Професорот на Правен факултет Никола Тупанчевски ќе биде нов министер за правда, а Славица Грковска ќе биде вицепремиерка за борба против корупција. Љупчо Николовски се враќа во Министерството за земјоделство, Славјанка Петровска ќе ја замени Радмила Шекеринска на челната позиција во Министерството за одбрана, рече на прес-конференија доцна вечерва мандатарот за состав на новата влада и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Тој вечерва рече дека избраните кадри се докажани луѓе, а станува збор за веќе потврдени министри и од претходниот владин состав, како и за нови имиња кои ќе седнат во министерските фотелји.
Во седиштето на СДСМ вечерва на седниците на централниот и на извршниот одбор, Ковачевски ги презентирал имињата за составот на владиниот кабинет.
За министерка за култура е предложена пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска, а ново име е Јована Тренчевска, која ќе застане на чело на Министерството за труд и социјална политика.
Досегашниот министер за правда Бојан Маричиќ ќе биде вицепремиер за евроинтеграции, а на истите позиции, во МВР и во Транспорт и врски остануваат Оливер Спасовски и Благој Бочварски.
Вицепремиер задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции ќе биде Фатмир Битиќи, актуелен вицепремиер.
Приоритет на новата влада, рече мандатарот, ќе биде справување со енергетската криза.
Лидерот на СДСМ и мандатар за состав на новата влада, Ковачевски се очекува утре до Собранието да го достави предлогот за состав на владиниот кабинет и новата владина програма, а на крајот од неделава да се одржи собраниска седница за избор на владата.
Од ДУИ нема промени во министерските ресори, а новиот владин партнер, Алтернатива ќе добие тројца министри.