Коронавирусот и бизнисот
Домашните и странските инвеститори се обединети околу изнаоѓањето оптимални решенија и навистина конструктивно учествува во следење на состојбите и преземање на соодветни превентивни мерки.
Во услови кога Светската здравствена организација прогласи пандемија на корона вирусот Ковид-19, се поставува прашањето како приватниот сектор да ги почитува препораките за заштита, од една страна, а притоа да се сведат на минимум финансиските и другите импликации што ги предизвикува ваквата состојба, од друга страна?
Бизнис-заедницата претставена преку Стопанската комора на Македонија, која ги опфаќа и производителите и извозниците, и домашните и странските инвеститори е обединета околу изнаоѓањето оптимални решенија и навистина конструктивно учествува во следење на состојбите и преземање на соодветни превентивни мерки.
Во таа насока се и предлозите на компаниите кои би можеле да придонесат полесно да се поднесат сите нарушувања во тековното работење, како што се дефинирањето различни сетови на мерки кои ќе се однесуваат на деловни субјекти од различни индустрии и сектори, барањето за флексибилност во роковите за плаќања на обврските од страна на компаниите , кои произлегуваат од даночната, царинската и друга регулатива; регулаторни олеснувања за компаниите кои работат во погодените сектори, како и предлогот Владата да издвои одреден фонд и да утврди посебни мерки за помош на компаниите заради надоместување на штетите кои економските оператори би ги претрпеле , во случај на неработење на компаниите заради актуелните состојби.
Ова се само мал дел од предлозите на бизнис-заедницата како да се премостат штетите кои настануваат од отсуствата од работа заради почитување на превентивните мерки за заштита од корона-вирусот.
Можеби за многумина е несфатливо како е можно во услови кога е потребно да се размислува како да го спречиме ширењето на оваа опасна болест, може да се размислува и за економските последици од воведените мерки и како тоа се одразува врз бизнисот. Но, ако се ставиме во улога на работодавачите, ова е многу легитимно прашање, кое е директно поврзано и со функционирањето на секојдневниот живот и се што ни е потребно за тоа. Економската активност не може да застане. Фабриките не може во целост да запрат. Маркетите мораат да ги снабдуваат граѓаните со неопходните намирници. Нарачките, од кои голем дел се планирани и претходно платени, не може да останат нереализирани. Секако, отстапки и работење надвор од планирањата се нешто што се подразбира само по себе во вакви ситуации. Но, суштинското прашање кое се поставува е како во вакви услови да се размислува и за заштита на здравјето и за заштита на економијата?
Јасно е дека повеќе од било кога е неопходно да се обединиме во напорите да останеме со висока свест и совест околу потребата за заштита од оваа заразна болест, но и да дејствуваме оптимално и разумно заради спречување на поголеми економски штети предизвикани од запирањето на економските активности, затоа што последиците на национално ниво и пошироко можат да бидат несогледливи и опасни за човештвото, слично како и корона вирусот.
(Авторката е главен советник на УО на Стопанската комора на Македонија за правни прашања)