КОРЕЈА ОДНАПРЕД ПЛАЌА НЕПРОНАЈДЕН БАКАР, САД ТРУПААТ ЗАЛИХИ Македонија немо ја набљудува светската трка и покрај големите наоѓалишта како Иловица

Во земјава функционира само еден рудник за бакар, „Бучим-Боров дол“, кој произведува околу 8.000 тони годишно. Скоро двојно повеќе, до 16.000 тони производство на бакар се најавени во инвестицијата во „Иловица-Штука“.

0

Бакарот се приближува до нов рекорд на Лондонската берза за метали, а зголемените ценовни распони укажуваат на сè поостро намалување на понудата на овој метал на светско ниво. Цената се приближува до врвот од над 14.500 долари за тон постигнат во јануари. Со ваквите цени на светските берзи Македонија има голем потенцијал за заработка, но не се охрабрува да се вклучи во трката и покрај тоа што државата лежи на бакар.

Во земјава функционира само еден рудник за бакар, „Бучим-Боров дол“, кој произведува околу 8.000 тони годишно. Скоро двојно повеќе, до 16.000 тони производство на бакар се најавени во инвестицијата во „Иловица-Штука“, а тоа означува далеку поголеми приходи во државниот буџет врз основа на концесиите за експлоатација, но и уште поголеми приходи во буџетите од општините од југоисточниот регион. Претходно, беа спречени обидите за инвестирање во ископ на бакар во Казандол и Кожуф, а проектот во Иловица е единствената активна најава за инвестиција. Иако беше мета на обвинувања, проектот доби поддршка од експертската јавност, но и од страна на локалната иницијатива „И здравје и работа“.






„Можеме да имаме и екологија и современо рударство. Прашањето е само дали Македонија ќе има храброст да го следи тој пат и да ги стави своите ресурси во функција на развојот, со највисоки стандарди и строга институционална контрола. Македонија не смее да дозволи стравот и нестручните проценки да ја блокираат иднината“, соопштија од иницијативата.

Инаку, тековната криза во снабдувањето со бакар е поттикната од порастот на увозот на САД, дополнета со очекувања за нови одлуки за тарифи за метали. Залихите на бакар сега се концентрирани во САД, бидејќи трговците се обложуваат дека претседателот Доналд Трамп ќе воведе царини за рафинираниот метал.

Исто така, расте увозот и во Кина, зашто тамошните топилници ги исцрпуваат залихите на бакарна руда, а земјата силно инвестира во нова електропреносна мрежа, како и за потребите на центрите за вештачката интелигенција и производство на електрични возила и ветерници. Сето ова доведе до намалување на складираните залихи на светско ниво, а тоа се одрази и на цените на берзата. Залихите на бакар во август се паднати за половина во споредба со количествата од средината на мај. Залихите што ги следи Лондонската берза на метали моментално се малку над 200.000 тони руда, што е најнизок обем од февруари годинава.

Инвеститорите сѐ повеќе вложуваат за изнаоѓање на металот и расте предизвикот во индустријата за пронаоѓање и финансирање на нови рударски јами.

„Зголемената цена за краткорочна испорака на бакар укажува на континуиран недостиг на достапен метал. Очекуваме овие ограничувања на понудата да го одржат пазарот ваков и во блиска иднина, особено ако побарувачката остане отпорна“, оценува Ева Мантеј, стратег во холандската финансиско-консултантска групација ИНГ.

Австралиската групација BHP, која е најголем по обем производител на бакар со рудници низ светот, објави значително подобра од очекуваната годишна заработка. Приходите се поттикнати од рекордните цени на бакарот, што ја зацврстија предноста на црвениот метал во споредба со останатите метали. Бакарот генерирал 18,19 милијарди долари оперативна заработка во годината.

„BHP е во добра позиција да произведува дури 40% повеќе бакар до 2035 година, или 2 милиони тони годишно. Се очекува побарувачката за бакар да порасне на повеќе од 50 милиони тони годишно до 2050 година, за разлика од 34 милиони тони оваа година“, изјави извршниот директор на компанијата Брендон Крег.

Од друга страна, државната кредитна агенција на Јужна Кореја најави дека ќе позајми една милијарда долари на швајцарската компанија „Гленкор“, во замена за сигурно снабдување со бакар за корејските компании, обезбедувајќи пристап до металот кој е сè позначаен за вештачката интелигенција и енергетската инфраструктура.

„Преку ова финансирање ќе можеме да обезбедиме стабилно снабдување со клучни материјали за синџирите на снабдување во напредната индустрија на Кореја“, соопшти државната „Ексимбанк“.

Договорот го нагласува стремежот на Јужна Кореја за зајакнување на економската безбедност, бидејќи зголемените инвестиции во центри за податоци, електрични мрежи и опрема за обновлива енергија ја зголемуваат побарувачката за бакар. Земјата се потпира на увоз на индустриски метал, оставајќи ги своите напредни производствени индустрии изложени на прекини во снабдувањето и стеснување на глобалните пазари.

Поврзани содржини