Корупцијата, наша рак-рана
Ние веќе имаме одредени искуства, ама треба да се бараат и туѓите. Сигурно ги има. На сите наши амбасади треба да им се наложи да ги контактираат надлежните и да замолат за информации како тие се соочуваат со овој современ феномен. Врз добиените, и други релевантни информации, и сопствени искуства, треба да се изгради нашиот систем за борба.
Во нашава, речиси држава, општо е познато дека нивото на корупцијата е одамна надвор од сите критериуми. Тоа е рак-рана којашто го уништува секое општество. Крунски доказ дека е така е најновото отворено и по малку агресивно интересирање за проблемот, од страна на странските амбасадори. Не може да се каже дека власта не е свесна за ова зло, иако ништо не направила за негово истребување. Не може да се оспори дека претходниот премиер, својот најблизок соработник, го постави за заменик премиер за борба со корупцијата. Меѓутоа, тоа кусо траеше и заврши со тежок неуспех. Го сменија. Поставениот ништо не направи, освен што најде некој путер со поминат рок на траење, а за основната задача или не знаеше што треба да преземе, или намерно саботираше. Трето нема. Кога ќе ти дадат некоја функција, макар и најниска, основно е прво да направиш некаков акциски план, да не речеме – стратегија за работата. Овде, такво нешто – немаше. Неговиот целосен неуспех, воопшто не му попречи, и до денес да си остане министер.
Корупцијата е светски проблем
Корупцијата е масовна појава, не само кај нас. Слична е ситуацијата во целиот регион и е карактеристична за сите неразвиени и сиромашни земји, иако ја измислиле – богатите. Таму кај што ја има, прво покажува дека не функционираат институциите на системот и, второ, потврдува дека платите не ги покриваат основните потреби. Затоа е масовната раширеност. Со оглед дека промената на животниот стандард е невозможна на кус рок, излезот мора да се бара на институционална основа. Уништувањето на ова зло воопшто не е лесно, ама неговото радикално намалување е апсолутно можно, и тоа релативно брзо, само ако се има политичка спремност и решителност тоа да се постигне.
Ние веќе имаме одредени искуства, ама треба да се бараат и туѓите. Сигурно ги има. На сите наши амбасади треба да им се наложи да ги контактираат надлежните и да замолат за информации како тие се соочуваат со овој современ феномен. Врз добиените, и други релевантни информации, и сопствени искуства, треба да се изгради нашиот систем за борба.
Еве некои размисли на таа тема. Комисијата која веќе постои, треба веднаш, официјално, да ги регистрира сите локации, во коишто има, или може да има корупција. За никого не е спорно дека таа е масовна во полицијата, во здравството, во образованието… и каде не? Секаде. Веднаш треба да се започне и со подготвување на долгорочна стратегија, бидејќи борбата ќе трае и не смее да се прекинува. Треба да се донесе и соодветен документ со којшто сите центри каде што ја има, се задолжуваат да формираат свои тела (комисии?) за борба со корупцијата. Тогаш, во сите ентитети посочени како коруптивни дувла, ќе мора да се изработат акциски планови. Првиот може да биде генерален додека другите мора да бидат извршни, а тоа значи детални и секторски: месечни или тримесечни. Сето тоа мора да биде според локалните услови и потреби, во секое министерство, агенција или управа, во секое училиште и факултет, во секоја здравствена установа, во секоја општина… Сите инкриминирани институции ќе мора да подготвуваат и месечни, или тримесечни извештаи, за тоа што постигнале, со какви проблеми се соочувале… Извештаите, прво ќе се разгледуваат во самите институции а, потоа ќе се поднесуваат и на национално ниво.
Тендерите, централен проблем
Ова значи суштинска промена на нашиот досегашен начин на соочување со корупцијата. Досега, таа се истражуваше отпосле, кога е веќе направена, а сега би се одело, пред сè – на нејзино спречување. Со оглед на ваквите задолженија, сегашната Комисија ќе треба целосно и темелно да се реорганизира и прошири. Веројатно, треба да прерасне и во некаква агенција.
Најголемата корупција во државава е секако сврзана со тендерите. Тие се даваат на „свои“ компании, главно со цел да се добие процент, било лично, било за партијата. Вториот главен центар се државните компании, вклучувајќи ги и комуналните. Најстрашниот нејзин облик е секако во градежништвото. Што мислите, зошто квалитетот на нашите улици и патишта, вклучувајќи ги и најсовремените автопати, е катастрофален? Зошто квалитетот на асфалтот е од најниска категорија? Затоа што во тендерот е вклучена корупција и нарачателите не можат да инсистираат на квалитет, бидејќи – земале пари! А, замислете: ако само на дел од улицата или патот, место пет ставите четири и пол сантиметри асфалт, колкав е ќарот? Или, ако квалитетот на асфалтот е 10 проценти полош од договорениот? Да не забораваме дека и агенциите за контрола на проектите во изградба, коишто се често дури и странски фирми, се длабоко навлезени во криминалот и добиваат свој процент. Големи пари се во прашање. Ако носителите на проектот се обидат да се однесуваат одговорно, и да вршат максимална контрола, извршителите ќе ги потсетат дека дале поткуп, и тука завршува приказната. Тоа е маѓепсан круг, во којшто ние живееме со години. Одете во Хрватска и веднаш ќе забележите дека тамошните патишта се барем двојно поквалитетни од нашите.
Комисија за контрола на „тендерџиите“
Горното правило важи за сите тендери. За било што. Вие ќе замете нелегална провизија и ќе ви пратат неквалитетна стока, а вие не приговарате. Така се полнат приватни џебови. Ова е светски проблем. Многу врвни државници завршиле во затвор заради корупција, најчесто во тендери за набавка на воена опрема. Таму е таа и најчеста, и највисока.
За надминување на корупцијата со тендерите, решение може да се бара во формирање на некакво тело на републичко ниво (комисија, агенција…?), со независни и непартиски врвни експерти, од разни области. Тоа би било надлежно за договарање на сите тендери на државните институции, коишто се со поголема вредност од, на пример – 50.000 евра. Висината треба да се прецизира. Веднаш би требало да се формира и тело коешто би вршело и перманентна контрола, над тендерџиите. Неспорно е дека може да се направи систем, којшто би ги минимизирал злоупотребите.
Кога сме веќе кај улиците и патиштата, да спомнеме и еден класичен пример, зад којшто најверојатно се крие тешка корупција, а последиците ги трпиме сите. Верувам дека мнозина се имаат уверено дека, во светот, кога ќе се одбележат улиците, пешачките премини и се’ друго, како и патиштата, со бела боја, тоа трае најмалку цела година, а веројатно и подолго. Кај нас, белата боја е видлива едвај два, три месеци, ако не и покусо. Тоа покажува дека изведувачите не користат права и соодветна бела боја туку разводнета со некаков фирнајс, чија цена е два, три пати, пониска. Ако немаше корупција, логично е дека нарачателите ќе бараа гаранција – колку ќе трае бојата и, ако не е така, ќе инсистираа операцијата бесплатно да се повтори. Вака, улиците, а со нив и градовите, ни се грди и не ни личат на ништо. Патиштата, пак, се небезбедни и опасни.
Паралелно, треба да се разработи и начин за пријавување на корупцијата, со гаранција за безбедноста на свиркачите. Ова може да изгледа бирократизирано, ама така ќе биде додека не се разработи целиот механизам. Клучно е дека и самото конституирање на еден ваков систем, дури и пред да започне да функционира – ќе ја намали корупцијата, којашто е веќе ендемска. Кога сите ќе бидат свесни дека се контролира, секој ќе се замисли пред да побара или даде рушвет.
Општа војна против корупцијата
Ова се само гласни размислувања и предлози како да се започне општа војна против корупцијата. Кога ќе се тргне во акција, многу полесно ќе се развива системот и ќе се предлагаат соодветни решенија. Во процесот, треба да се вклучат и невладините организации, можат да помогнат и пензионери со соодветно искуство…
Клучно е да се реши да се тргне во војна против корупцијата. Кога таа ќе започне, резултатите нема да изостанат. Главни носители треба да бидат припадници од опозицијата, која и да е таа, бидејќи, по правило, креатор на корупцијата е власта.
Гледаме дека дури и на САД им пукна филмот со нашата корупција. Од Амбасадата објавија дека во Скопје допатувал „тим за санкции“, којшто ќе се бори против корупцијата!? Подобар знак дека сме некадарни, не може да има. Потегот недвосмислено покажува дека не третираат како протекторат, ама… подобро вака, отколку никако.
Да потсетиме и на генијалниот премиер, Ли Кван-ју, којшто од неразвиена земја, од третиот свет, Сингапур го пренесе во првиот, групата на најразвиени. Во неговите мемоари, коишто станаа светски бестселер, тој многу јасно објасни: корупција ќе има се’ додека финансирањето на партиите е нетранспарентно и тајно. Сите коишто, под маса, пикаат пари во партиските каси, си ги добиваат назад и тоа со добра заработка. Тендерите се измислени за тоа. Ли е апсолутно во право: само со јавно финансирање на партиите, ќе се скинат корените на најголемата корупција.