Ковачевски да не си ги кова нозете со луѓе како Заев, Османи, Бучковски и Димитров – сам да си состави тим за преговори со Софија!
Не треба Димитров задоцнето да ни кажува. Знаеме ние дека во преговорите со Софија е тргувано и со самобитноста македонската нација и со македонскиот јазик. И пак ништо не е добиено. Затоа е потребен нов пристап во преговорите, каков што најавува новиот премиер, но само ако тоа подразбира и нов тим, нови луѓе и нови идеи.
На 29 декември минатата година, значи пред помалку од три недели, на Фејсбук напишав:
„Прашувам јавно – кога ќе се признае дека двата предлога на Софија, за јазикот и за нацијата, од македонска страна неформално биле прифатени? Повторувам, не биле одбиени, туку прифатени! Прифаќањето е тестирано во две познати скандалозни интервјуа на Заев и на Бучковски за бугарски медиуми. По жестоката реакција на јавноста, тогаш Заев принудно и привремено се откажа од своите тези. Но, остана горчливото чувство дека македонската позиција веќе е искомпромитирана.“
Подолго време се сомневам и јавно ги споделувам стравувањата дека преговарачкиот тим на Зоран Заев одамна ги има прегазено нашите црвени линии и дека министерот за надворешни работи Бујар Османи и „специјалецот“ Владо Бучковски форсираат договор со Софија по секоја цена. Се разбира, цената ја плаќа Македонија, а не Бугарија. Во овој спор се преговара за идентитетот на македонската нација, а сите други отворени прашања се од второстепено значење.
И еве, во својата најнова изјава за јавноста, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров тврди дека немал „целосна доверба“ во министерот за надворешни работи Османи кога станува збор за преговорите со Бугарија и дека напорите на Османи да успее во преговарачкиот процес „не само што се погрешни, туку се и опасни“.
Димитров вели дека ималo „сериозна битка внатре, особено во последната година, во однос и на дефинирањето на националните позиции, значи за самата суштина на маката, ама и на стратегијата, односно за текот на самите преговори“. Вицепремиерот кој не доби позиција во новата влада на Димитар Ковачевски, загадочно тврди: „Таа битка не беше тајна. Разликите беа евидентни и во јавните пораки и во јавните настапи“.
Оваа реченица (меѓу другото) го открива лицемерието на Никола Димитров и таа е дополнителна причина зошто освен на Заев, на Османи и на Бучковски, јас и нему не му верувам. Точно е тоа дека во кулоарите одамна се зборува за крупни несогласувања меѓу Димитров и Османи за стратегијата за преговорите со Бугарија, но точно е и тоа дека Димитров до сега формално ја поддржуваше стратегијата на Заев и никогаш не се осмели јавно да се спротивстави на начинот на кој се преговараше со Софија.
Бидејќи и моите извори долго време ми укажуваат дека напорите да се постигне итен договор со Бугарија по секоја цена биле „опасни“, како што сега сведочи Димитров, сакам јавно да му кажам дека тој бил должен, како одговорен политичар и како човек што си ја сака татковината, за таа опасност да посведочи јавно и од позицијата на вицепремиер, а не да кукумјавчи сега, во ситуација кога е јасно дека е исфрлен од Владата.
Дури и сега, во јавните експликацаии на таа опасност, Димитров говори „во ракавици“ и со еуфемизми, криејќи каде е, всушност, суштината на проблемот. Или сепак, како што тврди кабинетот на Заев, Димитров има проблем со самиот себе, односно со фактот дека се согласил со Заевите позиции во овие преговори и дека имал сериозен удел во создавањето на тие позиции, низ процесот кој го водел министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Јас лично не сум убеден во тоа – мислам дека Заев и Бучковски беа главните играчи – но Димитров мора да настапи поотворено и почесно. Ако сака да му веруваме. Нас не нѐ интересира тоа кој што му нудел, амбасадорско место или нешто друго. Таа дебата води до прашањето што ако и Ковачевски на Димитров му понудеше место во Владата – дали тогаш нашиов „јунак“ ќе проговореше јавно за несогласувањата за преговорите, или ќе си молчеше, како што молчеше во целиот овој период?
Ќе бидам јасен и гласен. Јас не му верувам на Зоран Заев кога вели дека „македонскиот идентитет и македонскиот јазик воопшто не се тема на разговор помеѓу нас и Бугарија“. Напротив, моите неформални информации се дека Заев уште во текот на разговорите со Бојко Борисов за Договорот за добрососедство има дадено многу лекомислени ветувања и дека тие ветувања, всушност, се вистинската причина поради која Бугарија инсистира на своите негаторски позиции кон Македонија. И затоа мислам дека екипата Заев, Османи и Бучковски одамна го потроши својот легитимитет во преговорите со Софија, доведувајќи ги во ќорсокак.
Многу е важно тоа што новиот премиер Димитар Ковачевски најави промена на пристапот во преговорите со Бугарија. Допрва ќе видиме што значи тоа конкретно. Но, првиот потег во таа насока, отказот за специјалниот претставник Владо Бучковски, навестува дека можеби навистина треба да се надеваме на радикална промена на пристапот, но и на стратегијата.
Македонија веќе не смее да тргува со својот идентитет и да се лигави пред софиските уцени. Но, тоа никако не значи дека не постојат можности за деблокирање на преговорите и за напредок. Напротив, убеден сум дека со искрен и покреативен пристап на нашиот нов преговарачки тим, Македонија може да ги зацврсти своите позиции во спорот и да поведе иницијативи коишто би можеле значајно да ги подобрат влошените односи меѓу Скопје и Софија.
Како и да е, таа работа не може да се заврши со луѓе како Заев, Бучковски, Османи или Димитров. Некои од нив се фини луѓе, немам дилеми, но тоа сепак не е доволно. Новиот премиер Ковачевски ќе мора да си состави нов тим, а при тоа да се води од старата поговорка дека на волкот вратот му е дебел затоа што сам си ја врши работата.