„КОМУНАЛНА“ И „ПАРКОВИ И ЗЕЛЕНИЛО“ НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПОДЕЛАТ Општините бараат, но законот не дозволува, потребна е промена, вели Перински
Министерот додаде дека се размислува за формирање на комунална полиција која ќе може да воведе ред во градот. Тој посочи дека новата комунална полиција би можела да има основ да казнува и локални самоуправи ако не постапуваат, што ќе се разгледува во соработка со Министерството за внатрешни работи и ЗЕЛС.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, изјави дека е невозможно да се поделат јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ меѓу скопските општини, како што побараа градоначалниците. Тој објасни дека постојните закони не дозволуваат таква поделба, и дека за реализација на нивното барање се потребни законски измени и време.
Градоначалниците на Скопје побараа од Владата да ги пренесе ингеренциите на овие претпријатија на скопските општини, вклучувајќи ја и опремата и вработените, за да можат сами да управуваат со чистењето и одржувањето на зеленилото. Перински истакна дека барањето не може да се реализира веднаш и дека ќе биде потребно да се изменат неколку закони, вклучувајќи го и Законот за локална самоуправа, што значи дека моменталните проблеми со хигиената во Скопје не можат да се решат на овој начин.
– Надлежностите на Град Скопје се строго утврдени во Законот за локална самоуправа во член 22. Во ставот 4 точно е наведено дека делот од собирање, третирање и одлагање на комуналниот отпад е законска надлежност на Град Скопје и тука нема никаква дилема. За да се реализира барањето кое стигна од ЗЕЛС треба да се сменат неколку закони меѓу кои и Законот за локална самоуправа, што значи дека согласно постојните законски решенија, спроведување на нивното барање во моментот не е можно. Дополнително сметаме дека во пракса за да се спроведе ова барање ќе треба многу повеќе време отколку да се решат институционално проблемите во Градот и Советот. Затоа ние тоа и го понудивме на градоначалничката Данела Арсовска и се надеваме дека ќе почнат да се наоѓаат решенија за проблемите на скопјани – вели Перински.
Министерот додаде дека се размислува за формирање на комунална полиција која ќе може да воведе ред во градот. Тој посочи дека новата комунална полиција би можела да има основ да казнува и локални самоуправи ако не постапуваат, што ќе се разгледува во соработка со Министерството за внатрешни работи и ЗЕЛС.
Перински смета дека е потребно и да се разгледа опцијата за нов Закон за локална самоуправа, со оглед на тоа што постојниот закон е донесен пред 20 години.