КРИВИЧНА ЗА ЕКС ДИРЕКТОРКАТА НА ТОКСИКОЛОГИЈА Бесија Иљази ја оштетила Клиниката за 10.000 евра

Според пријавата Иљази ги пречекорила своите службени овластувања и на 17 лица ретроактивно им исплаќала плати за да им овозможи противправна имотна корист.

522

Дваесет и деветгодишната Бесија Иљази, која до неодамна беше економска директорка на Клиниката за токсикологија заработи кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување, информира Министерството за внатрешни работи. Пријавата ѝ ја поднел одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал.

Според пријавата таа ги пречекорила своите службени овластувања и на 17 лица ретроактивно им исплаќала плати за да им овозможи противправна имотна корист.






Според МВР, таа на 15 мај склучила 15 договори за дело со 15 лица кои биле работно ангажирани на Клиниката за токсикологија како и со други лица без регулиран правен основ за нивно присуство на клиниката. Потоа, ретроактивно на лицата наводно работно ангажирани за месеците април и мај 2024 година извршила плаќање на плати во износ од над 10 илјади евра со вклучен персонален данок.

Наведените исплати се извршени противправно, за период кога со истите лица клиниката немала склучено договори за дело и за период на избори, односно исплатите биле извршени спротивно на наведените законски одредби.

За незаконските исплати бил платен и персонален данок од 23 илјади денари за април и 42 илјади денари за мај со што Иљази ја оштетила Клиниката за токсикологија за 659.781 денари.

Иако знаела дека истиот ден кога е назначена за економска директорка во Клиниката за токсикологија, биле распишани претседателски и парламентарни избори таа склучила 15 договори за дело. Тоа е спротивно на Изборниот законик, Законот за спречување на корупција и судир на интереси и спротивно на Законот за здравствена заштита. Тие договори го носеле само нејзиниот потпис, а не и врзаниот потпис на медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија.

Исто така, на Бесија Иљази ѝ било познато дека медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија ги известил сите овие лица на 28 март дека нивните обврски кон Клиниката се завршени и дека не може да добијат договор на дело додека не завршат изборите како што налагаат позитивните законски прописи.

И покрај тоа, 11 здравствени работници со знаење на Бесија Иљази и без склучен договор за вработување или договор на дело, продолжиле да доаѓаат на работа во Универзитетска клиника за токсикологија.

Согласно наведеното, пријавената извршила службени дејствија кои што не смеела да ги изврши, односно Б.И. сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по чл.353 ст.3 вв.1 од КЗ, оштетувајќи ја Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за токсикологија за износ 659.781 денари, информираат од МВР.

Медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија професор доктор Андон Чибишев минатата недела ја пријави Иљази за ова и истражните органи во најскор рок реагираа со процесуирањето на пријавата. Иљази беше разрешена на 25 јуни годинава. Нејзиното раководење беше проследено со скандали.

Поврзани содржини