Нуклеарките и викендашкиот обид за мир во Украина

Изгледа како во игра да се две сили - и тие не се поделени идеолошки, на Запад и на Исток. Едната сила као да сака долга војна од „корејски тип“, а другата, помала група, која мора да ризикува со своите изјави и постапки, сака мир, колку и лошо тој мир да изгледа. Тоа е таа група која излезе од својата кожа за викендот, макар и минимално. Само едно е недвосмислено јасно - избегнување на глобални војни е единствениот начин на кој светот може да оди понатаму.

969

Додека генсекот на НАТО Јенс Столтенберг најавува распоредување нуклеарен арсенал на границите на Алијансата, два дена претходно, на езерото Луцерн во Швајцарија, бевме сведоци на една кратка драма, но по сè изгледа искрен обид за мир во Украина. Или, барем, за мировна конференција.

Kаков драматичен пресврт имаше во изјавите на главните актери во овој обид!






Зарем не се исплатеше трудот на 80 земји кои потпишаа некаква Декларација? Речиси секој од актерите, дури и лидерот на земјата која не беше поканета, Владимир Путин, како за момент да излегоа од својата кожа – како да сакаа да ја покажат својата добра волја.

И за еден многу краток момент – ја покажаа.

Портпаролот на Кремљ проба да ги спакува ултиматумите на Путин како мировен предлог: Украина да се откаже од НАТО и да ги повлече своите трупи од окупираните региони. Зборувајќи за мировните иницијативи, тoj додаде дека Путин не отфрла ништо.

Дури и Володимир Зеленски, украинскиот челник, го искрши јазикот да каже дека сака Русија да биде присутна на следните разговори. Токму онаа „терористичка држава“ Русија, која не беше поканета на самитот. Тој додаде дека помошта од Западот не беше доволна за да се добие војната, иако испораката на помош продолжува.

Зеленски, за првпат, наместо војна, најавува работни групи, комисии… Најавува дека меѓународната заедница ќе ја принуди Русија да седне на столчето на следниот самит, кој ќе биде само за неколку месеци!

Американскиот екс-претседател Доналд Трамп не остана покусо да каже дека Зеленски е можеби најголемиот бизнисмен од сите политичари што некогаш живееле. „Секогаш кога доаѓа во нашата земја си оди со 60 милијарди долари“, рече Трамп.

Но, Киев изгледа не може да чека Трамп и Путин да се договорат, во случај Трамп да победи на изборите во САД во ноември. Состојбата во Харков е таква што рускиот напредок може да значи целосна парализа на украинските сили. Тоа го знаат и во Вашингтон.

Да не го забораваме и фактот дека условот на Зеленски не се смени – тој бара повлекување на Русите од цела територија, за разлика од Русија, чија идеја е задржување на досега окупираното.

Но, зарем нема приближување на ставовите на Кремљ и Киев, ако се има предвид дека, според „Њујорк тајмс“, на средбите во почетокот на војната, кои ги имале двете страни, постоеле барем седум точки за кои мора да се разговара? Дали тогаш била пропуштена главната шанса?

Бранењето на територијалниот интегритет е суверено право на секоја земја. Тука мислам и на Македонија. Ние, како Македонци, многу добро го знаеме ова. Она што го поддржаа 80 земји во Швајцарија не е нелегитимно. Напротив. Тоа може да биде разбирлива позиција за почеток на преговорите. Секои преговори ионака почнуваат од нула. Безбедносните гаранции, немилитаризираната зона, Крим, Минск 1 и Минск 2 – секој боксува за себе.

А секои преговори ќе бидат подобри од западната хипокризија која ја продолжува војната и секако од тиранските апетити на Владимир Путин, кои одат рака под рака со реминисценциите на светските поделби на моќта од средината на минатиот век, во оваа нова модерна „кубанска криза“ која ја доживува нашата генерација.

Тоа е таа криза која нè подели на „путинисти“ и на „зеленисти“…

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова се приклучи на повикот на 80 земји и од Швајцарија порача дека како суверена нација, само Украина може да одлучи за својата иднина. Од Украина зависи кога и како ќе ја ангажира Русија за евентуално усогласено решение.

ОК, тоа беше една умерена, речиси протоколарна изјава. Каква што се очекува од претседателката на малата Македонија.

Многу поважно е што дури и неславниот германски канцелар во заминување, Олаф Шолц, излезе од својата кожа, за да признае дека „точно е дека мирот во Украина не може да се постигне без вклучување на Русија“. И тој додаде дека за вклучувањето на Русија треба да одлучи Украина.

Мислата на еден изморен Шолц, кој стана омразен во ЕУ само затоа што одлучи да ги одбрани односите Берлин-Москва со тоа што нема да дотура германско оружје во војната, остана да лебди во воздухот.

Се разбира, советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, денеска изјави дека најновиот мировен предлог на Путин за Украина води „до натамошна доминација на таа земја“ и дека тоа е „целосно апсурдна визија“.

Како и да е, сето тоа не значи дека мирот не е можен. Ако ништо друго, 80 земји потпишаа дека е можна размена на затвореници и дека за целиот свет е клучно патот на житото преку Црното Море да функционира, а нуклеарната централа Запорожје да биде недопрена од Чернобил-сценарио.

За да ја заврши војната во Виетнам, големиот Хенри Кисинџер играше мудро – со својата политика за неразгорување конфликти.

Дали тоа личи на мултиполарниот свет на путинофилите? Не, тоа само значи дека избегнување на глобални војни е единствениот начин на кој светот може да оди понатаму.

Нобеловецот Кисинџер почина лани во ноември, а во едно од последните интервјуа рече дека го осудува Владимир Путин за војната во Украина, која „беше катастрофална проценка“, но вели дека Западот не е без вина и дека „одлуката да се остави отворено членството на Украина во НАТО е многу погрешна“ и дека тоа што НАТО ѝ ветило на Украина заштита без план како тоа да го исполни, ја оставило Украина со слаба одбрана, а притоа го налутило Путин.

Како и да е, викендот заврши. Краткиот мир во Швајцарија заврши. Веќе утрово генсекот на НАТО зборува за вадење на нуклеарното оружје од магацините, а фронтовските борби траат. Украина од крајот на годината ќе може да добие 50 милијарди долари од замрзнатите руски средства и потенцијално 260 милијарди, како што минатата недела начелно договорија седумте најмоќни земји во светот.

Накусо, пари за уште војна изгледа има. Но, нешто сепак е сменето…

На 9 јуни Путин рече дека „нуклеарната доктрина“ на Русија може да се промени и дека горе-долу Европејците се без одбрана.

Изгледа како во игра да се две сили – и тие не се поделени идеолошки, на Запад и на Исток. Едната сила како да сака долга војна 0д „корејски тип“, а другата, помала група, која мора да ризикува со своите изјави и постапки, сака мир, колку и лошо тој мир да изгледа. Тоа е таа група која излезе од својата кожа за викендот, макар и минимално.

Мир, дури и со нуклеарно тактичко оружје распоредено на двете страни?

Транспарентна нуклеарна стратегија, како што вели Столтенберг.

Дали нуклеарното распоредување може да биде алтернатива за директна прокси-војна, каква што се води во моментот?

Овие две сили, ќе се сретнат ли некаде – на некоја меѓа?

 

 

Поврзани содржини