Комерцијална банка ќе исплати дивиденда
Според предложената одлука, нераспределената добивка од 2019 година се распоредува на 553 милиони денари за резерви на Банката со која се зголемува нејзиниот капитал и 1.253 милиони денари за дивиденда на акционерите на Банката.
И поркрај тоа што Народната банка препорача банките да го зголемат капиталот и да не исплаќаат дивиденда, Управниот одбор и Надзорниот одбор на Комерцијална банка сметаат дека Банката треба да исплати дивиденда, бидејќи 52,9 отсто од акционерите веќе се изјасниле за тоа по пат на кореспонденција и дополнително поради фактот што Банката секоја година го зголемува сопствениот капитал како што е планирано и за годинава, соопшти банката преку Македонска берза.
„Согласно препораките на Комисијата за хартии од вредност за учество и гласање на Собранието по пат на кореспонденција, кое беше закажано за 2.04.2020 година, заклучно со 27.03.2019 година, 52,92% од акционерите на Банката веќе гласаа за предложената Одлука“, стои во соопштението.
Според предложената одлука, нераспределената добивка од 2019 година се распоредува на 553 милиони денари за резерви на Банката со која се зголемува нејзиниот капитал и 1.253 милиони денари за дивиденда на акционерите на Банката.
Двата одбори на Банката образложуваат дека Одлука е оправдана.
– Комерцијална банка постојано издвојува значаен дел од добивката во резерви и го зголемува сопствениот капитал. Така на пример, само во 2019 година беа издвоени 823 милиони денари (13,4 милиони евра) од добивката во 2018 година, а и оваа година со предложената одлука се издвојуваат 553 милиони денари (скоро 9 милиони евра) во резерви на Банката. Со тоа капиталот на Банката ќе достигне износ од 11.987 милиони денари (или скоро 195 милиони евра). Тоа покажува дека Комерцијална банка има солидна капитална основа да се соочи со очекуваните движења и последици врз стопанството и населението, ги исполнува сите законски и супервизорски стандарди, е ликвидна и солвентна – велат од Банката.
Оттаму додаваат дека Комерцијална банка е речиси целосно во сопственост на домашни акционери.
„Со состојба на 29.02.2020 година, 96,42% се домашни акционери и само 3,58% се акционери од странство. Тоа значи и дека скоро целиот износ на предвидената дивиденда, односно 96,42%, ќе биде исплатен на домашни правни и физички лица, за разлика од другите поголеми банки, каде вообичаено исплатената дивиденда се трансферира во странство.Во случајот на Комерцијална банка, според сегашната состојба на акционерската книга, дивидендата ќе им биде исплатена на 4.555 домашни физички лица во износ од 476 милиони денари, на 344 домашни правни лица во износ од 679 милиони денари и ќе биде исплатен данок кон Буџетот во износ од 57, 4 милиони денари. Тоа значи дека со исплата на дивидендата ќе се подобри ликвидноста на сите овие субјекти, вклучувајќи го и Буџетот на државата, што сметаме дека е особено важно во овој период кога и стопанството и населението се соочуваат со проблеми“, се вели во образложението.
Исплатата на дивидендата, велат од банката, очекуваме да се случи по завршувањето на вонредната состојба и продолжување на Собранието на акционерите на Банката или кога за тоа ќе се создадат законски услови со Уредбата за примена на Законот за трговските друштва.