КОВАЧЕВСКИ ИМАЛ ПЛОДНА СОРАБОТКА СО МИНИСТРИТЕ ОД ДУИ Премиерот вели дека е задоволен од кадрите на коалицискиот партнер
Со министрите кои беа дел од владата, а сега се повторно дел од оваа Влада, имав соработка како заменик-министер за финансии и можам да кажам дека лично сум задоволен од перфомансите на министрите од ДУИ кои ги предложив, изјави Ковачевски.
Новиот премиер Димитар Ковачевски, образложувајќи ја одлуката да ги именува досегашните министри од ДУИ повторно во Владата, рече дека тоа го сторил затоа што е задоволен од соработката која ја имал со нив додека ја извршуваше функцијата заменик-министер за финансии.
– Луѓето со кои сум работел никогаш не сум ги дедел на кадри од одредена политичка партија или од одредено време. Секогаш ги вреднувам врз основа на нивните професионални перформанси. Со министрите кои беа дел од владата, а сега се повторно дел од оваа Влада, имав соработка како заменик-министер за финансии и можам да кажам дека лично сум задоволен од перфомансите на министрите од ДУИ кои ги предложив, изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање дали се согласува дека кадрите на ДУИ се незаменливи.
Премиерот по денешниот прием кај претседателот Стево Пендаровски, изјави дека ќе воспостави комуникација со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со цел наоѓање на решенија за проблемите со кои се соочува државата.
– Во однос на соработката со опозицијата, јас сум застапник и длабоко верувам во партиципативен начин на водење политика, особено во услови кога имаме голема енергетска криза, кога имаме економска криза кој е предизвикана од таа енергетска криза, европска енергетска криза. Исто така се уште сме во услови на здравствена пандемија и сметам дека сите политичари и сите експерти, без разлика на нивната партиска или политичка провинијенција треба да дадат свој придонес во решавање на овие проблеми. Во таа насока нормално дека со господинот Мицкоски ќе воспоставиме комуникација и ќе разговараме за сите теми за наоѓање на решенија кои ќе бидат во насока на подобрување на состојбите во сите овие области – истакна Кочавевски.