КРИВИЧНА ЗА ДИРЕКТОРКА НА ГАЛИЧИЦА Дозволени работи и покрај мораториум во Охридскиот регион
Полицијата сомничи дека биле изведени активности во заштитена зона на Галичица спротивно на урбанистички план и мораториум.
Полицијата поднесе кривична пријава против в.д. директорката на Национален парк „Галичица“, поради сомневање за несовесно работење во службата.
Од СВР Охрид информираат дека пријавата е поднесена против Ф.Ѓ. (58) од Ресен, поради основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
Според информациите од истрагата, во текот на 2026 година, пријавената како в.д. директор на јавната установа дозволила спроведување активности и потпишала договор за соработка со приватно претпријатие од Охрид за тампонирање на катастарска парцела, иако за таа локација не постоела урбанистичка документација, ниту одобрен проект за инфраструктура.
Како што наведуваат од полицијата, станува збор за простор кој се наоѓа во заштитен појас од 50 метри, а за кој општина Охрид имала донесено времен мораториум за какви било градежни активности.
Дополнително, според истрагата, областа е опфатена со режим на заштита согласно планот за управување со светско природно и културно наследство на охридскиот регион.
Од полицијата посочуваат дека со пропуштање на должен надзор и со донесените одлуки е овозможено изведување на активности спротивни на важечките ограничувања и процедури.
Истрагата продолжува, а по целосно документирање на случајот ќе следуваат понатамошни правни постапки.