Комитетот за стабилност на НБ: Финансискиот систем лани успешно одговори на коронакризата

Имајќи предвид дека здравствената криза сѐ уште трае, регулаторите и натаму со особена внимателност ќе ги следат состојбите, приспособувајќи ги своите мерки и пристап заради превентивно делување за натамошно јакнење на финансиската стабилност, а со тоа и на отпорноста на системот на шокови.

281

Финансискиот систем успешно им одговори на минатогодишните предизвици од коронакризата. Високите регулаторни барања во периодот пред појавата на коронавирусот и минатогодишните регулаторни мерки придонесоа за натамошното одржување на неговата стабилност, како и за негова подготвеност за натамошни предизвици. Имајќи предвид дека здравствената криза сѐ уште трае, регулаторите и натаму со особена внимателност ќе ги следат состојбите, приспособувајќи ги своите мерки и пристап заради превентивно делување за натамошно јакнење на финансиската стабилност, а со тоа и на отпорноста на системот на шокови.

Ова е оценка на Комитетот за финансиска стабилност на Народната банка од првичните видувања и податоци за остварувањата во минатата година.






Со седницата претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, а учествуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Крсте Шајноски.

Осврнувајќи се на движењата во банкарскиот систем во 2020 година, гувернерката Ангеловска-Бежоска уште еднаш посочи дека тој успешно им одговори на минатогодишните предизвици од здравствената криза.

– Банкарскиот систем, во услови на исклучително непредвидлив амбиент, успеа да го одржи кредитниот циклус остварувајќи кредитен раст од 4,7%, којшто беше финансиран од солидниот депозитен раст од близу 6%. Овие остварувања се поддржани од солидната капитална и ликвидносна позиција на системот. Според првичните податоци, стапката на адекватност на капиталот на системот на крајот на минатата година се зголеми на нивото од 16,6%, а ликвидноста традиционално се одржува на солидно ниво со учество на ликвидната актива во вкупната актива од над 30%. Истовремено, квалитетот на кредитното портфолио се подобри, при што учеството на нефункционалните во вкупните кредити на банкарскиот систем е намалено на историски најниското ниво од 3,4%. Сепак, со оглед на тоа дека сѐ уште постои неизвесност од здравствената криза и нејзиното влијание врз реалниот сектор, неопходно е претпазливо однесување и постојано следење на можните неповолни преносни ефекти од реалниот врз банкарскиот сектор преку каналот на кредитен ризик – истакна Ангеловска-Бежоска.

Во контекст на продолженото времетраење на здравствената криза, на седницата беше посочено и на превентивната мерка за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивидендата на акционерите на банките и штедилниците. Притоа, уште еднаш беше нагласено дека со мерката се делува превентивно за натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем и обезбедување солидна кредитна поддршка на граѓаните и компаниите.

Министерот за финансии  рече дека Министерството за финансии во соработка со Народната банка е на чекор до донесување на нов Закон за финансиска стабилност и нов Закон за платежни услуги и платни системи, со којшто ќе се следат најдобрите практики на Европската Унија и којшто e веќе поставен на ЕНЕР. Бесими посочи и дека и покрај кризата предизвикана од пандемијата, во 2020 година финансиските друштва и давателите на финансиски лизинг ја зголемија вредноста на финансиските пласмани и добивката.

Нора Алити, пак, рече дека и покрај тоа што пазарот на хартии од вредност беше под значителни негативни ценовни притисоци, особено во првиот квартал, тргувањето на Македонската берза се одвиваше непрекинато и уредно и заклучно со 31 декември 2020, сите пазарни параметри го надминаа претпандемиското ниво.

-Вкупниот годишен промет на домашниот пазар изнесуваше 8,20 милијарди денари, што е зголемување за повеќе од 6% наспроти 2019 година. Најголемиот дел од годишниот промет, односно речиси 51%, е остварен во првиот квартал од годината. Вредноста на МБИ-10 забележа благ пораст од 1,2%, иако растот не беше дисперзиран, туку предизвикан од вредноста на акциите на само три од десетте друштва коишто го сочинуваат индексот. Нето-вредноста на средствата на инвестициските фондови со кои управувале друштвата за управување, на 31 декември 2020 година, изнесувала 145,5 милиони евра, што во однос на 2019 година претставува зголемување од 3,72%  – рече таа.

Во текот на 2020 година, пензиските фондови ја задржаа стабилноста на средствата, и покрај повремените нерамнотежи на пазарите на капитал предизвикани главно од влијанието на пандемијата.

– На крајот на 2020 година ја надминаа вредноста во однос на минатата година за околу 15,3%. Оттука, и анализираните показатели на МАПАС покажуваат остварување соодветни резултати и остварен принос кај пензиските фондови, што е проследено со регулаторно воспоставено корпоративно управување кај пензиските друштва – истакна претседателот на Советот на експерти на МАПАС Максуд Али.

Според ретседателот на Советот на експерти на АСО Крсте Шајноски, финансиската состојба на осигурителниот сектор на крајот од минатата година е подобрена, а друштвата за осигурување се солвентни и ликвидни.

– Последиците од пандемијата главно беа почувствувани преку падот на склучените договори за осигурување моторни возила за патувања во странство, како и кај патничките осигурувања и осигурувањата на животот – рече Шајноски.

Тој посочи дека намалувањето на активноста на осигурителите придонесе за пораст на нивната профитабилност.

– Вкупниот износ на бруто полисирани премии во 2020 година е 10.059 милиони денари, што е годишен пад за 4,8% во споредба со 2019 година (2019: 10.563,3 милиони денари).Вкупната актива на осигурителниот сектор на крајот на минатата година изнесува 25.715 милиони денари и во споредба со состојбата на крајот на годината пред тоа бележи пораст од 7,5%. Значителното учество на вложувањата во финансиски инструменти е задржано и на крајот од 2020 година, што е гаранција за стабилноста на секторот –  рече тој.

На седницата беше истакнато дека минатогодишните остварувања на финансискиот систем ја отсликуваат неговата подготвеност за одговор на предизвиците од кризата, а дека секако и натаму е потребен превентивниот претпазлив пристап и од страна на сите учесници во системот.

Поврзани содржини