Кому му се потребни нови лажни ветувања за „меѓународна истрага“ за „Монструм“ и за „Диво Насеље“?

Во текот на постапките за „Монструм“ и за „Диво Насеље“, во разни фази, веројатно можело да се побара и да се добие сериозна меѓународна поддршка за истражните дејствија. Заев, Ахмети и другите треба на јавноста да ѝ објаснат зошто тогаш не се потрудиле тоа да се случи.

8,339

Орхан Муртезани, портпаролот на партијата Алтернатива, новиот партнер во владејачката коалиција, изјави дека Зоран Заев и Африм Гаши се договориле Владата да побара меѓународна истрага за судските пресуди каде што има сомневања за „политичка импликација“, како што се „Монструм“, „Алфа“, „Диво Насеље“, случајот со Алмир Алиу и некои други.

Вчера беше појаснето дека планот бил Владата да испрати официјално барање до Европската Комисија, во кое ќе побарала тим од независни експерти, кои ќе извршеле меѓународна истрага на процеси за кои постојат сомневања дека врз нив било вршено „политичко влијание“.






Професорот Гордан Калајџиев со право го постави клучното прашање – како тоа ќе има меѓународни истраги за пресудени предмети?

Што сакаше Зоран Заев да направи со „бомбите“ за „Монструм“?

Интересен за анализа е случајот „Монструм“, за петкратното убиство кај Смилковско Езеро. Како што е познато, на 12 април 2012 година беа убиени 4 момчиња од населбата Радишани на возраст од 18 до 21 година и 45-годишен рибар од селото Црешово. Со првата пресуда, 6 лица беа осудени на доживотна казна затвор.

Уследија жестоки протести и сомневања дека станувало збор за „политички мотивирана“ пресуда. Откако Зоран Заев јавно соопшти дека има сознанија за овој случај во нелегално снимените материјали (т.н. „бомби“), Врховниот суд во 2017 година ја укина таа пресуда и наложи повторно судење. Во март 2018 година случајот го презеде поранешното Специјално јавно обвинителство, а во септември 2019 година предметите на СЈО ги презеде Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал, но предметот пак падна во рацете на популарната „специјална‘ обвинителка Фатиме Фетаи.

Повторното судење заврши со три доживотни казни затвор за тероризам. Едно лице е осудено за две кривични дела помагање на сторител по извршено кривично дело, за што доби единствена казна во траење од 9 години. Друго лице е осудено за помагање на сторител по извршено кривично дело, на 15 години затвор. Судот го отфрли обвинението против еден од обвинетите.

Не ги спомнувам имињата на осудените и не навлегувам во материјална расправа за двете судења. Можеби е потребно да се потсети дека при повторната пресуда, едно од осудените лица ги повика јавните обвинители Љубомир Јовески и Вилма Русковска да го посетат во притворот, за да им приложи докази за нарачателите и организаторите на ова убиство, како и за помагачите“. Тоа лице при тоа се закани дека ќе ги објави доказите на јавноста и ќе им ги даде на странските амбасади, за да се утврди кој бил извршител, нарачател и помагач. Не се сеќавам како заврши таа епизода, но да се случеше нешто битно, сигурно ќе дознаевме сите.

Клучната теза на луѓето што го оспоруваат процесот „Монструм“ е дека некој за убиството на петте Македонци намерно обвинува Албанци, за да се создаде или можеби да се одржува „контролиран конфликт“. Зоран Заев уште во 2015 година, повикувајќи се на незаконски следените комуникации во кои наводно имало телефонски разговори и смс-пораки кои можеле да фрлат „нова светлина за вистината за петкратното убиство“, ги поттикна надежите дека ќе се откријат „вистинските убијци“. Заев потоа ги предаде тие докази во СЈО, а откако Врховниот суд го врати предметот на почеток, изјави: „Сега барем постои фер-шанса за правда. Можеби тие докази кои ги има во СЈО ќе ги потврдат оние кои веќе ги има, или пак ќе доведат до вистинските извршители. Важно е и родителите и семејствата на убиените да ја знаат вистината. И тие ќе бидат мирни ако знаат дека до крај се истражило и дека вистинските убијци ќе одговараат“.

Три години Заев и Ахмети имаа можност да донесат странски истражители – зошто не го сторија тоа?

Како што е познато, во текот на протестите за „Монструм“, јавно се бараше меѓународна истрага за овој случај. И тогаш, како и сега, извршната власт ја делеа СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети. Што ги спречи партнерите во власта од Европската комисија да побараат тим што ќе спроведе меѓународна истрага, како што сега наводно се договориле Заев и Гаши? Не беше ли поупатно тоа да се стори пред да се донесат две судски пресуди за истиот случај? При што, да се потсетиме, пресудата од повтореното судење, наспроти фамозните „бомби“, во основа ја потврди фактичката ситуација утврдена со првата пресуда, а Фетаи не откри ништо ново, што не ја спречи пак да побара максимални казни за сите обвинети.

И за случајот „Диво Насеље“ се бараше меѓународна истрага. Пресудата за престрелките во кумановското Диво Насеље, што се случија на 9 и10 мај 2015 година, при што загинаа 8 полицајци и 14 напаѓачи, не ги смири страстите до ден денешен. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски уште во септември 2017 година најави дека владата ќе ја преземе обврската да спроведе „дополнителна меѓународна истрага“. И тоа беше уште едно празно ветување на владата на Зоран Заев.

Секако, секој пристоен човек може да си го постави прашањето дали овој човек, Зоран Заев, самиот е толкав монструм што постојано шири лажни ветувања, дури и за вакви чувствителни случаи, со кои се засегнати не само жртви, осомничени, обвинети и осудени, туку и целата земја? Мојот одговор на оваа дилема е – не, сепак не. Заев има обичај да лаже, но сигурен сум дека не би се осмелил да ризикува на ваков начин да ја вознемирува јавноста. Едноставно, ако човекот проценил дека луѓето сакаат да ја слушнат фразата „меѓународна истрага“ (во случајов, ако тоа било дел од пазарот со Африм Гаши), нему не му е тешко да ја изговори, да вети нешто за што можеби дури и не знае дека е неостварливо.

Меѓународна истрага оди заедно со меѓународен суд и – никако поинаку!

Да се разбереме добро. Не постои нешто што би можело со правничка терминологија да се нарече „меѓународна истрага“ за предмети од домицилна надлежност. Може таа фраза да се употреби жовијално, за да се означи меѓународна правна помош, како што подоцна е прецизирано во објаснувањето за тоа што договориле Заев и Гаши.

Всушност, познато е дека во поновата историја се водени меѓународни истраги за кривични дела на просторите на поранешна Југославија, но ако има меѓународна истрага, тоа подразбира дека мора да постои и меѓународна институција што ќе ја поведе, која ќе подигне и обвинение (или нема), како и меѓународен трибунал што ќе суди и ќе пресуди. Како што беше Хашкиот трибунал.

Во текот на кривичните постапки, државите можат да бараат меѓународна помош и тоа насекаде, па и кај нас, е регулирано со закони и со подзаконски акти. Како и да е, меѓународната помош, во кој било од регулираните облици, не значи дека истрагата станува „меѓународна“. Кривичните постапки остануваат надлежност на домашните правосудни инстанци.

Да повторам. Во текот на постапките за „Монструм“ и за „Диво Насеље“, во разни фази, веројатно можело да се побара и да се добие сериозна меѓународна поддршка за истражните дејствија. Заев, Ахмети и другите треба на јавноста да ѝ објаснат зошто тогаш не се потрудиле тоа да се случи. И зошто им било поважно да се расфрлаат со популистички ветувања, наместо да го сторат она што законот го дозволува.

Новиот премиер да не срка од чорбата што му ја надробиле Заев и Гаши

Јас во моментов не го знам прецизно статусот на овие два судски предмета и не знам дали воопшто е можно да се разговара за обнова на процесите и на истрагите. Но, едно сигурно знам – сега, откако за двата процеса имаме пресуди, Зоран Заев, Африм Гаши, Али Ахмети, Бојан Маричиќ и кој било друг од извршната власт не се овластени да одлучуваат за тоа прашање. Тоа може да биде надлежност само на судската власт. Таа, евентуално, би можела да донесе одлука за обнова на процесите или на истрагите (велам евентуално, зашто не знам дали е тоа воопшто можно). Ако тоа се случи, Министерството за правда би добило задача да бара меѓународна помош, во својство на сервис на правосудството, а не на орган што одлучува.

Ете затоа, убеден сум дека договорот на Заев и Гаши за „интернационализирање“ на овие судски случаи не е ништо друго освен гол популизам, но и најава за нов диктат на извршната врз судската власт. Таквиот диктат го разнебити македонското правосудство во овие три години, тој е виновен што во многу процеси имаме неквалитетни истраги со веќе пословичното пробивање на сите рокови, неодржливи и недокажливи обвиненија, повреди на правото на одбрана и на принципот на фер судење и други, фатални прекршувања на основните човекови права на осомничените, на обвинетите и на осудените.

Без оглед што надробиле Заев и Гаши, најдобронамерно го советувам идниот премиер добро да размисли пред да се фати за лажицата и пред да почне да срка од таа чорба. Нека ја помириса прво внимателно, нека се подраспраша за зајрето, а богами и за мотивите на готвачите. Да не би да сркне, па да сфати дека лапнал помија наместо чорба.

 

Поврзани содржини