Царинската управа вчера пред Основното јавно обвинителство во Велес поднесе кривична пријава против правно лице со седиште во Велес и против одговорното лице во правното лице со иницијали Б.А., поради основано сомневање за избегнување на плаќање на акциза.
– Станува збор за увезен тутун пуштен во промет во акцизното подрачје без притоа да се плати акцизаво вкупен износ од 64.613.703,00 денари (повеќе од еден милион евра). Се работи за два увози на тутун во лист од типот „Вирџинија“ реализирани од страна на правното лице од Велес во месец октомври 2019 година, по што увезениот тутун наместо да се доработи е пуштен во промет на незаконски начин без да се плати акциза. Во координација со Основното јавно обвинителство од Велес, инспекторите од Одделението за истраги при Царинската управа извршија претреси на повеќе локации во Скопје и Велес заради обезбедување на докази во врска со случајот – се вели во соопштението
Од таму додаваат дека токму поради огромните штети од нелегалната продажба на необележаните тутунски производи во државата, Царинската управа во координација со МВР и други надлежни државни институции спроведува постојани акции за сузбивање нелегална продажба на тутун и тутунски производи, што секако ќе продолжи и во иднина.