КРАЖБИТЕ НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА ЈА СРУШИЈА МРЕЖАТА Жителите на Света Петка останаа без струја и без вода, а не им даваат на екипите да го решат проблемот
Според податоците, ситуацијата е алармантна. Техничките загуби на електрична енергија во Света Петка надминуваат 60%, а наплатата едвај достигнува 7%.
Скопското село Света Петка, Општина Сопиште, е целосно парализирано. Без електрична енергија, без вода, без никакви основни услови за живот. Жителите утрово се разбудиле без струја, а причината најверојатно се неконтролираните кражби на електрична енергија поради коишто настанал сериозен дефект во дистрибутивната мрежа.
Информацијата ја потврдија и од локалната самоуправа и од компанијата Електродистрибуција, која е одговорна за снабдување со електрична енергија во регионот. Според нив, станува збор за вонредна состојба што директно ги погодува 150 домаќинства во селото.
Проблемот е уште поголем затоа што пумпите за вода зависат од електрична енергија, што значи дека без струја – нема ни вода. Жителите се оставени буквално на милост и на немилост.
– Поради континуираните нелегални приклучувања и неконтролираното трошење на електричната енергија, денеска настана дефект од посериозни размери во мрежата во сопственост на Електродистрибуција. Во моментов сите корисници од селото Света Петка немаат снабдување со електрична енергија – информираат од компанијата.
Но ситуацијата станала уште посериозсна кога екипите на Електродистрибуција излегле на терен за да го санираат дефектот, но биле пречекани со вербални закани од дел од жителите. Од безбедносни причини, техничарите морале да се повлечат од селото.
– Екипите беа попречени од страна на дел од жителите. Поради вербалните закани и неможноста за нормално работење, екипите се повлечени од Света Петка – нѐ информираа од компанијата.
Оттаму откриваат дека ова не е прв пат да избие ваков инцидент. Со години се обидуваат да ја стабилизираат дистрибутивната мрежа во селото. Организирале и неколку состаноци со населението, но, како што велат, без никаков резултат.
Според податоците, ситуацијата е алармантна. Техничките загуби на електрична енергија во Света Петка надминуваат 60%, а наплатата едвај достигнува 7%.