Кому му требаше (и) религиозен преседан?
Она пак „и“ во насловот, ставено во заграда, треба да појасни дека до вчера Собранието, но и другите државни институтуции, беа поштедени барем од тој непосакуван религиозен хаос. Ги видовме речиси сите можни политикантски преседани, но религијата остана по страна како навистина света работа. Иако се обидуваше да се наметне, особено во образованието, па на почетоците на школската година со разноразни религиозни циркуси и слично. Ама и тоа изгледа стивна. Сега ќе се сели ли во Собранието?
Прашањето од насловот е всушност реторичко и не очекува никаков одговор. А бидејќи се однесува на онаа релиозна „претстава“ во Собранието по повод одбележувањето на денот на масакрот во Сребреница, сите можни одговори се познати. И точни. И во нив нема ни запирка којашто би можела да ја оправда „претставата“, без оглед колку се трудеа главните актери и неколкумината нивни „модератори“ од граѓанско-активистичка или друга провениенција. За жал, таму имаше сѐ и сешто во името и под превезот на, како што велат, „гест на почит“ и израз на хуманост. А сепак, почитта и хуманоста не се изразуваат на таков начин во највисоката демократска институција во државата!
Зошто? Затоа што таквите преседани просто мамат други вжештени глави да вратат со иста мерка. А такви политикантски глави кај нас никогаш не недостасувале. И тогаш – настанува религиозен хаос. Кому му треба(ше) такво нешто?
И во тој контекст и едно потпрашање: како целиот „настан“ помина така глуво, само со две-три политикантски соопштенија и „осуди“? Не остава ли (и) тоа впечаток на некаков претходен „дил“, како и многу други што поминаа низ јавната сцена?
Она пак „и“ во насловот, ставено во заграда, треба да појасни дека до вчера Собранието, но и другите државни институтуции, беа поштедени барем од тој непосакуван религиозен хаос. Ги видовме речиси сите можни политикантски преседани, но религијата остана по страна како навистина света работа. Иако се обидуваше да се наметне, особено во образованието, па на почетоците на школската година со разноразни религиозни циркуси и слично. Ама и тоа изгледа стивна. Сега ќе се сели ли во Собранието?
Веројатно, зашто како и во сѐ друго, и во тој поглед регулативата ни е сведена на онаа ни-оди-ни-седи флоскула во Уставот дека верските заедници и религиозните групи „се одвоени од државата и се еднакви пред закон“ и којашто секој може да ја „толкува“ како му одговора. А тоа и го прават и во овој случај. Со право? Можеби, зашто ако на истото место во тој Устав „мудреците“ напишале и дека „Се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата“, тогаш – што? Луѓето се повикуваат на тоа и „слободно и јавно, (…) во заедница со други“ си ја изразуваат верата! Па и во Собранието.
И нормално, кај нас секогаш ќе има такви кои ќе умеат да ги искористат сите дупки во законите, сите недоречености во Уставот, сите глупости на македонските „мудри“ глави кои со децении се закачени на грбот на државата. Но сепак, и покрај сето тоа, зарем ни беа малку оние циркуски точки на капларон Џафери во и со Собранието, па сега ни треба уште една, религиозна, и од новава власт?
Дури и Уставот да е недоречен, здравиот разум и логиката подразбираат дека на верските обреди, во секуларна држава, не им е местото во нејзините институции, а особено не во највисокиот законодавен дом. Па нека е и за такви поводи како одбележувањето на масакрот во Сребреница. Зашто, ако се загрее верската локомотива, ќе татнат ритуални обреди низ собраниските сали за секакви поводи!
Затоа, повторно, и прашањето од насловот, колку и да е реторичко, бидејќи таквите преседани се токму спротивното од суштината/значењето на поимот преседан. И тоа многумина, за жал, така ќе го разберат. Како оној бивш министер за правда кој кодешеше во странските амбасади и институции, а сега глуми некаков проповедник за камен-темелници. Но на оваа земја не ѝ требаат такви камен-темелници туку онакви преседани што ќе трасираат пат за правна и демократска држава!
Зашто, имено, ако преседанот, во принцип, е активност, ситуација или решение што треба понатаму да служи како пример или правило за добро владеење и демократска пракса, тогаш што треба да ни посочи овој религиозен преседан? Дека тоа е вистинскиот пат за влез на религијата во Собранието, дека така треба да се однесуваат и другите пратеници, секој од својата вера? Нема ли тогаш законодавниот дом да се претвори во религиозен шатор во којшто секојдневно (ќе) се одвиваат обредни ритуали од секаков тип? Зашто, барем православната религија, речиси секојдневно слави некакви верски празници, па поповите, наместо в црква, ќе доаѓаат со кадилниците во Собранието? Мислел ли некој на тоа?
Не, се разбира не мислел, како што ни политичарите од сите етникуми изминативе три децении не мислеа што сѐ ќе произведат оние чудовишни политикантски преседани што ни ги лиферуваа низ годиниве. И какви сѐ последици оставаа(т) во системот? Од парадемократски устав до двосмислени референдуми, од прифаќање на измислени имиња за државата до активни „политички“ партии со формална забрана за делување, од криминални приватизации до октроирање на типичен соцреалистички систем во економијата и другите дејности, од прифаќање на ставот дека најлошите од нас можат да бидат носители на највисоки државни функции до толерирање на криминалот и корупцијата во самите врвови на власта, на налудничави меѓудржавни договори и коекакви квазиевропски „рамки“… итн.
Па ние, по ѓаволите, до вчера го сметавме за нормален и преседанот дека странските амбасади се тука не како дипломатски претставници на нивните земји туку како наши надредени газди кои делат наредби што и како смее да се прави во државата!
Сето тоа беа форматни преседани несвојствени за нормална современа држава со европски дух и аспирации, коишто потоа се ситнеа и развлекуваа во помали но еднакво страшни поединечни преседани од типот на купи-продај партиски и државни „политики“, на примери на непотизам и клиентелизам, на партиска бирократија во државниот апарат и полуписмени директори во иснтитуциите, на анонимни премиери „паднати од Марс“, на заразни пратенички во скафандри во Собранието среде пандемија кои потоа ќе авансираат во „министерки“ што ќе ја доуништат културата, на скандалозното трошење државни средства за приватни потреби, на сопруги, внуци, сестри и „остала родбина“ како важни (пара)државни тркалца во системскиот механизам… итн.
Сите тие провинциско-простачки преседани потоа се наметнуваа како некаков „стандард“ што може/треба да се следи и прифаќа во иднината, дури и како нормална состојба во којашто општочовечките вредности немаат никаква улога и значење. Лошиот преседан стана правило, се устоличи како модел на управување и однесување.
Можеби во нормални држави онаа флоскула „одвоени од државата“ нешто кажува и значи, па следствено е и почитувана, но ние не сме нормална држава. Или ни тоа не го знаеме? Можеби во нормална држава секој нормален ќе разбере дека таа флоскула, дури и онака осамена, посочува дека државата на ниту еден начин не се инволвира во религиски прашања, обреди и др. И иако, велат, ниту една држава низ историјата не успеала да ја одржи таа независност од религијата, сепак компетентните извори го посочуваат првиот амандман на Уставот на САД и силната метафора на Џеферсон за „ѕид на одвојување“ помеѓу државата и религијата.
Ама кога ќе спомнете збор како „ѕид“, секогаш кај нас има умни глави кои веднаш ќе се побунат против какви и да се „ѕидови“, ја гледаат демократијата како поле за нивни изживувања во сите области а државата како етничка мапа на којашто ќе ги исцртуваат сопствените заблуди итн. Кај нас нема ни академски расправи за различните фокуси на религијата и потенцијалните димензии и реалности што ја следат во секојдневието, за можните импликации на религиското инсистирање во насоката на етничкото раздвојување и слично.
Некои „коментатори“, во нивната заблуденост, одат и во таа крајност да ја изедначуваат актуелната „ритуална“ инсценација во Собранието со она шетање на разноразни попови во делегации на македонските политичари. Што нема никакви допирни точки,. се разбира, но служи како подметнување на „добар“ баланс! А не се доволно умни ни да го употребат она ступидно возење низ улиците на неколку провинциски градови и прскањето со темјан во време на ковид епидемијата!
Но, уште еднаш: ако ние не сме доволно паметни докрај, и радикално, да ја одвоиме религијата од државата, ако дозволуваме секоја будала да има свое „толкување“ и „став“ а политиката да се сведува само на некакви смешни „соопштенија“ и ништо повеќе, тогаш сме направиле уште еден чекор кон разнебитувањето на системот. Што е безмалку последниот чекор до нејзината конечна пропаст!