Комисијата не констатираше лекарска грешка во случајот со родилката Веапоска – бубрегот ѝ бил изваден зашто имала хематом и обилно крварење

Единствениот пропуст што го нашла Комисијата, бил дека постои несовпаѓање во напишаните податоци за полот на новороденчето, односно таа родила женско дете, а било напишано дека е машко.

757

Комисијата што ја формираше министерот за здравство Венко Филипче за да го испита случајот со родилката Јилдиз Веапоска од Дебар на која на породување во Струга ѝ беа извадени три органи, не констатирала недостатоци, неправилности или пропусти во здравствената установа во Струга.

Комисијата составена од седум членови имаше задача да изврши надзор над стручната работа на ЈЗУ Општа болница во Струга, а во врска со општата состојба и лекарскиот третман на пациентката која остана без матка, јајник и бубрег.






Единствениот пропуст што го нашла Комисијата, бил дека постои несовпаѓање во напишаните податоци за полот на новороденчето, односно таа родила женско дете, а било напишано дека е машко.

„Кај пациентката е направен царски рез и е добиен жив женски плод. Пациентката, ноќта се жали на болки во стомакот, повикан е анестезиолог, направена е крвна слика и дадена ѝ е терапија. Во постоперативниот тек пациентката е следена интезивно од страна на медицински тим гинеколози и анестезиолози во струшката болница. На првиот постоперативен ден (28.08.2020) состојбата на пациентката е стабилна, но од крвните анализи се воочува редукција на крвната слика, а целиот лекарски тим постапува по сите протоколи и доктрини, дадена е терапија, но анализите покажуваат пад на хемоглобин. Вториот постоперативен ден пациентката е стабилна со уредни параметри, таа била активна и подвижна, на пациентката ѝ е направена контролна крвна слика. Третиот постоперативен ден на утринската визита пациентката е исто така во стабилна општа состојба со уредни витални параметри, уредна температура, контролната крвна слика покажува пад на хемоглобин и на еритроцити“, наведено е во извештајот.

Според Комисијата, четвртиот ден, пред да биде испишана од болница, состојбата ѝ се влошила и таа добила тахикардија, хипотонија и клиничка слика која укажувала на хеморагичен шок односно состојба со многу низок хемоглобин, што било индикација за итна интервенција. Откако се интервенирало, увидено било дека таа има крварење во дел од стомакот каде се наоѓаат репродуктивните органи и бубрезите. За да се спречи крварењето отстранет ѝ е левиот бубрег, за како што стои во извештајот, да се спаси животот на пациентката.

За ова, според Комисијата, лекарите од струшката болница ги консултирале колегите анестезиолози од КАРИЛ и одлучено е пациентката да биде транспортирана во Скопје.

Во март годинава, за случајот беше разрешен директорот на струшката болница, доктор Мухамед Асани, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат кај него дома во засебен инспекциски надзор најде дива ординација. По ова, за работата на докторот Асани се отвори постапка и во обвинителството во Струга.

Лекарската комора првично не најде пропусти во третманот на родилката Веапоска, по што министерот Филипче формираше нова комисија составена од професори и лекари од неколку Универзитетски клиники во Скопје, правник од Министерството за здравство и од ДСЗИ, која денеска го поднела извештајот до Министерството за здравство.

Поврзани содржини