Конечно и во Македонија брзи молекуларни тестови, од водечки американски производител (ВИДЕО)

3,848

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ денеска, 30 април, објави дека воведува брз молекуларен тест за присуство на коронавирус, за кој резултатите се добиваат за 30 минути. Станува збор за итен PCR тест, кој е наменет за пациенти кои веќе имаат симптоми и за такви со влошена здравствена состојба и со потреба да се хоспитализираат.

„Ова е тип на молекуларен PCR тест со највисока сензитивност, тест за брза детекција на специфичниот таргет-ген на коронавирусот“, соопшти болницата.






Кога Си-Ен-Би-Си на 22 март објави дека американската Агенција за примена на храна и лекови (FDA) го одобрила тестот со трговско име Xpert Xpress SARS-COV2-10 на компанијата Cepheid од Калифорнија, САД, фунцкионерот на FDA Стефан Хан изјави дека ова е „значаен чекор во проширувањето на можностите за тестирање и, што е уште поважно, за добивање брзи резултати“.

– Тестирањето по принципот point-of-care значи дека резултатите на пациентите им се испорачуваат на местото каде што се згрижени, како што се болниците, ургентните центри и слично, наместо брисевите да се испраќаат во лаборатории – објасни тој.

За да биде можно ова и за да не се губи драгоцено време, потребно е болницата или центарот за згрижување на болните да располага со машина наречена GeneXpert, која, според Си-Ен-Би-Си, може да го спроведе целото тестирање за 45 минути, додека производителот декларира брзина од 30 минути. Во моментов ширум светот 23.000 такви GeneXpert системи, при што тие се толку автоматизирани што за медицинските лица што ги употребуваат не е потребен никаков специјален тренинг.

Со воведување и на новиот вид молекуларен тест за итна генска детекција на коронавирусот, вкупниот капацитет за тестирања во болницата ќе се зголеми за уште 24 тестови, или вкупно 72 молекуларни тестови на ден, извести „Аџибадем Систина“.

Се чини дека новиот текст од познат американски производител ќе биде најпосакуваниот во време кога станува јасно дека брзата дијагноза е клучна да се почне со терапија, а лекувањето во раната фаза на болеста значајно ги зголемува шансите за оздравување без последици.

Кај овој молекуларен тест бездруго најважна е брзината. Ова е, всушност, првиот брз молекуларен тест што ќе се користи во Македонија. Неодамна Плсуинфо пишуваше што значи да се располага со брз молекуларен тест – нема средба со американскиот претседател Доналд Трамп без посетителот да биде тестиран со брз молекуларен тест на компанијата „Abbot“.

Значајна предност на брзите молекуларни тестови, како овој што сега го воведува „Аџибадем Систина“, е што постапката на тестирање е речиси целосно автоматизирана и што не зависи од некаква посебна, специјализирана обука на персоналот што тестира. Тоа овозможува уште една предност, тестовите да се изведуваат со мобилни теренски екипи.

Конечно, во земја како Македонија, во која има големи сомневања во врска со квалитетот на тестовите, предноста на тестот Xpert Xpress SARS-COV2-10 на компанијата Cepheid е што одобрен од FDA.

Љубопитните на овој линк на FDA можат да прочитаат кои други тестови и видови заштитна опрема се одобрени од страна на оваа агенција, под режимот EUA (for use under the Emergency Use Authorization only), соодветен на вонредната ситуацијата со пандемијата на ковид-19.

Инаку, Cepheid е една од водечките американски компании за молекуларна дијагностика во САД. Компанијата развива точни, брзи и применливи тестови потребни за справување со инфективни болести и со канцер.

 

 

Поврзани содржини