„КРАЛОТ“ СЕ КАЧИ НА ТРОНОТ Леброн Џејмс стана најдобриот стрелец во историјата на НБА (ВИДЕО)
Кошаркарот на Лејкерс го собори рекордот на Карим Абдул-Џабар од 38.387 поени во текот на неговата кариера.
Кошаркарот на Лос Анџелес лејкерс, Леброн Џејмс се запиша во историјата на НБА-лигата како најефикасен играч.
Триесет и осумгодишниот Американец постигна 36 поени на натпреварот со Оклахома одигран изутринава во Лос Анџелес. Леброн сега има 38.388 поени на своето конто. Тој го собори рекордот на Карим Абдул-Џабар од 38.387 поени во текот на неговата кариера.
– Сакам да им се заблагодарам на навивачите на Лејкерс. Вие сте единствени и вашата поддршка ме водеше кон ова достигнување. Тоа што можам да бидам во присуство на таква голема легенда како што е Карим ми значи многу. Тоа е многу почесно. Ве молам дајте овации на мојата убава сопруга, ќерка, моите две момчиња, моите пријатели. На сите кои некогаш биле дел од оваа трка со мене во изминатите 20+ години. Сакам да ти се заблагодарам многу, бидејќи без тебе не би бил јас. НБА, Адам Силвер, покојниот великан Дејвид Стерн, ви благодарам што ми дозволивте да бидам дел од она за што отсекогаш сум сонувал. Такво нешто не можев ни да замислам на сон – рече Џејмс.
Абдул-Џабар ги постигна своите последни поени во регуларниот дел од сезоната во НБА на 24 април 1989 година, кога Леброн имаше само 4,5 години.
Џејмс ги постигна своите први поени во НБА на 30 октомври 2003 година. Така, му требаа 19,5 години да го собори рекордот на Џабар.
Инаку, Лејкерс загубија од Оклахома со 133:130 и со биланс 25 победи и 30 порази се на 13. место во Западната конференција.