Ковачевски го одби предлогот што не го доби, а на кој работеше шест месеци

Проблемот очигледно се појавил кога хистеријата се префрлила кај народот, па тогаш станало јасно дека прифаќањето на лошиот предлог е погрешен избор.

2,731

Предлогот е неприфатлив, рече премиерот Димитар Ковачевски вчера во Брисел, за во наредната реченица да дополни дека експертите во Македонија непотребно предизвикале хистерија околу истиот предлог.

Јас ова не го разбирам баш најдобро. Предлогот за кревање на бугарското вето и добивање на датум за старт на преговорите со ЕУ е лош, вели Ковачевски, а истото го мислеле и експертите. Тој го одбива предлогот, но во исто време не се сложува со тие што јавно говореле против.






Нешто тука не е јасно.

Тоа што е јасно е дека т.н. „француски предлог“, во кој беа содржани максималистичките барања на Бугарија во спорот со Македонија, никогаш официјално не стигна во Владата. Значи пред да го одбие, барем официјално, Ковачевски не бил во можност да го прочита предлогот и да го анализира со своите советници. Дури и во Брисел да му дале некоја папка со листови, па и да си фантазираме дека материјалот го прегледал заедно со Еди Рама и со Александар Вучиќ, евидентно е дека тој немал доволно време за соодветен договор.

Од друга страна, француската дипломатија потврди дека предлогот зад кој стои претседателот Емануел Макрон е составуван цели шест месеци, во постојана соработка со македонските претставници од власта.

Е сега, работите се појасни.

Македонските дипломати цело време знаеле за деталите од договорот, односно знаеле колку предлогот е лош. Тоа го знаел и Ковачевски, но го знаеле и експертите кои тој ги обвини за ширење хистерија. Проблемот очигледно се појавил кога хистеријата се префрлила кај народот, па тогаш станало јасно дека прифаќањето на лошиот предлог е погрешен избор.

Затоа може да се резимира дека Ковачевски го одби предлогот што не го доби, а на кој работеше шест месеци, а таму некои експерти непотребно ширеа хистерија.

Македонија загуби уште една година во својот евроинтегративен лавиринт, обременета со вето од една страна и притисокот од другата страна да се откаже од историјата, гордоста и од својот македонски народ. Ниту еден предлог во една ваква поставеност нема да биде добар.

Тоа што е добро од целата оваа ситуација е што дознавме дека Ковачевски се чувствува непријатно во атмосфера исполнета со хистерија. Добро е да се знае за во иднина, кога ќе дојде некој друг предлог.

Поврзани содржини