Косовката Рабије Рака се лекува на Хематологија, која израсна во регионален центар за трансплантација на коскена срцевина

Автологната трансплантација за пациенти со мултипен миелом, каква што е изведена кај Косовката Рака, е рутинска интервенција која се врши на Клиниката веќе 20 години.

554

 

На Клиниката за хематологија во Скопје се лекува Рабије Рака од Приштина, пациентка со мултипен миелом. 36-годишната Рака вели дека избрала да се лекува на оваа клиника бидејќи разбрала за врвните резултати од интервенциите врз пациенти со дијагноза како нејзината.






Автологната трансплантација за пациенти со мултипен миелом, каква што е изведена кај Косовката Рака, е рутинска интервенција која се врши на Клиниката веќе 20 години. Досега вака се лекувани над 120 болни и резултатите во однос на преживување без болест на двегодишен период се 67% или 51% на период од пет години.

Д-р Ирина Пановска-Ставридис, директорка на Клиниката за хематологија вели дека овие резултати се споредливи со оние на европските центри за трансплантација. Тие се подобрени и со современите терапии за одржување и имунотерапија која го продолжува животот кај овие болни.

– Верувам дека од исклучителна важност за успешно лекување на мојата болест е да создадеме силно партнерство во борбата со болеста, јас како пациент од една страна и тимот на лекари и медицинскиот персонал, од друга. Тоа партнерство раѓа доверба, а довербата влева огромна надеж дека предизвикот заедно ќе го совладаме –  вели Рака, за чие лекување трошоците ги презеде Фондот за здравство на Република Косово.

Директорката на Клиниката за хематологија д-р Ирина Пановска-Ставридис вели дека посебно признание за нивната работа е што експертизата од Клиниката е препознаена и во регионот и доаѓаат сè повеќе пациенти од соседните земји. Таа вели дека се посебно горди и за воведување на третиот вид трансплантации кој досега не беше применуван во државата, а тоа се полуидентичните трансплантации на хематопоетски матични клетки кога донори се членови на фамилијата кои се делумно ХЛА-ДНК совпадливи со пациентот. Тоа е најсложена интервенција, а досега е применета кај 5 пациенти, при што донори во три случаи беа делумно идентични браќа, сестри или родител на пациентите, а во два случаи се искористени и први братучеди како полуидентични донори.

Несродната трансплантација на матични клетки, како релативно млада гранка во хематологијата, во својата најсофистицирана форма скоро две години е воспоставена метода на лекување на Клиниката за хематологија. Во последниве 2 години, со трансплантација на хематопоетски матични клетки од несроден донор се лекувани 15 болни со малигни хематолошки заболувања, пациенти со акутни леукемии, Хочкинов лимфом и апластична анемија. Тоа се дијагнози кај кои трансплантацијата е единствена тераписка опција за комплетно излекување и продолжување на животот. Во светот, на 40% од високоризичните пациенти со примена на оваа метода животот им се продолжува најмалку за 5 години.

Поврзани содржини