Крајно време е за систематски преглед на дрвјата
Кога последен пат се кастрени гранки, кога се прегледани дрвјата за болест и за старост и кога е направена воопшто хигиена во градската хортикултура? Се води ли воопшто евиденција за тоа колку се стари дрвјата во градот, колку се жилави стеблата и гранките?
Да ти е страв да излезеш на улица да не ти падне дрво врз глава или врз возилото кога ќе почне да дува ветер. Секое невреме е проследено со паѓање дрвја, но после тоа ништо не се презема за да се превенира таквата состојба. После дваесетина оштетени возила и една повредена жена вчера во центарот на Скопје, крајно време е да се закаже итен систематски преглед на дрвјата.
Кога последен пат се кастрени гранки, кога се прегледани дрвјата за болест и за старост и кога е направена воопшто хигиена во градската хортикултура? Се води ли воопшто евиденција за тоа колку се стари дрвјата во градот, колку се жилави стеблата и гранките?
Освен кастрењето суви гранки и гранки што пречат и го затвораат видикот во сообраќајот, и редовната сеча на стари дрвја, локалните власти треба да се консултираат со експерти и за тоа кои дрвја каде е најдобро да се засадат. Статистиката покажува дека најчесто паѓаат зимзелени дрвја поради плиткиот корен. Треба да се размисли каде е најдобро да се садат вакви дрвја за да се намали опасноста од тоа да паднат врз возила или врз пешаци и да направат штети.
Откако ветрот ќе ја заврши својата работа, силниот дожд потоа ги носи скршените гранки и паднатите лисја кон одводите од атмосферската канализација и ги затнува при што се намалува протокот за паднатите води и се прават вирови по улиците.
Да бидат нечистотијата и хаосот во градот поголеми придонесуваат и отворените контејнери кои се преполни со ѓубре. Кога ќе дувне ветер ѓубрето се разнесува насекаде. Летаат кутии, кеси, разни отпадоци, влезовите од зградите се полнат со лисја и со отпад. И повторно нема кој тоа да го среди.
Доколку отпадот се селектира и се одлага во затворени контејнери, барем малку ќе се придонесе за хигиената во градот кога дуваат силни ветрови. Но, за жал, некако тешко ни оди со чистотата, со организацијата и со визијата за тоа во каков град сакаме да живееме.
Се чини дека никој нема ниту контрола ниту увид во хортикултурата во градот и дека сѐ е препуштено на стихијата. Граѓани сведочат дека пријавуваат во Град Скопје исушени дрвја за да се исечат и дека чекаат со години за интервенција од градските екипи.
Жално е да страдаат луѓе и да се прави толкава штета поради неажурност и инертност на градските власти. Ова е уште еден случај, покрај тој со каснувањата од уличните кучиња, во кој повеќе се плаќа за отштета отколку за решение на проблемот. Крајно време е да се направи една хортикултурна генералка за да се намали штетата со плаќањето отштета. И најважно, за граѓаните да бидат безбедни ако се затекнат на улица кога ќе дувне ветер.