Ковид-19: Баварија планира да ги тестира сите 13 милиони жители
Министерката за здравство Мелани Хумл најави „офанзива со тестирање“, а тестовите треба да ги вршат избрани општи лекари.
Владата на германската покраина Баварија има намера да ги тестира сите граѓани за вирусот ковид-19, без оглед дали имаат симптоми, а погоните за преработка на месо се под лупа, пренесува „ДВ“ и истакнува дека не секој смета дека ваквото масовно тестирање има смисла.
Министерката за здравство Мелани Хумл најави „офанзива со тестирање“, а тестовите треба да ги вршат избрани општи лекари.
Фокусот сè уште ќе биде ставен на најранливите – жителите на домови за стари лица и болните или пациентите кои лежат во болници, потоа луѓе кои работат на чувствителни и чести места како што се наставници и воспитувачи.
Деталениот план за тестирањето треба да се развие во наредните денови. Сите трошоци ќе бидат на товар на покраината, доколку здравственото осигурување не ги покрие трошоците за тестирање.
Во Баварија, имаат намера да продолжат со масовно тестирање на вработените во кланици и погони за преработка на месо, откако изби најголемото жариште на корона во Европа во кланицата „Тунис“ на западниот дел на земјата.
– Ние сакаме да испитаме дали тешката физичка активност или работата на неповолни температури се дополнителен фактор на ризик за инфекција – рече Хумел.
Деновиве често се слуша дека студот влијае на ширењето на вирусот, а температурите се ниски во фабриките во кои се обработува суровото месо.
Во последните неколку недели, тестирани се 6.407 вработени во 51 кланица во Баварија и пронајдени се 110 лица позитивни на корона. Од тој број, дури 100 се во една кланица во округот Страубинг-Буген, каде што се случи жариште во мај.
Сите не се воодушевени од намерата на Баварија да ги тестираат сите тринаесет милиони граѓани.
– Ако сум тазе заразен, тестот сè уште нема да го покаже вирусот – рече Карин Мег, политичар во Христијанско демократската унија (ЦДУ), сестринската партија на Христијанската социјална унија (ЦСУ), која владее во Баварија. Таа оцени дека има повеќе смисла да продолжат кон насочените тестирања.
Сепак, негативен резултат од тестот е неопходен за луѓето од особено загрозените области ако сакаат да одат на годишен одмор некаде во својата татковина – без резултатите на хотелите во повеќето прокраини не им е дозволено да ги сместуваат туристи, пренесува „ДВ“.
Во моментов се вратени остри мерки против епидемијата во западните области Гитерлох и Варендорф, каде живеат повеќе од 600.000 луѓе. Таму е кланицата „Тунис“ во која се заразени повеќе од 1.500 луѓе.
По дебатата за условите за живот и работата на претежно новодојденците од Балканот, вработените во германската месна индустрија, провинцијата Северна Рајна-Вестфалија, каде се наоѓа „Тунис“, ги задолжи производителите на месо да ги тестираат вработените на свој трошок најмалку двапати неделно. Ова важи од почетокот на јули за сите погони кои имаат повеќе од 100 вработени.