КОНЕЧНО БЕСПЛАТЕН ГРАДСКИ ПРЕВОЗ – НЕМА АВТОБУСИ, НЕМА ПЛАЌАЊЕ Додека не се поделат плати, автобусите не мрдаат од гаража!
Сепак најгневни беа жителите на Драчево, Лисиче, Кисела Вода, Пржино, Црниче и други скопски населби и населени места, каде што освен автобус на ЈСП „Скопје“, оние што немаат автомобил или друго превозно средство, не можеа да стигнат онаму каде што требало денеска да одат.
Вистинска џунгла се случуваше утринава на скопскиот асфалт, откако вработените на ЈСП „Скопје“ уште во 4.30 часот одлучија да не седнат зад воланот и да ја почнат својата смена. Скопјани се обидуваа на секој начин да дојдат до своите работни места, учениците во училишта, болните на закажаните термини… Многумина доцнеа, а некои и се откажаа од намерата да го зграпчат денот.
Улиците и булеварите во Скопје беа преполни со автомобили и такси возила. На велосипедските патеки имаше значителна фреквенција на велосипеди и електрични скутери. Некои го искористија убавото и време и тргнаа пеш од своите домови, сѐ со цел да дојдат до посакуваната дестинација.
Скопјани гневни
Ова е сликата што можевме да ја забележиме утринава. Автобуските постројки беа празни, единствено можеше да се забележи по некој патник кој го чекаше пристигнувањето на приватните автобуси.
Сепак, најгневни беа жителите на Драчево, Лисиче, Кисела Вода, Пржино, Црниче и на други скопски населби и населени места, каде што освен автобус на ЈСП друг градски превоз нема.
– Уште вчера знаев дека ќе нема автобус и побарав од шефот да работам од дома, затоа што работата ми го овозможува тоа. Доаѓањето со такси не доаѓаше предвид, бидејќи од Драчево до Центар ќе ме чинеше многу повеќе од мојата дневница. Сепак, други членови на моето семејство воопшто не отидоа на работа или некои се организираа со соседите и така заминаа – ни објасни Сандра.
Јана од Лисиче вели дека вчера дала повеќе пари за такси само за да стигне на работното место во Ѓорче Петров, а за денеска заедно со соседот со автомобил се возела до Центар, а оттаму со приватен автобус некако стасала на работа.
Социјалните мрежи „горат“
Уште од вчера, но и рано утринава социјалните мрежи вриеја од коментари поврзани со превозот во Скопје. Луѓето се бесни затоа што не можат да ги извршуваат своите работни обврски или приватни, бидејќи како превозно средство ги користат токму автобусите на ова јавно претпријатие.
– Вчера задоцнив на работа поради дојавата за бомба во некој од автобусите, а денеска морав повторно некако да се снаоѓам. Навистина е срамота што Градот не успеа да најде начин да им исплати плати на вработените, па топката ја префрла на други. Јас имам платено месечен билет, па мора да ми се обезбеди превоз, бидејќи тоа е единствениот начин на кој функционирам – пишува револтирано еден скопјанец на социјалната мрежа Фејсбук.
Коментарите не запираат, а прстот речиси секогаш е насочен кон градоначалничката Данела Арсовска, бидејќи според скопјани, таа е виновна за целата ситуација, затоа што, како што велат, за една година поставила дури тројца в.д. директори на ЈСП „Скопје“, а претпријатието трупа долгови.
– Изгледа бесплатниов превоз и не е бесплатен, како што ветуваше. Не знам како таа планира да го реализира тоа, уште без срам вели дека ќе го добиеме следната година. Таа плати не може да им обезбеди на вработените, па уште такво нешто најавува. Не може да разбере дека во животот нема ништо бесплатно, а и тоа што е некој треба да го плати – вели друг скопјанец.
– Големо браво за Данела, вети бесплатен превоз и обезбеди – некој со велосипед, некој пешки, ама важно без пари е. Ние плаќаме нешто два пати за да го добиеме бесплатно, на Градот за данок на имот, на централната власт за буџетот и уште билет купуваме и немаме со што да се возиме, срамота! – коментира друг.
– Не беа способни да го менаџираат парното, го предадоа на Владата, сега и со ЈСП, па зошто ни е е тогаш градоначалник? – прашува Ристо.
– Срамота! Луѓето редовно си ја работат работата, а немаат земено плата. Изгледа надлежните мислат дека вработените живеат од љубов спрема претпријатието – вели Нено.
Само за Скопје ли да се даваат пари?
Градоначалничката Арсовска посочи дека владата, поточно Министерството за образование ѝ должи пари и затоа не може да се исплатат платите на вработените. Таа изјава исто така предизвика бура на социјалните мрежи, но овој пат од жителите на другите градови во земјава.
– Ако не знае Данела да го менаџира градот, нека си поднесе оставка. Немала пари за струја, бара од владата, немала за парно, бара од владата, немала за превоз, бара од владата, аман веќе, па и ние што не живееме во Скопје имаме право на живот некаков, на нашите градови не ли треба да им се помогне некако? – вели жител на Струмица.
– Доста веќе Скопје, па Скопје… Што сме ние должни да плаќаме за некои неспособни? Јавен превоз има во Битола и во Тетово, па нека даде владата пари и за нас од буџетот, па ние да се возиме во убави и нови автобуси – пишува жител на Битола.
Плати за септември или – нема возење!
Што точно ќе се случува со градскиот превоз во Скопје ќе биде познато наскоро. Претседателот на Независниот синдикат на возачи при ЈСП, Африм Муча, е дециден дека нема да има превоз сѐ додека не им се исплати септемвриската плата.
– Сѐ додека не се исплати платата, ќе бидеме во гаража. Дојдени сме сите вработени од прва, втора и од трета смена – вели Муча.
За денеска во 13 часот повторно е закажана вонредна седница на Советот на Град Скопје, откако вчера советниците побараа од градоначалничката Данела Арсовска да достави одлука за прераспределба на средства за платите на вработените во ЈСП.