КОВАЧЕВСКИ НАЈАВИ ЗАМИНУВАЊЕ ОД СДСМ? Дебаклот на изборите ќе ѝ го смени личниот опис на партијата
Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски им ја честиташе победата на ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски, како и на нивниот претседателски кандидат Гордана Силјановска Давкова.
Ја честитам победата на нашиот политички конкурент ВМРО-ДПМНЕ и на лидерот Христијан Мицкоски, како и на нивниот претседателски кандидат Гордана Силјановска Давкова, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Тој најави и промени во партијата почнувајќи од претседателот, раководството и другите органи во СДСМ.
– Им честитам на изборот на сите 120 пратеници во македонското собрание и посакувам да имаат успешен мандат во интерес на македонските граѓани и европската иднина на државата. Се надевам и посакувам дека Силјановска Давкова како иден претседател ќе ја извршува функцијата во согласност на дадените уставните овластувања и евро-атлантската посветеност и обврски на државата – рече Ковачевски.
Тој му се заблагодари на Стево Пендаровски кој беше нивен претседателски кандидат на овие избори, како и на поддржувачите кои и покрај големиот пораз во првиот круг достоинствено излегле на изборите.
– СДСМ повторно покажа државотворност и одговорност по стоти пат. Најлесно беше по толку лажни обвинувања и напади од ВМРО-ДПМНЕ да не го мобилизираме нашето членство да не гласаат на претседателските избори, но не паднавме во таа замка. Покажавме дека Македонија ни е поважна и секогаш ќе биде така. Денешниот резултат е разочарувачки. На СДСМ му е зададен тежок удар, не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и од поддржувачите на партијата – вели Ковачевски.
Лидерот на СДСМ ветува дека во наредниот период детално ќе бидат анализирани резултатите, како и дека во наредниот период да ги најдат причините за овој поразителен исход на изборите.
– Не сакам да носам избрзани заклучоци и не сакам да посочувам виновници. Јас и партиското раководство имаме одговорност, како и сите избрани функционери што имаат одговорност, но и партиските функционери. Никој реално не е без одговорност. СДСМ ќе треба добро да погледне навнатре, да размисли што направиме и кои се резултатите и слабостите во последните 4 години, можеби и во последните 7 години – додаде Ковачевски.
Тој додаде дека најважно од сè е што треба да направат во иднина за да ја вратат довербата на граѓаните што ја загубија.
– Повикувам на нови избори во партијата и на централно и на локално ниво. Почнувајќи од претседателот на партијата, раководството, претседателите на општинските организации и сите органи и тела на партијата. Органите ќе одлучат кога ќе се случи тоа. Процесот не смее да биде долг, но никако неумесен, експресен и стихиен. Тоа ќе го направат само оние кои се спремни да се жртвуваат за партијата и државата. Оние кои немаат никаков „багаж“ зад нив и карактеристики поради кои граѓаните го испратија СДСМ во опозиција – вели Ковачевски.