КОН „ЛИЛЈАЦИ“ ОД ЛАЗАРОВ Поезија на значења

За поетската книга „Лилјаци“ од Ристо Лазаров во издание на ,,Везилка2011“ Скопје, 2021.

2,726

Во обидот да се разбере и доживее поезијата во оваа книга на угледниот македонски поет Ристо Лазаров, нужно е да се тргне од книжевно-теорискиот став дека книжевно-уметничкото дело е живо единство на текстот и контекстот. Притоа, треба да се знае дека тоа живо единство настанува при самото раѓање на текстот, уште пред тој да биде запишан, изговорен или тонски снимен. Нужно е, исто така, да се знае дека меѓу текстот или, во случајов, песните во оваа книга, од една, и контекстот во кој тие се создаваат, од друга страна, постојат неопределен број живи меѓуодноси, кои се пројавуваат преку своевидни, за творечкиот процес мошне битни креативни интеракции. Кон нив треба да се подразберат и интеракцијата меѓу строфата и песната како нејзин контекст, која е поврзана со живата интеракција меѓу стихот и строфата како негов контекст и интеракцијата меѓу зборот и стихот како негов контекст. Поетското искуство со векови потврдува дека токму живото единство меѓу текстот и контекстот овозможува богат и плоден уметнички израз на повисоки и највисоки нивоа на поетската уметност.

Особената вредност на овој своевиден систем на жива интерактивна поврзаност на различните делови и нивоа во самата поетска творба и нивните контексти и (сите тие заедно) со контекстот во кој песната е сместена, во најголема мера се огледа во своевидниот процес на раѓање, создавање и откривање нови, изменети или ослободени значења на постојните зборови, некој вид отворање на зборовите и активирање неоткриени или потиснати значења, постигнување богата и уметнички жива изразна повеќезначност. Од тоа колку творецот е свесен за тие заемни дејствени односи и живи интерактивни врски и колку е способен да ги исползува во создавањето на песната, толку побогат и уметнички повреден ќe биде нeговиот поетски израз.






Овој книжевно-теориски став за книжевно-уметничкото дело како живо единство на текстот и контекстот кои даваат нови и овозможуваат откривање други значења на зборовите има свој пандан во Де Сосировата лингвистичка теорија, во нејзиниот дел кој го разработува токму прашањето за значењата на зборовите. Во таа теорија постои живо единство меѓу јазикот и вонјазичниот свет, во кое зборовите имаат значења кои се однесуваат до вонјазичната стварност, при што вонјазичниот свет е најширокиот контекст на јазикот и на сите негови творби. Според Де Сосир, значењето во лингвистиката е јазична појава која ги поврзува јазикот и вонјазичната стварност, при која преку комуникациската јазична функција се пренесуваат информации за вонјазичниот свет и за тоа како тој свет се разбира. За да биде можна комуникациската функција на јазикот, јазичните единици со кои се комуницира мораат да имаат значења кои се однесуваат до вонјазичниот свет. Со своето тврдење дека јазикот не е номенклатура на називи со кои се именуваат предметите во вонјазичниот свет, туку дека е систем на јазични знаци, Де Сосир го определил значењето како посредна категорија помеѓу јазикот и вонјазичниот свет. Тоа говори дека значењето се остварува со употребата на јазичниот знак кој мора конкретно да се однесува до определен предмет на вонјазичниот свет. Врз основа на тоа, структуралистичката семантика разликува денотативно, референцијално и конотативно значење, што значи дека лексемата во јазикот, говорот или односот на говорникот кон вонјазичниот свет остварува различни видови значења.

Според тој модел уметнички функционира и живото единство на текстот (песните) и контекстот во кое настанало ова поетско дело на Ристо Лазаров. Насловната песна „Лилјаци“, уште со првите стихови го воведува читателот токму во суштината на тоa единство меѓу текстот и контекстот, во тој особен систем на односи и интеракции, во креирањето нови и менувањето на постојните значења со други, поинакви, од кои се создава сложена повеќезначност како основна одлика на ова поетско остварување. По првите три стиха, веќе се знае дека зборот „Лилјаци“ во насловот го нема своето вообичаено значење и се oчекува во песната да добие нови значења. Тоа предизвикува сложена, длабока и (поради карактерот на контекстот, зловесна) недоумица, во која се бара одговор што точно во песната ќе значи таа именка, дали тие катранести и дребни крилести суштества се птици или црни ѓаволи, за кои ни сезнајниот Господ не знае што се и од што се додека никој жив на целиот свет нема дерман од нив. Во тоа барање и очекување нови значења, зборот „Лилјаци“ е наполно отворен и прима други значења: птици, црни ѓаволи, демони; натаму, како што се развива песната, тие се „летечки риби/црна, невидлива авијација/како онаа американската“, стануваат страотно борбено мноштво: „цели легиони по пештерите/недобројни гроздови/виснати по секое гранче на дрвјата“; тие „…ги знаат сите/мегдани на црното зло…“ „Во зорт-заман…/се преправаат/пејачки друштва формираат/хорови на слепите лилјаци/пеат серенади/пеат и по нарачка/се додворуваат/па збеснато ги вртат/мини коњските главчиња“…

Контекст на оваа песна е ковид-19 пандемијата, планетарна здравствена и егзистенцијална криза во која е трагично загрозен целиот човечки род. Невидливиот вирус покажува кобна сила со која секојдневно зема човечки жртви, чиј број забрзано расте и станува милионски, со зла закана да се претвори во помор на човештвото. Светот, особено оние негови делови што важат за најнапредни, најразвиени и ужасно моќни, кои имаат свест, знаења и способности да победат секаков непријател па и секавично да го уништат и сиот живот на Планетата Земја – токму тие надбожји херои, гротескно сардисани, дезориентирани, загрозени, збунети и уплашени, треперат немоќно пред невидливиот, безвкусен и безмирисен вирус и умираат без лек и божји спас. Моќта на вирусот е толку голема и страшна што го зароби човештвото и го промени човековиот свет, го преправи самиот човек во сопствен убиец, ги промени нормалните значења на животот со значењата на страдањето и смртта како казна. Лилјаците, за кои во почетокот на епидемијата, се тврдеше научно дека се носители и преносители на вирусот, дека ја пренеле заразата врз луѓето, ги добиваат значењата на кобното зло, значењата на первертираниот, демонизираниот гротескен свет. Највпечатливото и најзастрашувачко ново значење на лилјаците во оваа вознемирувачка, морничава песна, кое иако не е кажано, несомнено е: лилјаците се луѓето. Така светот на човекот е гротескен, комичен и трагичен во исто време, ирониски и таговен, дисхармонизиран, свет на идиоти кои пред пандемијата си вообразувале дека се недопирливи за секое зло, особено она што самите секојдневно и од името на Бог им го задаваат на други луѓе, на милијардните клетници и несреќници, кутрите жртви на бездушна експлоатација и бескрупулозна идиотизација уште од времето пред божјото создавање на светот па до денешен ден.

И песните од првиот циклус „Новоизградениот пекол“ се во контекстот на пандемијата со ковид-19. Првата од нив е речиси чудесна евокација на жива и разиграна епизода од животот на чешкиот сликар Алфонс Муха. Таа евокација се пројавува во свет кој е променет не „по мера на обичниот човек/ами по мера на некој илегален вирус/кој непрестајно произведува/само страв, страв, страв/и нови сорти изоланти.“ Светот е загадочен, заканувачки таинствен, гротескно противречен, во нови значења кои тешко се разбираат и одгатнуваат, спротивни на претходните, среде кои се чини дека Алфонс Муха прави шпага „преку сиот ум на човештвото“. Тотално дезориентиран во гротескната повеќезначност на поимите, Свети Илија од црквата во Могорче, Дебарско, Македонија, се мачи „…да одгатне/барем што значи Словенската епопеја“ на Алфонс Муха, ремек делото од дваесет слики. А вистината е во первертираноста на значењата до тој степен што уметноста на возвишеното и верата како пат во совршенството добиваат значење на лага, идиотизам, залудност, беда и страдање.

Контекстот ковид-19 пандемија е контекст и на песната во која Франциско Гоја, со своите Гола и Облечена Маја во музејот Прадо во Мадрид и со посетителите Алберти, Андриќ и Вознесенски го доживува ужасниот шпански грип – „поморот на една третина од човештвото“.

Сите без исклучок, штом ќе се сетат

На покосницата, со тежок молк во мислата

Кинисуваат наназад во времето…

Контекстот ги менува значењата на слободата со значењата на ропството, значењата на оптимизмот и радоста со значењата на песимизмот и чемерот, значењата на моќта со значењата на немоќта, значењата на животот со значењата на смртта. Светот е кошмарен и болен. Рафаел Алберти, Иво Андриќ и Андреј Вознесенски излегуваат бесцелно од музејот Прадо и тешко воздивнуваат: „Зарем е важно сега каде ќе се упатат?

Во контекстот ковид-19 пандемија се маѓепсани и Диреровите Четири јавачи на апокалипсата кои галопираат да …„му стават лисици на невидливиот ѓавол“. Јавачите стигаат до првата крчма и се гостат за да ги потесетат „новите поколенија/дека гладна мечка оро не игра“. Свечености се само панаѓурите на кои главни херои се мечкарите, а единствени танчерки се токму мечките.

Чудни некои мечки, од западна провиниенција:

на гробовите на умрените мечкари

ставаат по една перуника, за полесно

да им врви муабетот со Богородица.

Во контекстот ковид-19 пандемија, по четири века, одејќи по темни и зловесни визии, Караваџо се враќа во својот роден град Милано да постави нов штафелај пред Дуомо. Си доаѓа дома со порив, мисла и гонет од нужност да слика нови значења во старата стварност. Но градот е сенишен и умртвен, „пред Дуомо е пуста пустелија/бутици затворени, луѓе во карантин“… Тука владее …„нешто невидливо – ем невидливо, ем смртоносно/како чумите во негово време/чие што потекло сѐ уште е непознато“. Паѓа во драматична творечка (духовна) и егзистенцијална немоќ, животниот хоризонт му се стеснува и стемнува, светот станал отворен гроб на кутри заробеници на пандемијата. Поразен и уплашен, тој бега од „жариштето на епидемијата на идиотизмот“, притоа пребарувајќи низ џеповите „да не случајно го изгубил калаузот/за излез од новоизградениот пекол“. И уметноста е немоќна пред невидливиот и кобен вирус, не може да ги промени неговите апокалиптични значења и да го апсолвира ужасот со кој ја тресе целата планета.

Творечката постапка на поетот Лазаров во многу потсетува и личи на упатството и советот што Данте Алигиери во својот трактат „Гозба“ ги дал на сите оние што подлегнале на убавото искушение да создаваат книжевно-уметнички дела. Ако творецот, советува Данте, го изразува своето дело усно, тој треба својот јазик да го извежба да биде толку брз и способен да ја достигне брзината на мислата за да ја изрази (по можност) во нејзината целост. Ако, пак, творецот го изразува своето дело со пишување, тој треба својата рака да ја извежба да биде толку брза за да може да ја запише мислата во нејзината полнота. Откако ќе биде постигнато тоа, следи обработката на фиксираниот материјал, односно техниката на творечко обликување на делото.

Во творечката постапка во која творбата, како живо единство на текстот и контекстот, се антиципира во целост, е од пресудно значење за вредноста на самата творба, затоа што создавањето се одвива во творечки процес кој е жив, отворен и ги има и нуди речиси сите можности да се сочува и изрази неговото богатство и големомерно и впечатливо. Во таквото пеење точно се знае што се пее, за што се пее, какво е секое значење во уметничката комуникација и зошто поетското дело е богата уметничка повеќезначност. Со таква творечка постапка, со толку скапоцени плодови од неа (мора да се признае, не само во оваа негова поетска книга, туку и во претходните) поетот Ристо Лазаров постигнува творечки нивоа високи колку највисоките постигања на многу поети чии дела се во врвот на светската книжевност.

Поврзани содржини
na