КОПАНКИ ЗА СИТЕ! „Поинаку“ сака да го обнови култното место за битолчани
„Поинаку“ и ПСК „Пелистер“, едно од најстарите планинарски друштва со голем број членови, потпишаа Меморандум за соработка со кој се обврзаа дека заеднички ќе работат во интерес на битолчани.
Битола ја има на располагање најубавата планина, со Националниот парк Пелистер, Битола има голем број вљубеници во планината и планинарските спортови, а речиси 10 години нема планинарски дом, нагласуваат кандидатите од советничката листа на „Поинаку“ за Битола.
Развојот на планинарењето, зимските спортови и планинскиот туризам се дел од политички кампањи, кои остануваат празни ветувања. За да не останат празни ветувања, „Поинаку“ и ПСК „Пелистер“, едно од најстарите планинарски друштва со голем број членови, потпишаа Меморандум за соработка со кој се обврзаа дека заеднички ќе работат во интерес на битолчани.
Меморандумот предвидува активно вклучување во решавање на процесот поврзан со оспорување на сопственоста на Планинарскиот дом Копанки, преку активно учество и лобирање заради постигнување договор помеѓу ПСК „Пелистер“ Битола, Општина Битола и Владата на РСМ.
Се предвидува и активно помагање од секој аспект на активностите на Здружението заради развој на планинарството, скијачките спортови и останати активности и иницирање постапка за воведување факултативни посети на промотори на ПСК „Пелистер“ на градинките, основните училишта и средните училишта на локално ниво со цел промовирање на планинарството и скијачките спортови кај младите битолчани.
Копанки е симбол на Битола и Битола мора да го обнови местото кое е спој на сите генерации, местото кое е култно за битолчани не само заради планинарските и скијачките активности, туку и заради пропратните активности кои што опфаќале организирање на разни забави, вечеринки и седенки, местото полно со спомени и место кое и понатаму треба да создава спомени за идните генерации, нагласуваат од „Поинаку“.