Конечно и Македонија со стратегија што наликува на јужнокорејската

18,971

Еден ден, кога коронакризата ќе биде зад нас, покрај позитивните искуства во Македонија, кои се неспорни, веројатно ќе биде нужно да се проценат и штетите врз јавното здравје, предизвикани од неразумниот отпор кон мерките и постапките што некои земји во светот ги презедоа во раната фаза на пандемијата и станаа светски шампиони во борбата против коронавирусот. Денеска, на 13 април, се чувствувам многу послободен ова јавно да го кажам, цели три недели откако пренесов текст на угледниот „Њујорк тајмс“ под наслов „Еве зошто Јужна Кореја е шампион во справување со коронавирусот“.

Денешната прес-конференција во Владата по многу нешта означи сериозен пресврт во стратегијата со која Македонија се бори со заразата. Нека прозвучи дури и претерано, но мерките кои денеска беа најавени наликуваат на мерките со кои Јужна Кореја успешно ја стави под контрола пандемијата. И да бидам до крај јасен: не се во прашање само мерките, туку и нивната интеракција во облик на толку потребната агресивна и заокружена стратегија на јавниот здавствен систем во борбата против ковид-19.






Пред фактите молчат и боговите

Би сакал, почитувани читатели, прво да ве потсетам што пишуваше „Њујорк тајмс“ на 23 март годинава (во статијата само неколку часа подоцна пренесена и во Плусинфо): „Кон крајот на февруари и во почетокот на март, бројот на нови инфекции со коронавирус во земјата (Јужна Кореја – м.з) експлодираше од неколку десетици, на неколку стотици, па на неколку илјади. Пикот беше кога медицинските работници идентификуваа 909 нови случаи за еден ден, 29 февруари. Земјата со 50 милиони жители беше на работ да биде совладана. Но, помалку од една недела подоцна, бројот на нови случаи се преполови. Во рок од четири дена, повторно се преполови. И повторно следниот ден. Во неделата на 22 март, Јужна Кореја објави само 64 нови случаи, најмалку во скоро еден месец, додека заразата во други земји продолжува да расте со илјадници случаи дневно, со уништени здравствени системи и економии. Додека Италија бележеше неколку стотици смртни случаи дневно, Јужна Кореја немаше повеќе од осум на ден“.

Според најновите официјални информации, денеска (13 април), Јужна Кореја, земја со над 50 милиони жители, има само 10.537 вкупно регистрирани случаи (Италија – 156.363, Шпанија – 169.496, а САД – неверојатни 561.159). Властите во Сеул денеска регистрираат само 25 нови случаи (25 пати помалата Македонија има повеќе случаи дневно), вкупно 217 мртви од почетокот на пандемијата и во моментов само 2.873 активни случаи, а дури 7.447 излечени. Неверојатно, нели?

Пред фактите молчат и боговите. Дури и земните. Всушност, овие вториве требаш многу повнимателно да ја проучат стратегијата на јужнокорејците. „Првата научена лекција е – брзо интервенирајте, пред да биде криза“, пишуваше тогаш „Њујорк тајмс“. За волја на вистината, треба да се каже и дека и реакцијата на македонските здравствени власти беше брза, многу побрза од таа во многу европски земји. И тоа е факт. Но, ние бевме речиси целосно фокусирани на препораките и на мерките за социјално дистанцирање, коишто неспорно дадоа резултати, како што даваат при секоја друга епидемија.

Битна разлика меѓу нашиот пристап и оној на Јужнокорејците е што властите во Сеул веднаш пристапија кон масовно тестирање на населението и тоа токму во почетната фаза на развојот на заразата. Заедно со рестрикциите во движењето, тоа беше нивниот „чекан“ за исправање на кривата. Во таа земја досега се изведени 514.621 тестирање или 10.038 на 1 милион жители. Кај нас, во поглед на тестирањето, се почна со еден прилично строг и конзервативен алгоритам, соодветен на скудните капацитети за изведување тестирања со молекуларните (ПЦР) тестови. „Тестирањето ќе се омасови и кај нас“, напишав во колумна на 29 март, додавајќи: „Министерот Венко Филипче денеска најави зголемување на бројот на тестирањата. Поинаку и не може да биде, бидејќи тоа е услов за подобро справување со кризата и за намалување на смртните исходи, како што покажува и примерот на Германија. Добра вест е што приватните болници и лаборатории можат да придонесат за значајно омасовување на тестирањата“.

Падна стигмата за брзите тестови

За жал, наспроти некапацитетноста, факт што просто ја наложуваше потребата од масовен скрининг со т.н. брзи тестови на антитела (не случајно епидемиологот д-р Драган Даниловски на 1 април побара државата веднаш да набави 400.000 брзи тестови за масовен скрининг и да се направи мобилна апликација за следење на заразените), кај нас веднаш се фрли стигма врз брзите тестови. Додека во Германија главниот вирусолог во берлинската болница „Карите“, Кристијан Дорсен, укажуваше дека малиот број смртни случаи таму се должи на масовното тестирање, кај нас упорно се тврдеше дека брзите тестови не биле точни, дека не биле релевантни, дека служеле да „профитирање“ од кризата и дека „не лечат“. А вистината е сосема обратна – масовното тестирање, со сите видови тестови, вклучувајчи ги и брзите, имено лечи. Зошто? Затоа што шансите за опоравување се многу поголеми ако болеста се открие во раната фаза, а откривањето на што поголем број случаи го спречува ширењето на заразата.

Но, посилна од разумот беше потребата да се фрли дамка врз брзите тестови што ги набави „Аџибадем Систина“. За некого, тоа беше приоритет, мисија на денот. Екстензија на мисијата на „Чарлиевите ангели“ со екстра бонуси. Среде една голема трагедија, се најдоа луѓе да бркаат вештерки. Иако, за волја на вистината, никој никогаш не кажа дека масовниот скрининг ќе го спроведува оваа или било која друга приватна клиничка установа, туку напротив, секогаш беше нагласувано дека тоа е работа на државата.

И еве, после толку време и после една непотребна хајка, која им наштети само на пациентите, министерот Венко Филипче конечно најави масовен скрининг на населението. За почеток, во Дебар. Добар избор. И тоа со брзи тестови. Добар, а и единствен избор. Повторувам, не со молекуларните тестови (за тоа немаме капацитети), туку со брзи тестови. Не го прозивам министерот за ништо, бидејќи гледам дека тој има тешка задача да маневрира меѓу разни интереси и суети (сите апсолутно нелегитимни во време на пандемија!) и затоа сега јавно ги прашувам сите оние кои ги напаѓаа брзите тестови како „неточни“, „нерелевантни“ и „профитерски“ – глупав ли е Филипче што најавува масовен скринин со „спорните“ брзи тестови? Или брзите тестови сега веќе не се спорни и „профитерски“? Можеби и не се толку брзи, а?

Но, да не бидеам малициозен – потегот на Филипче е за поздравување! Јас сум убеден дека скринингот во Дебар ќе открие многу вредни резултати, од кои нашите епидемиолози ќе можат многу да научат. И убеден сум дека скринингот многу брзо ќе се спроведе и во други градови, ако не и во целата земја. Лагата за брзите тестови е совладана. Иако, во ова време-невреме, таа, лагата, баш и не мораше да прошета половина свет, додека вистината да ги обуе чевлите.

Можеше, на пример, некој да прочита една значајна статија, објавена на сајтот на Светскиот економски форум (линк тука), во која двајца научници од Харвард детално ги објаснуваат видовите и начините на тестирање. Во овој текст, кој нема да го преведувам (се надевам дека нашите епидемиолози ќе го прочитаат изворно, на англиски јазик, како и многу од вас, почитувани читатели), се зборува, меѓу другото, зошто треба да се тестираат и асимптоматските случаи, зошто во Кина и во Сингапур сега се дава приоритет токму на серолошките тестови и зошто тие тестови даваат подобра вкупна слика за заразата, но уште поважно – за нас во Македонија ептен важно! – зошто овие тестови даваат поточна слика за стапката на смртноста. Мислам дека скринингот во Дебар би можел да ни даде токму такви податоци.

Да не заборавам. Честитки и за потегот на владата да изработи мобилна апликација за следење на заразените со ковид-19, иако таа допрва треба да ја потврди својата ефикасност. Ова со оглед на фактот дека таа е дизајнирана така што секој заразен има право сам да одлучи дали ќе се пријави или не. Како и да е, тоа е добра иницијативата, а трудот на компанијата „Некстсенс“ е за пофалба. Можеби ова и нема да биде некој идеален „тракинг“ на заразените од ковид-19, но во секој случај мобилната апликација наликува на еден битен елемент од спектакуларното јужнокорејско сценарио.

Нема сигурен лек, но има надежни терапии

Збор-два и за лекувањето на заболените од ковид-19 во Македонија. Министериот Филипче денеска конечно потврди дека комбинацијата од антималаричниот лек хидроксихлороквин и антибиотикот азитромицин, кај нас познат како „сумамед“, дава резултати и дека дел од пациентите кои биле на ваков третман веќе се излекувани. Одлична вест! Спомнувањето на овој експериментален третман и кај нас, како и во светот, беше дочекано со големи резерви, поради незанемарливите нуспојави од примената на двата лека во комбинација. Многу е важно тоа што наспроти резервите, па и наспроти злобните реакции, македонските власти донесоа одлука еден број пациенти да се лекуваат на ваков начин, во рамки на глобална студија. Нека се и само десет пациенти, најважно е што третманот дава резултати. Јас сум убеден дека и јапонскиот лек „авиган“, кој ќе дојде во Македонија на барање на министерот Филипче, ќе даде добри резултати. Тој веќе се применува во Турција, Бугарија, Чешка…

Луѓе, да се разбереме добро. Јас не сум лекар. Ама не сум ни глупав, ниту сакам да се правам таков. Логиката е многу едноставна. Специфичен лек за ковид-19 нема, а далеку сме од вакцина. Кај нас, во овој момент, колку што ми е познато, терапијата со која се лекуваат поголемиот дел од пациентите е комбинација на „тамифлу“ со моќни антибиотици. Не треба да ги прашуваме инфектолозите за да заклучиме дека таа терапија е недоволно ефикасна – имаме многу смртни случаи, тоа е факт. Затоа, не можеме да чекаме да се појави „сигурна“ терапија, потврдена со обемни клинички студии. Нема време за тоа!

Ако денес барате стопроцентно сигурен и безбеден лек за ковид-19, нема да го најдете. Таков нема. Но, ако имате луѓе на механичка поддршка за дишење и ако знаете дека само 2 отсто од нив ќе преживеат (така рече Филипче, иако се надевам дека тој процент е малку повисок), нема причина да не го употребите и лекот „ремдесивир“, на пример. Тој лек се тестира во една клиничка студија што се спроведува во САД, Канада и во Европа (за жал, на мал примерок од 53 пациенти) и засега се покажал како успешен – 17 од 30 пациенти кои биле на „вентилатор“ се вратени во живот, без справа за дишење. Што губи човек кој има само 2 отсто шанси да преживее, ако го прими овој лек? Тој човек не може да чека сигурен и безбеден лек. Зошто му се ускратува макар и минимална шанса, макар и лажна надеж, ако друга и нема?

Истото се однесува и на експерименталната терапија со крвна плазма, но и на една друга експериментална терапија, за која ќе пишувам во текот на утрешниот ден – поддршката со медицински озон. Во една клиника во Шпанија, терапијата со озон дала спектакуларни резултати. Ако веќе оваа терапија се применува во Македонија кај некои болни од други болести (за тоа имаме капацитети), при тоа и без никакви нуспојави, кому му пречи пациентите со ковид-19, но и лекарите и целиот медицински персонал, да добијат една таква поддршка на својот имунитет?

Македонија во глобалниот брејнсторминг

Свесен сум и за многубројните обвинувања дека наводно вршам притисок врз експертите и врз здравствените власти, дека изигрувам лекар и експерт за нешта што не ги знам, дека дури и сум „препишувал“ лекови и терапии. Жал ми е што информациите што ги пренесува Плусинфо на дневна основа, како и мојот напор во таа насока, некои луѓе ги доживуваат како „мешање“ во работите за кои се „надлежни“ некои други. Но, обвинувањата од ваков вид морам да ги отфрлам енергично и со индигнација, како неосновани и крајно злобни!

Сум напишал повеќе пати и пак ќе го повторам истото – глобалната пандемија бара глобален одговор, а тоа подразбира и еден глобален брејнсторминг, жива дебата во светот на науката и во медицината посебно, за тоа што може да се стори сега и веднаш, со цел светот ова зло да го поднесе со што помали последици и штети. Македонија не смее да остане надвор од тој процес. Не постојат „мерцедес“ и „тојота“ направени само за Македонија, така поевтинички малку, нека се и поскапани. Нема такво нешто. Како што нема ни посебна медицина само за Македонија, таква што важи од Табановце до Гевгелија и од Деве Баир до Ќафасан. Има само импровизации.

Тоа треба на сите да им биде јасно. Одговорните медиуми и новинари имаат не само право, туку и професионална обврска да бидат вклучени во тој глобален брејнсторминг што се случува, не само како пренесувачи на информации, туку и како поттикнувачи на здравствените власти и на луѓето од медицината и од науката во своите земји да се приклучат кон тој процес. Така е во медиумите во светот, така јас ја разбирам и својата професионална обврска во Македонија. И тука компромис не може да има!

Како што гледаме, на овој или на оној начин, порано или подоцна, наспроти сите отпори и нервози, поттикнувањето и во Македонија дава резултати. Не баш спектакуларни, ама дава. И тоа е најсигурниот доказ дека и ние имаме отворени умови, токму во светот на медицината и на науката. Имаме и ние љубопитни експерти, лекари со желба да споделат информации и искуства со своите колеги и да научат нешто. Вистината се пробива низ шумата од пропаганда и манипулации, зашто има силни сојузници меѓу македонските лекари, научници и менаџери во македонското здравството. Со дел од нив комуницирам речиси секојдневно и од нив го добивам драгоценото чувство за тоа колку многу сериозни луѓе во Македонија и колку Македонци низ светот загрижено и трескавично се информираат, анализираат и размислуваат за пандемијата.

Ако нешто не спаси од ова зло, тоа ќе бидат само отворениот ум и среќата. А и таа, пустата, среќата, ги следи храбрите.

 

 

Поврзани содржини