Ковид-19 не знае за граници, но има земји во кои вирусот го нема
Најмалку десет земји имаат пријавено повеќе од 2.000 заразени лица, вклучително и Кина, Италија, Иран, Јужна Кореја, Шпанија, САД, Германија, Франција и Швајцарија.
Поминаа скоро два месеци откако кинеските власти први прогласија постоење на новиот коронавирус, подоцна наречен Ковид-19. Досега се заразени 185.394 лица во 162 земји, поради што Светската здравствена организација прогласи глобална пандемија.
Најмалку десет земји имаат пријавено повеќе од 2.000 заразени лица, вклучително и Кина, Италија, Иран, Јужна Кореја, Шпанија, САД, Германија, Франција и Швајцарија.
Иако е јасно дека вирусот не ги познава националните граници и дека рапидно се шири на сите континенти, освен Антарктикот, сè уште има земји каде не е пријавен случај на инфекцијата.
Континентот на кој пандемијата се шири најбавно е Африка. Досега, субсахарска Африка се чинеше дека има среќа, бидејќи интерактивните мапи на коронавирусот покажаа големи црвени точки скоро насекаде во светот, освен на оваа територија населена со над милијарда луѓе.
Сепак, во последниве денови ситуацијата започна да се менува. Јужна Африка, која го регистрираше првиот случај пред 10 часа, сега има 62. Неодамна, Руанда, Екваторска Гвинеја и Намибија ги објавија првите случаи, со што бројот на засегнатите земји на континентот се искачи на 23.
Иако борбата на Африка против пандемијата досега привлече малку глобално внимание, експертите се загрижени дека вирусот би можел да биде погубен за земји со недоволно развиено здравство и голем број на население заболено од ХИВ, туберкулоза и други заразни болести.
Субсахарска Африка го откри својот прв случај на 27 февруари, при што еден Италијанец патувал во Нигерија. Повеќето други случаи оттогаш се „увезуваат“ од Европа, помалку доаѓаат од Америка и Азија. Но, до денес нема примери за локален пренос.
Во Русија го има вирусот, но соседните земји некако успеаја да се одбранат. Ковид-19 не пристигна во Казахстан, Туркменистан, Таџикистан и Киргистан.
Северна Кореја сè уште се спротивставува. Пјонгјанг официјално не ја потврди заразата, но некои се сомневаат во добро познатата нетранспарентност на Северна Кореја.
На Арапскиот Полуостров, Јемен е единствената земја во која не пристигна вирусот. Не е ниту официјално во Сирија, но со оглед на воената состојба во таа земја, тешко е да се зборува за точни информации, а тоа може да се каже и за Јемен и за Либија.
Постојат неколку земји во Централна Америка во кои не се забележани заболени од вирусот, вклучувајќи Никарагва и Гватемала.
Земјите во кои нема коронавирус се:
Ангола, Белизе, Боцвана, Бурунди, Кејп Верде, Чад, Коморос, Џибути, Доминика, Ел Салвадор, Еритреја, Фиџи, Гамбија, Гренада, Гвинеја-Бисао, Хаити, Кирибати, Киргистан, Лаос, Лесото, Либија, Мадагаскар, Малави, Мали, Маршалските острови, Маурициус, Микронезија, Мозамбик, Мјанмар, Науру, Никарагва, Нигер, Северна Кореја, Палау, Папуа Нова Гвинеја, Свети Китс и Невис, Самоа, Сао Томе и Принсипе, Сиера Леоне, Соломонски острови, Јужен Судан, Сирија, Таџикистан, Тимор-Лесте, Тонга, Туркменистан, Тувалу, Уганда, Вануату, Јемен, Замбија и Зимбабве.
Фото: Принтскрин/ https://gisanddata.maps.arcgis.com/