатите негодуваат и бараат повисоки плати.
Експерти велат дека владата треба да запре со ширење на оптимизам, да признае дека и таа придонела за влошување на состојбата исто колку и надворешните фактори и да преземе мерки кои ќе ја подобрат состојбата, но нема да бидат пријатни за нејзината популарност.
Граѓаните се жалат дека паричникот побрзо го празнат од порано бидејќи секој ден забележуваат нови цени на производите и услугите.
– Мене ништо не ми значи тоа што инфлацијата во земјава достигнала 10,5 отсто. Но знам дека мојата плата се троши од 15 до 20 во месецот. Секојдневно нови цени, а владата ни тврди дека ограничила цени, па ограничила некаква си маржа. Нека ја земат мојата плата министрите кои велат дека ги зауздале цените на основните прехранбени производи, па ќе види што значи да бидеш работник и да живееш во Македонија – вели граѓанин кој го анкетиравме.
Државниот завод за статистика денеска потврди дека трошоците на живот само за еден месец во април пораснале за 2,2 отсто, а цените за 2 отсто. На годишно ниво трошоците за живот во април пораснаа за 10, 5 отсто, а цените за 11,1 отсто.
Најголем пораст на цените во април е забележан кај маслото за јадење од 20, 2 отсто, но и цените на другите основни прехранбени производи.
На осиромашување на работниците предупредија и синдикатите кои изминатиот месец организираа повеќе штрајкови и протести на кои бараат повисоки плати.
Но, владата остана глува за нивните барања. Со дел од синдикатите (СОНК) преговара за повисоки плати но договорот не е постигнат.
Бизнисмените со месеци најавуваат дека не можат, а да не ги зголемат цените на производите поради високите цени на енергенсите кои изминатите месеци само растат, но и поради тешко достапните суровини. Дел од нив, веќе намалија и број на работници за да го преживеат периодот.
Тоа го потврди и Државниот завод за статистика. Во март бројот на работници во индустријата е намален за 1,5 отсто. Во рударството намалувањето е за 3,7 %, во преработувачка индустрија за 1,4 %, а во енергетскиот сектор за 1,7 %.
Експертите велат дека владата има можност да преземе мерки за ублажување на растот на инфлацијата, но нема да го стори тоа бидејќи тоа ќе ја намали нејзината популарност.
– Младите министри во владата треба да престанат да шират оптимизам со фотки од авиони и на прес-конференции и својата неспособност да ја префрлаат на тоа дека некои состојби од надвор се виновни за состојбата и да преземат вистински мерки за ублажување на последиците од растот на цените. Не гледам ништо како намалување на државната администрација, како запирање на нови партиски вработувања и слично, ама знам дека не е преземено се да се усогласат мерките со новата ситуација. А не верувам дека нешто ќе се промени кај младите министри бидејќи тоа ќе влијае на нивната популарност која ја шират преку сликите во авиони и изјавите по медиумите. За нив е важно дали ќе се задржат на столчињата, ако има избори, друго не е важно. Ширењето лажна слика е нивна работа – вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.
Тој додава дека и гувернерката веќе укажа дека состојбата не е розова и дека треба да се реагира на повеќе фронтови.
– Гувернерката вчера укажа дека сето она што се случува ќе има последици врз инфлацијата и растот на економијата. И таа е свесна дека проблемите не доаѓаат само однадвор, туку ги има и внатре во земјата. Но за внатрешните проблеми не се дебатира. Никој не се интересира зошто увезуваме три пати поскапа струја, зошто се крадеше струја, во каква состојба се државните компании. Зошто, а одговорот е јасен нив ги интересира рејтингот – вели Хајредини.
И професорот Трајко Славески вчера изјави дека за инфлацијата и падот на економската активност не се во прашање само надворешните фактори.
– Инфлацијата не е феномен предизвикан само од еден фактор, како сега што се тврди, дека таа е увезена и дека не зависи ништо од тоа што тие го прават. Ако нас не ни веруваат, нека ги погледнат документите од Меѓународен монетарен фонд пред неколку години и сега, како и на Светска Банка. Пред недела дена излезе извештајот за економската состојба за земјите од Западен Балкан и таму има едно посебно поглавје за Република Македонија. Уште во првата реченица стои дека инфлацијата во државата се забрзува, од една страна поради порастот на цените на храната и на енергијата, но и поради притисокот на двоцифрениот пораст на минималната плата – изјави Славевски во емисија на Алфа телевизија.
Професорот Зоран Ивановски во изјава за Плусинфо од пред некое време рече дека владините антикризни мерки донесени годинава немаат влијание на зауздување на инфлацијата со оглед дека високите цени на енергенсите и цената на храната и металите се увезени.
– Мерките кои ги донесе владата се главно фискални и немаат капацитет да го намалат ударот на инфлацијата. Дел од проблемите се увезени и тешко може на нив да се влијае. Монетарната политика пак во сегашните услови нема многу простор за реакција, бидејќи зголемувањето на каматните стапки не би влијаело на инфлацијата – додава Ивановски.
Излез од ситуацијата е во поголема продуктивност на економијата и изнаоѓање нови пазари.
– Останува економијата да ја подобри продуктивноста, преку високотехнолошки вложувања. Обврска е на владата да побара алтернативни пазари за да се надмине зависноста од сегашните пазари за да можат компаниите да го одржат производството – вели тој.
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во изјава за ХТВ вчера најави дека ќе има забрзување на инфлацијата и дека се очекува забавување на економскиот раст.
– Сепак, индиректните влијанија, преку глобалната, но пред сè, европската економија врз земјите од регионот нема да изостанат. Тие ќе се почувствуваат преку четири главни канали – трговија, цената на примарните производи, затегнувањето на меѓународните финансиски пазари и довербата кај потрошувачите – посочи Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката нагласи дека повторно на потег се монетарната и фискалната политика – монетарната политика во насока на одржување на стабилноста, додека фискалната преку мерки за поддршка да ги ублажи ефектите врз економската активност на краток рок. На среден и долг рок, потребно е спроведување на агендата на структурни реформи, кој е единствен начин да се постигнат долгорочни ефекти.