КОВАЧЕВСКИ НА „ОГНЕНО КРШТЕВАЊЕ“ ВО СОФИЈА Новиот премиер на првиот мешовит состанок на двете влади
Владината делегација на Република Македонија е предвидено да пристигне во попладневните часови во текот на денешниот ден, кога ќе биде свечено пречекана со церемонија со највисоки државни почести на плоштадот „Александар Невски“.
Претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски денеска заминува за Софија каде ќе ја предводи владината делегација во дводневна официјална посета на Република Бугарија во чии рамки е предвидено и одржувањето на мешовитиот состанок на двете влади.
Владината делегација на Република Македонија е предвидено да пристигне во попладневните часови во текот на денешниот ден, кога ќе биде свечено пречекана со церемонија со највисоки државни почести на плоштадот „Александар Невски“.
Инаку пред заминувањето за Софија, Владата денеска го разгледа и прифати усогласениот текст на Меморандум за разбирање за развој на железничко поврзување меѓу Република Македонија и Република Бугарија „Скопје-Софија“, што се очекува да биде потпишан за време на заедничката седница на двете влади која ќе се одржи утре во Софија.
-Со документот се изразува согласност за формирање заедничка Работна група составена од експерти со соодветен професионален капацитет и експертиза во области како што се управување со проекти, европско и меѓународно право, инженерство и управување со финансии, со цел да се забрза процесот на подготвителните и имплементациските активности за проектот – соопшти владината прес-служба.
Меморандумот, стои во информацијата, е подготвен имајќи го предвид развојот на добрососедските односи меѓу двете земји, како и потребата од зајакнување на економските и трговските активности и ја истакнува заедничката цел за развој на „Проектот за железничко поврзување Скопје-Софија“, кој е од заеднички и регионален интерес и има значително стратешко и економско значење за граѓаните и економиите на двете држави.
Согласно Меморандумот, Работната група ќе се состанува најмалку четири пати годишно на експертско ниво за да работи на напредокот на спроведувањето на проектот.