КОСОВО НА РАБ НА ПОЛИТИЧКА КРИЗА Курти тврди дека единствено решение се нови избори
Вршителот на должност премиер на Косово, Албин Курти, потврди дека нови парламентарни избори се неизбежни по одбивањето на Демократскиот сојуз на Косово и Социјалдемократската иницијатива да учествуваат во неговата влада.
Вршителот на должност премиер на Косово, Албин Курти, денеска изјави дека единственото решение за политичката криза во земјата е одржување на нови парламентарни избори. Ова следи по вчерашното гласање во Собранието, кога предложената влада на Курти доби 56 гласа, наместо потребните 61.
– Пред кој било договор што ја искривува волјата на граѓаните на изборите, ние избираме избори. Тоа не беше наша желба, но нема друг пат – истакна Курти на прес-конференција.
Тој објасни дека Демократскиот сојуз на Косово (ДСК) и Социјалдемократската иницијатива (НИСМА) одбиле да учествуваат во владата што Курти би ја водел.
– Да ја прифатеа понудата за соработка, ќе имавме доволен број пратеници за нова влада и можевме да го решиме прашањето за избор на претседател за четири месеци – додаде тој.
Курти нагласи дека се обидел да го одвои ДСК од Демократската партија на Косово (ДПК), но тоа не успеало.
– Единствениот начин ДСК да се согласи да биде дел од влада со нас беше да биде внатре и ДПК, што за нас е неприфатливо и штетно – рече Курти.
Покрај тоа, Курти одговори и на тврдењата дека Косово ќе остане без буџет за 2026 година, истакнувајќи дека врз основа на Законот за Влада, тој може да предложи буџет за наредната година.
Со оваа одлука, Собранието на Косово до март следната година треба да избере претседател или претседателка на земјата, а политичката нестабилност се очекува да продолжи до одржувањето на новите избори.