Корона вирусот мутирал и станал позаразен, сметаат научници од Флорида

1,688

Група американски научници од Флорида се уверени дека успеале да докажат дека коронавирусот мутирал на таков начин што станал позаразен.

Експертите од Флорида велат дека се потребни повеќе истражувања за да се утврди со сигурност дали промената влијаела на текот на пандемијата, но еден научник, кој не бил вклучен во студијата, смета дека тоа е случај и може да објасни зошто вирусот предизвикал ваков обем на инфекција во САД и Јужна Америка.






Од Институтот Скрипс во Флорида објаснуваат дека мутацијата влијаела на протеинот на боцките – структура од надворешната страна што вирусот ја користи за да влезе во клетките. Доколку се утврдат овие откритија, тоа ќе биде првпат некој да докаже дека промените во вирусот што се забележани  влијаат на ширењето на пандемија.

– Вирусите со оваа мутација се многу позаразни од оние без мутации во системот на клеточна култура –  рече вирологот Хјерјун Чое од Институтот Scripps Research.

Чое и нејзините колеги спроведоа низа експерименти кои покажуваат дека заради мутацијата D614G, вирусот има повеќе шила и дека тие се постабилни, што го олеснува влезот на вирусот во клетките. Научниците наскоро ќе ги објават своите наоди на серверот BioRxiv, а тоа значи дека истражувањето сè уште не е разгледано од независни експерти.

– Истражувањето покажува дека вирусот може да се промени – во своја полза, а можеби – на наша штета! Гледаме дека тој се шири силно на некои места и запира на други. Тоа може да значи дека треба да се подготвиме за постојана промена. Овој вирус ќе одговори на сè што правиме за да го контролираме. Ако направиме лек, тој ќе му одолее. Кога ќе измислиме вакцина, ќе го намали дејството. Ако останеме дома, ќе открие како да опстане на површините што е можно подолго –  изјави вирусологот Вилијам Хаселтина за Си-Ен-Ен , претседател на групата Access Health International.

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека претходните мутации на новиот вид на корона вирус нема да влијаат на ефикасноста на вакцините кои сега се во развој. Експертите на СЗО минатата недела соопштија дека вирусот не станал заразен поради мутациите или ја зголемил веројатноста за појава на посериозни симптоми на болеста.

Поврзани содржини