КОНЕЧНО, МАКЕДОНСКИ КОРОНА-ИНФОГРАФИК До каде сме, како е сега, на каде одиме?
Додека Европа бележи скоро 2 милиони нови случаи во последнава недела, а омикрон-сојот веќе се прошета во над 20 земји на континентот, Институтот за јавно здравје кај нас уште го нема детектирано со последното секвенционирање на примероци од минатиот месец.
Три од сто лица или 3,5 отсто од заразените од коронавирусот во Македонија починале, а секој десетти завршил во болница со тежок ковид-19, сугерираат новите информации од Институтот за јавно здравје кои денеска пред медиумите ги претстави епидемиологот Драган Кочински.
На онлајн-средба организирана од НВО Инфоцентарот безмалку за првпат во јавноста беа сликовно презентирани информациите за тоа како земјава се справува со пандемијата, а за фактот дека Европа е најголемото жариште во светот зборуваа и претставници од Светската здравствена организацијa (СЗО).
– Повеќе од 20 земји имаат пријавено дека го пронашле омикрон-сојот, најчесто преку увезени случаи, но и преку локално пренесување – рече Михаела Хегелман-Линдеркрон од СЗО.
Кликнете на сликите за да ги видите инфографиците презентирани на средбата:
Додека Европа бележи скоро 2 милиони нови случаи во последнава недела, а омикрон-сојот веќе се прошета во над 20 земји на континентот, Институтот за јавно здравје кај нас во последното секвенционирање на примероци од минатиот месец го нема детектирано.
Општо е познато дека Македонија чекаше цела година од првиот потврден случај во февруари 2020 година за да ги добие вакцините и да почне да се „боцка“ следниот февруари 2021 година. Секојдневно во земјата се заразува барем 1, односно 0,9 жители на 100.000 луѓе, а најголем број има во централните делови особено во Скопје, каде во просек се заразени 13 на 100 жители.
– Минатиот месец правени се секвенционирања на 48 материјали и кај сите е присутен само делта-сојот. Делта-плус и омикрон-сојот ги немаше. Ќе треба да почекаме за следното секвенционирање овој месец – вели Драган Кочински од Институтот за јавно здравје.
Македонските власти преземаат прилично малку во однос на мерките споредено со локдауните и забраните за летови во европските земји. Само 39 отсто од вкупното население е ревакцинирано, а населението кое се опушти прави епидемијата да продолжи кај нас, но таков е примерот и во Европа.
Четвртина од заразените се над 60 години, а по нив се средовечните од 30 до 39 години
Секој четврт граѓанин кој бил заразен со коронавирусот или поточно 25,4 отсто, имал над 60 години. Но, короната не бира по возраст па така следните најзаразени се лицата меѓу 30 и 39 години со 18,3 отсто, па оние меѓу 40 и 49 години со 17,9 отсто и оние кои се во 50-тите години со 16 отсто. Мажите и жените котираат скоро исто во заразноста, а можеби најинтересно е што кај 7 од 10 од сите лица кои се покажале позитивни имало симптоми, а три од 10 заразени лица имале коморбидитети.
Двете лица за кои наводно се смета, но не е докажано дека починале од компликации од вакцина имале коморбидитети, но Кочински од ИЈЗ вели дека сѐ уште нема барање до нив за да се направи испитувањето.
– Досега не е направено епидемиолошко истражување за овие случаи, затоа што формулар односно барање за ова не е испратено – рече тој.
За несаканите ефекти од вакцините малку се зборува во Македонија. Граѓаните можат да ги пријават преку сајтот на МАЛМЕД, а за нив решава посебна комисија во ИЈЗ.
964 лица повторно се заразиле, починале 7 родилки и 24 лекари
Македонија има 7.688 смртни случаи од коронавирусот досега, но инфографиците велат дека починале 7 родилки, 24 здравствени работници, а дури 964 лица повторно се заразиле со вирусот, а двајца и по трет пат. Само четвртина од заразените имале претходен контакт со друго заразено лице, велат информациите од Мој Термин.
– Има реинфекции од сите возрасни групи. Седум од лицата кои се реинфицирале имале коморбидитети – вели Кочински, нагласувајќи дека вирусот не бира по возраст.
Инциденцата или заразноста во земјава останува висока. Тринаесет од сто лица во скопскиот регион, а во просек 10 од 100 лица, или 10.546 лица се во просек заразени на 100.000 жители. Крајните источни региони во моментов имаат помала заразност, а најпогодени освен Скопје се општините Велес, Прилеп, Кавадарци и Неготино.
Заразноста во Европа во моментов е во пораст. На секои 100.000 лица има над 300 заразени, што ја прави најголем извор на зараза.
Секој трет починал во Европа
Секој трет во светот починал или се заразил во Европа, а 65 отсто од новите случаи во последните 7 дена се исто така од „стариот континент“. Михаела Хегелман-Линдеркрон, технички службеник во регионалната канцеларија за СЗО за Европа, ги претстави новите информации:
– Преку 2 милиони случаи во последните 7 дена, преку 1.569.000 смртни случаи во Европскиот регион на СЗО, а 29.000 нови смртни случаи во Европа во последните 7 дена. Европа е жариште на инфекции, постои тренд на заразување од Источна кон Западна Европа. Кривата на починати се израмнува, што значи имаме константна смртност. Ова се должи на новите варијанти, но и на ладното време.
Таа признава дека ова можеби се должи на фактот што Европејците, барем тие што прележале или се вакцнирале се опуштиле среде пандемија.
– Ова е резултат и на тоа што луѓето се опуштени и не ги почитуваа мерките. Источниот дел од Европа има најголема смртност – вели таа.
Една година чекавме за вакцина, а во еден ден имаше и 49 починати
– Првиот случај на коронавирус кај нас беше во Дебар на 26 февруари, а вакцинацијата почна година дена подоцна, на 17 февруари. Смртноста е околу 3,5 отсто, или 3 од 100 заразените лица починале, а во болница завршиле 10,2 отсто од заболените, што значи секој десетти заразен. Починале 7 од 973 бремени жени. Најмногу лица во еден ден починале на осми април годинава, дури 49, а во 14-тата недела од годинава имало најмногу починати на неделно ниво – 293 лица – вели Кочински.
Но, прашање е и колку луѓе дневно се тестираат за да може да се определи точната бројка на новозаразени. Иако во Македонија се направени 1.492.035 тестови, во кои се вброени и брзите тестови, процентот на дневно тестирани останува мал.
– Досега максимален број граѓани што биле тестирани во еден ден е 9.296 тестови, вклучително и со брзите тестови, а највисок процент на позитивни во еден ден е 47,1 отсто од тестираните – додава Кочински.
Половина од возрасните се вакцинирани, ни фали уште половина
Македонија има вакцинирано само 39,1 отсто од граѓаните, но ако гледаме на полнолетните тогаш имаме нешто помалку од половина од граѓаните или 48,5 отсто. Поразително е дека ни фали уште половина од возрасното население за да стигнеме до 80 отсто и одреден колективен имунитет. Вклучително со децата над 12 години, процентот на вакцинирани е 44,8 отсто.
Од македонските градови Дебар, Струмица и Охрид имаат најмалку лица вакцинирани со две дози, иако таа бројка секојдневно се менува.