КОВАЧЕВСКИ НА САМИТОТ НА НАТО ВО ВИЛНУС Во фокусот финансирањето на одбраната и јасна позиција за Украина

Ние како 30-та земја членка секогаш поддржуваме отворена врата на пристапување во НАТО, меѓутоа секако откако ќе бидат согледани сите безбедносни аспекти на актуелниот момент, вели премиерот Димитар Ковачевски.

110

Премиерот Димитар Ковачевски пред официјалниот почеток на Самитот на НАТО во Вилнус, Литванија, истакна дека сојузниците се исправени пред носење важни одлуки со што ќе покажат единство во однос на тековните и идни предизвици. Самит е исклучително важен, бидејќи се случува во момент кога се води војна во Украина и на него ќе бидат донесени многу важни заклучоци, посочи македонскиот премиер.

– Прво, ќе бидат донесени одлуки во однос на регионалните аспекти на одбраната на НАТО земјите и тоа вода, копно и воздух, секако и за аспектите на сајбер одбраната и одбраната од хибридни напади. Следно ќе бидат донесени одлуки во однос на унапредувањето на соработката со Украина, практично ќе биде формиран Совет на НАТО и Украина на кој во иднина ќе можат да се носат одлуките кои се однесуваат на заедничката соработка. Дополнително во однос на финансирањето на сите овие зголемени потреби за одбраната во овој нов геостратешки контекст ќе биде донесена одлука во однос на финансирањето и тоа значи дека 2% од БДП ќе биде практично минимумот за финансирање на одбраната, со тоа што најмалку 20% да бидат за модернизација, истакна Ковачевски пред почетокот на Самитот на НАТО.






Премиерот појасни дека Македонија веќе инвестира 30 отсто од буџетот за одбрана, како и дека за идната соработка со Украина како земјата има многу јасна позиција.

– Ние како 30-та земја членка секогаш поддржуваме отворена врата на пристапување во НАТО, меѓутоа секако откако ќе бидат согледани сите безбедносни аспекти на актуелниот момент, вели македонскиот премиер.

Ковачевски во Литванија ја предводи владината делегација во чиј состав се министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за одбрана Славјанка Петровска.

 

Поврзани содржини